Дали короната „го нападна“ и нашето пријателство?
20 февруари 202117-годишната Ана Шмит пред корона-кризата често излегуваше со другарките. Во нејзината „екипа“ се седум другарки кои се познаваат со години. Но сега е се поинаку. Наместо да се дружат во живо и заедно да одат во шопинг и да се забавуваат, младите девојки се дружат онлајн и преку социјалните мрежи. И наставата им се одвива виртуелно. Ана веќе воопшто нема контакти со другарките од училиште, но со нив секако и не се дружеше многу во слободно време. Понекогаш оди на прошетка само со една другарка од населба. „Не се дружам со другите другарки бидејќи моите родители ми рекоа да немам многу контакти поради страв од големиот број заразени, “ вели таа за ДВ.
Од почетокот на корона-рестрикциите, пред речиси една година и пријателствата се најдоа на голем тест. За време на локдаунот е забрането собирање на поголеми групи луѓе. Поради страв од зараза (за себе или другите) многумина своите средби и дружења ги „префрлија“ надвор, на отворено. Но, во зимските месеци тоа не е баш секогаш изводливо. Возрасните кои имаат и деца едноставно немаат време за дружба со пријателите бидејќи периодов се доволно ( и тоа дупло) оптоварени со обврски – истовремено работат и се грижат за децата кои следат настава од дома. Со пријателите порано излегувале во кафулиња или спортски клубови кои се сега затворени.
Нова блискост?
Дали короната „го нападна“ и нашето пријателство? Одговорот не е баш едноставен, вели Волфганг Кругер, психотерапевт од Берлин и автор на книгата „Пријателство: почеток, подобрување, креирање“. Кругер препознава два типа на пријателство – „блиски пријателства“ и „секојдневни пријателства“. „Секојдневните пријателства се базираат на некои работи кои ги правиме заеднички, на пример, пеење во хор, спорт, дружење во кафуле или играње карти. Но со оглед на тоа дека ништо од ова сега не може да се прави, ваквите пријателства затоа сега пропаѓаат,“ вели тој за ДВ.
Повеќе:
-Локдаун до недоглед: Како да се мотивираат изморените Германци?
-Коронавирус: Десет совети за позитивни мисли во битка со болеста
-Како да го зајакнете имунитетот среде пандемијата на коронавирусот?
Ова најмногу ги погаѓа постарите мажи кои живеат сами. Здружението „Мрежа“ кое помага во криза, потврди за ДВ дека е регистриран зголемен број на постари лица кои ги контактираат и кои бараат помош. Тоа се луѓе кои се чувствуваат многу осамени.
За таканаречените „блиски пријателства“ психотерапевтот Кругер има добра вест. „Тоа се максимум до три пријатели – луѓе со кои можете се да си кажете сѐ, луѓе на кои им верувам, каде постои голема доза на интимност. А таквите пријатели во ова корона-време ги барам многу повеќе од порано,“ ни вели тој. Во кризни времиња има зголемена желба за контакт и муабет, особено со најблиските пријатели. „Овој вид на пријателства дури и се интензивира периодов,“ нагласува Кругер.
Кога луѓето не се гледаат, во прв ред страда таа меѓусебна интимност, објаснува Кругер. Нагласува дека довербата се создава и благодарение на тоа што луѓето може да се почувствуваат и помирисаат. “„И сега во време на корона мора да комуницираме некако, да водиме доверливи разговори за да може да го компензираме тоа,“ појаснува Кругер.
И Ана вели дека се допишува со една другарка. Си пишуваат писма. „Сега сме уште подобри другарки отколку пред короната. Претходно само „четувавме“ во група со другите,“ вели Ана. Од друга страна контактот со останатите другарки се влошил: „Некои од нив не се јавуваат толку често и некако имам чувство дека целосно ги губам од вид.“
Важни или неважни?
Научниците во целиот свет веќе некое време се занимаваат со оваа тема и дојдоа до слични резултати. Универзитетот во Лондон во рамки на едно истражување од минатото лето дојде до заклучок дека речиси 50% од луѓето немале никакви промени во нивните пријателски односи. Околу 22% имале чувство дека тие им се влошиле додека 15% дека им се подобриле.
Но зошто некои луѓе ги губат пријателите во кризни времиња – иако претходно биле доста блиски? Социологот Јанош Шобин од Универзитетот во Касел тоа го објаснува со комплексните односи во „екипата“. Ранг листатата на интензитетот на пријателските односи може да се дефинира на различни начини. Во нормални околности тоа и не е голем проблем, но во време на корона луѓето мора да се концентрираат само на неколку пријатели. „А кога тоа внимание се алоцира, тогаш помал број од добрите пријатели добива доволно внимание, а останатите никакво,“ објаснува тој. Затоа луѓето имаат чувство дека нивните пријатели им се оддалечуваат. Сепак, сите оние кои се чувствуваат осамени може и да си помогнат. „Луѓето може да се прилагодат, малку да си ја 'излуфтираат' листата на пријатели и да видат кој им е на врвот?“ Односно да ги интензивираат односите со оние со кои до неодамна биле само површни „секојдневни пријатели“.