Да се криминализираат ли лажните вести?
15 декември 2016Политичари, корисници на вести и претприемачи на социјалните медиуми го свртеа вниманието кон лажните вести, во најголем дел поради нивното наводно влијание врз претседателските избори во САД. Една група психолози уште во 2012 година објавија студија за последиците од дезинформациите, предупредувајќи дека тие би можеле да имаат „алармантни импликации во една демократија“.
„На индивидуално ниво, дезинформациите за здравствени проблеми- на пример, неоснованите стравувања од вакцинација или неоснована доверба во алтернативна медиција- можат да направат голема штета“, изјави водечкиот автор на студијата, Стефан Левандовски, австралиски психолог.
„На ниво на општеството, константните дезинформации за политички проблеми можат да создадат голема штета. На глобално ниво, дезинформациите за климатските промени одложуваат ефективна акција“, вели тој.
Додека гигантите како Фејсбук создаваат систем за одбележување на „лажни вести“, властите не успеваат да најдат начин како да ја пресретнат растечката тенденција на онлајн дезинформирање.
Германскиот пратеник Патрик Зензбург, член на ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, во интервју за ДВ вели дека владата треба да размисли за „зголемувањето на законските прекршоци“ против авторите на лажните вести и да „преземе акција против луѓето кои ги водат таквите интернет страници“.
Неколку германски политичари побараа правни мерки за борба против растечкиот феномен. Вицепремиерот Зигмар Габриел рече дека „мора да се обединиме“ против лажните вести и ботовите на социјалните медиуми“.
Зензбург вели дека таквите мерки нема да ја „намалат слободата на изразувањето“, туку да го спречат ефектот на „дестабилизација на медиумскиот пазар и довербата на населението во државата“.
Германските пратеници стравуваат дека Москва би можела да се обиде да го поткопа и изборниот процес за германскиот Бундестаг следната година, откако во јавноста се појавија информации дека Русија поддржувала лажни вести во поддршка на Доналд Трамп на изборите во САД.
Политичарот на ЦДУ, Ансгар Хевелинг, за весникот „Пасауер Ноје Пресе“ изјави дека таквите упади во германскиот изборен процес се опасни, предупредувајќи дека „Русија има интерес да го подели и вознемири нашето општество“.
Но, пратениците се уште не изнеле детални мерки за борба против лажните вести и дезинформации на интернет, освен предлогот да се врши притисок врз платформите на социјалните медиуми да избришат одредена содржина. Но обидите да се криминализираат акции на социјалните медиуми или да се контролира содржината која е достапна на платформите се соочуваат со отпор.
Исклучиво саморегулација
Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ на почетокот на месецов соопшти дека „никој не треба да биде казнет за своите активности на социјални медиуми преку постови и директни пораки, освен доколку тие активности се директно поврзани со насилни акции или повикуваат на бесправна акција“.
„Проблемите поврзани со активностите на социјалните медиуми треба да бидат адресирани исклучиво преку само-регулација и образование, а не преку нови забрани“, вели таа.
Директорот на Европската иницијатива за дигитални права (ЕДРИ), Џо Мекнами за ДВ вели дека социјалните медиуми како Фејсбук не треба да добијат мандат да селектираат содржина на нивните платформи.
„ЕДРИ силно ќе се спротивстави на тоа приватните, профитно ориентирани компании да станат арбитри на вистината и законодавци, судии, пороти и извршители на нашата слободата на комуникации“, вели Мекнами.
Свиркачот Едвард Сноуден изјави деновиве дека стратегијата против лажните вести не смее да се врти околу цензура.
„Проблемот со лажните вести не може да се реши со судија, туку кога ние како учесници, како граѓани, или корисници на услугите ќе си помогнеме едни на други“, вели Сноуден.
„Одговорот на лош говор не е цензура. Одговорот на лош говор е повеќе говор. Мораме да ја искористиме и рашириме идејата дека критичкото размислување е важно повеќе од било кога, поради тоа што лагите се чини стануваат сѐ попопуларни“, вели поранешниот вработен во американската НСА.