1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Договорот ќе преживее?

Катерина Блажевска26 октомври 2015

Многу е битно да се постигне договор до вечер, бидејќи ЕК утре треба да го затвори извештајот за напредокот на Македонија, предупредуваат извори упатени во преговорите.

https://p.dw.com/p/1Gu91
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Денеска истече и последниот краен рок што меѓународните гаранти им го дадоа на партиите за да ги надминат несогласувањата, а не се решени клучните обврски од договорот: утврдувањето на надлежностите на министрите предложени од СДСМ во преодната влада, како и комплетирање на тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева. Не се усогласени ни законите за „бомбите“ и за заштитата на „свиркачите“, но се смета дека тие не се од пресудна улога за опстанокот на Договорот. Kлучот за разврска беше кај ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека таа партија ги спореше ингеренциите на новите министри. Веројатно тоа е и причината што европскиот олеснувач Питер Ванхауте викендов имал билатерална средба само со претставници на ВМРО-ДПМНЕ, а не и со другите партии. До денес нема информации дали на таа средба е постигнат некаков напредок, ниту најава дали ќе денеска ќе има средба Работната група. Извори упатени во преговорите сметаат дека ако не се постигне договор до вечерва, шансата ќе биде пропуштена, со оглед дека утре Европската комисија треба да го затвори извештајот за напредокот на Македонија. Партиски извори оставаат мали шанси во последен миг да се спаси препораката за преговори, но и тоа е неизвесно, бидејќи премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, викендов замина во Обединетите Арапски Емирати.

„Секогаш кога има критични прашања за иднината на Република Македонија Никола Груевски одбира да избега, како што е и во овој случај“, рече во саботата портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

„Договорот е вон сила од моментот кога го прекрши ВМРО-ДПМНЕ со некомплетирањето на тимот на специјалниот обвинител. Дали Македонија ќе заврши како Белорусија или ќе продолжи со своите европски интеграции, за жал, зависи од Никола Груевски. Дали и како ќе продолжи СДСМ со понатамошниот ангажман, навремено ќе бидете информирани. Сите опции се отворени. На Никола Груевски времето му одминува и часовникот му отчукува“, рече Шилегов.

Губење на препораката - ништо трагично?

Сите опции се отворени и за ВМРО-ДПМНЕ, но и од таму исто така не посочуваат што конкретно ќе значи тоа. Тие го обвинуваат СДСМ за опструирање на Договорот со нови барања кои не биле дел од него. Според аналитичарите, насоката кон која ќе се движат работите, се наѕира од говорот на премиерот на Денот на македонската револуционерна борба, а кој го открива и начинот на кој Груевски го „чита“ Договорот.

Mazedonien - Parteichef Zoran Zaev
Зоран Заев и Радмила ШеќеринскаФотографија: MIA

„Основна и единствена цел на договорот беше да се организираат избори на кои народот ќе може да одлучува во фер и демократски услови кои нема да создадат сомнеж за некаква нееднаквост, за дискриминација или фаворизација. Изборите се финалната цел на тој договор, заради која постојат другите одредби од договорот, кои се патоказ како да се стигне до финалната цел - изборите. Министрите и замениците со право на вето согласно договорот треба да осигураат балансираност на институциите и одвраќање од потенцијална улога на институциите во фаворизации и дискриминации, и тоа е функцијата на овие лица. Тие треба да ја обезбедат демократијата, а не да бидат алатки во политичката функција. Тие треба да го бранат, а не да го напаѓаат правото на глас. Тие треба да не дозволат влијанија на институциите во изборниот процес, а не да прават влијание во изборниот процес“, рече Груевски.

Освен што ги претстави изборите како единствена и главна цел на Договорот, а не само последна фаза и природен след по други идентично важни реформи, Груевски од името на народот протолкува и дека губењето на препораката нема да биде доживеано трагично.
„Барам седми позитивен извештај за Република Македонија, седма препорака и датум за почеток на преговорите. Тоа е цивилизациски, морално и оправдано. Нема човек кој смета дека ова е незаслужено. Сега се зборува дека ќе биде одземена препораката. Губењето на препораката народот нема да го доживее трагично, и таа е бесмислена ако нема почеток на преговори“, рече Груевски.
Се покажа дека власта се плаши од три големи работи во договорот од Пржино, оцени заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

„Се плашат од ’бомбите’, бидејќи се жива вистина за оваа наша Македонија. Се плашат од каква било истрага за секое од злоделата во ’бомбите’ и трето - ВМРО-ДПМНЕ ќе даде се, ама министер за внатрешни не им се дава, бидејќи МВР го претворија во партиски приврзок“, рече Шекеринска.

Страв од судири

Додека партите се обвинуваат, неизвесноста во јавноста расте. Се прогнозираат разни сценарија, но никој не знае што ќе се случи до вечер. Во колумна под наслов „Влез во безизлез“, аналитичарот Даут Даути пишува: „И покрај тоа што вчера добивме еден час во мерењето на времето, далеку од пророчките можности се аналитичките способности за да се предвиди како тој час се одразил на политичкиот договор кој западна во ќорсокак поледните десетина дена. Иако опозицијата почна да му брои на ВМРО-ДПМНЕ 'тик-так, тик-так', како предупредување дека како партија ќе биде одговорна за пропаѓањето на Договорот од Пржино, сепак работите останаа во пат-позиција, откако средбата лидерите во петокот не ги разреши недоразбирањата, а кога лидерите не успеале, работните групи не можат повеќе од своите шефови“.

Дел од аналитичарите прашуваат: „Што бара Груевски во Абу Даби и зошто токму во ваков момент“? Други предупредуваат на лошите сценарија во кои може да западне Македонија, ако Договорот кој сега е приклучен „на апарати“, биде прогласен за мртов. Стравуваат од мотивирање на граѓански судири, со цел Договорот да падне во сенка на елементарната безбедност. Според новинарот Сашо Оданоски, една од варијантите на кои може да игра Груевски е сосема да се растури договореното, за целиот тој „пакет“ да стане историја.

„Во политиката на конфликтот, на краток рок, оној што го контролира теренот е тој што го управува процесот. Груевски се надева, со употреба на сите средства, да надвладее во таа конфронтација, за да може да почне да поставува свои услови за нејзино смирување. Колку што слушам, во некои од подружниците на ДПМНЕ веќе се лиферуваат размислувања за подготовка за можни граѓански судири.
На пример, во ваков контекст, апсењето на Заев би било основа за политички преговори за негово ослободување, што ќе бара концесии од сите страни, при што крајната отстапка на Груевски би била ослободувањето на Заев, што значи дека тој не би направил никаква суштинска отстапка во тие пазарења, за разлика од другата страна која би била приморана на некакви отстапки. Резултатот од оваа опција на Груевски, преку покажување 'цврстина и 'решителност', би бил обидот да се деморализира демократската јавност и да се принуди меѓународниот фактор Груевски да го прифати како ефективна сила за разрешување на кризата“, оценува Орданоски.

Други пак, сметаат дека власта нема да има ни можност ни време за никакви маневри, бидејќи е извесно дека меѓународните гаранти на Договорот кон претставниците на власта ќе испорачаат „одредени мерки“.