1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали источна Европа добива шкарт производи?

СН/ агенции
3 март 2017

Ист производ всушност не е ист на западот и на истокот на ЕУ, тврдат лидерите од Вишеградската група. Зошто еден крем од чоколадо и лешник од иста фирма содржи повеќе какао во Германија отколку во Полска?

https://p.dw.com/p/2Yb5O
Lebensmittelgeschäft in Kroatien
Фотографија: DW/I.Lasic

Дали сме депонија на Европа? Зошто добиваме полоши производи отколку Германците или Австријците? Вакви и слични обвинувања можат да се слушнат деновиве во Чешка и во Словачка. Потрошувачите не веруваат дека на рафтовите во супермаркетите навистина го добиваат она што им е ветено на рекламите. Словачкиот премиер Роберт Фицо остро ги критикува мултинационалните компании. Вели оти е „неприфатливо“ во посткомунистичките земји да доаѓаат производи од иста марка, но со полоша содржина отколку во западна Европа. Таквата пракса е „понижувачка“.

Заедно со колегите од Чешка, Полска и Унгарија, Фицо сака да го зголеми притисокот врз Европската комисија во Брисел да се воведат законски контролни механизми. Важна тема на состанокот на Вишеградската група во Варшава беа прехранбените производи со послаб квалитет. „Во ЕУ смее да има само едно ниво на квалитет за сите - и тоа највисоко“, порача чешкиот премиер Бухуслав Соботка.

Потрошувачите сега имаат и црно на бело: тестирањето кое го спроведе Министерството за економија во Братислава покажува дека речиси половина од испитаните производи од Словачка се со послаб квалитет од номинално истите производи кои се продаваат во Австрија. Оценето е оти во производите постојат големи разлики кај месото, сирењето, адитивите, конзервансите, па и во количеството.

За Германците повеќе какао

Милош Лауко од словачкото Здружение на потрошувачи го отфрла аргументот дека составот на еден производ е веќе наведен на пакувањето. „Купувачот сам не може да спореди што е напишано со ситни букви на производот на исток, а што на запад. „Покрај тоа производите не се и автоматски поефтини. „Токму производите на познати марки често имаат исти цени, а полош квалитет“, вели Лауко.

V4 Visegrad Treffen Warschau Polen
Фотографија: picture alliance/dpa/Zumapress

Критичарите на иницијативата на Вишеградската група сметаат оти станува збор за обид да се пронајдат нови популистички теми кои би ги обединиле. Во време на бегалската криза, неформалниот сојуз сложно се спротистави на плановите на Брисел кои се однесуваа на бегалските квоти- иако во овие 4 земји бегалци речиси и да немаше. Исто така постојат обвинувања за дискриминација од страна на странските трговски ланци.

На таа тема веќе подолго време на големо се дискутира. Магазинот за потрошувачи „ДТест“ од Прага минатата есен објави резултати од споредбена анализа на нугат кремот од лешник од Германија, Италија, Полска и Словенија. Победник на тестот беше производот од Германија во кој имаше најголем дел какао. Меѓутоа, резултатот на испитувањето не беше сосема јасен: „Одделни оценувачи наведоа дека вкусот на лешникот е помалку изразен“, рече главната уредничка Хана Хофманова.

Лубош Палата од прашкиот весник „МФ Днес“ во целата кампања гледа „парадокс“. Истите тие Вишеградски држави, кои сега бараат поголема контрола, во други случаи зборуваат за „диктат на Брисел“- на пример кога станува збор за владеење на правото. „Имаме право на еднакво квалитетни производи како и цела ЕУ- но и право на еднакво добра демократија“, истакнува чешкиот новинар.

Истовремено, политичарите во Романија се загрижени поради тоа што домашните производи во супермаркетите сѐ повеќе се потиснати од поевтини западни производи. Затоа во средината на минатата година е усвоен закон кој пропишува оти во супермаркетите мора да има 51 насто домашни производи. Против тоа ЕУ сега започна постапка.