1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Давос: нов поттик за Европа

Андреас Бекер
26 јануари 2018

Која е улогата на Европа во свет растргнат меѓу слободната трговија и протекционизмот? Панел на Светскиот економски форум во Давос понуди неколку решенија за иднината на Европа.

https://p.dw.com/p/2rYff
Friedensnobelpreisträger, die EU
Фотографија: Getty Images/J.Guerrero

Американскиот претседател Доналд Трамп сака да ги стави САД на прво место. Кина е далеку од промотор на демократија и човекови права. Затоа, некои Европејци сметаат дека е време тие да преземат поголема одговорност и да играат посилна улога на светската сцена. Во нивните говори во Давос, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон говореа за слободна трговија, меѓународни правила и универзални човечки вредности.
Единствениот проблем е што и самата ЕУ е поделена. Финансиската криза остави длабоки лузни, невработеноста е висока во многу држави, миграциската криза ги затегна односите меѓу земјите-членки, а национализмот е во пораст.
Сепак, ЕУ комесарката за трговија Сесилија Малстрем верува дека Европа има многу да му понуди на остатокот на светот. Во недостатокот на лидерство во САД таа гледа шанса за ЕУ „да покаже дека може да реализира добри трговски договори кои се одржливи и обострано корисни. Можеме да ги промовираме европските вредности преку тоа, и можеме да формираме сојузништва и пријателства со земјите од целиот свет“, порача Малстрем.

Останува многу работа

Марк Руте, премиерот на Холандија, се согласи но додава дека дури и европскиот заеднички пазар се уште не е до крај реализиран.
„Можеме да додадеме 1,5 трилиони евра кон европската економија- тоа е колку целата шпанска економија- со имплементирање на заеднички пазар за дигитални услуги, капитал и енергија“. Со нивното додавање би се отвориле нови 4 милиони работни места во Европа. „Во моментов не го правиме тоа. Европскиот внатрешен пазар е само за стоки, а само 30 проценти од европската економија е дел од внатрешниот пазар“, вели Руте.
Португалскиот премиер Антонио Кошта се обиде да гледа на посветлата страна. По одлуката за Брегзит во Британија, „имаме нова енергија за промени во Европа“, вели тој, „тоа е Брегзит парадокс: преостанатите 27 земји прават напори за унапредување на Европа“. Кошта упати на поблиската соработка во одбраната, пример кој го потенцираа и Меркел и Макрон претходниот ден.

Schweiz Davos Weltwirtschaftsforum 2016 Mark Rutte
Холандскиот премиер Марк РутеФотографија: Reuters/R. Sprich

Стравови и поделби

Но, тоа што Германија и Франција се претставуваат како мотор на Европа, ги загрижува помалите земји, вели ирскиот премиер Лео Варадкар. „Не сакаме да гледаме состаноци во Париз и Берлин каде се поканети само држави со повеќе од 40 милиони жители- а на малите земји отпосле им се кажува што е добро за Европа“.
Миграциската криза ги извади на виделина нови поделби во Европа. Земји како Унгарија и Полска одбиваат да прифатат мигранти, додека Италија и Грција гледаат како на бреговите секојдневно им пристигнуваат бродови со нови бегалци. „Тоа е европски проблем“, вели грчкиот премиер Алексис Ципрас. „Затоа ни е потребна заедничка европска имиграциска и политика за азил“. На Унгарија и Полска не смее да им се дозволува да си ги бираат придобивките од ЕУ, додава Ципрас. „Имаме правила. За врема на финансиската криза германскиот министер за финансии Шојбле на сите им порача дека правилата се правила. Тоа треба да го разбере и мојот пријател Виктор Орбан: правилата се правила“, рече Ципрас.
Но, национализмот расте, во Унгарија, Полска, Германија и во други земји.
Како покрај сето тоа Европејците да играат глобална улога, доколку се заглавени во интерни спорови? „Затоа што нема никој друг кој може да ги проектира универзалните вредности“, вели Тимоти Снајдер, американски професор на Универзитетот Јејл. „Ова е шансата на Европа, ова е нешто што во моментов никој друг не може да го стори“.

Schweiz WEF 2018 "New Momentum for Europe" | mit Peter Limbourg
Нов поттик за Европа- од дебатата во Давос: Петер Лимбург (директор на Дојче веле), Антонио Кошта (премиер на Португалија), Лео Варадкар (премиер на Ирска). Фотографија: World Economic Forum/S. Blaser