Дали Москва се врти против Техеран?
31 јануари 2019Минатата сабота израелскиот министер Јоав Галант најави дипломатски успех на владата. Израел има план да ги потисне иранските трупи од Сирија и притоа може да смета на руска поддршка. Блиската соработка на Москва и Техеран се приближува кон крајот, изјави тој. „Русите гледаа на Иран како на партнер сѐ додека мораа да се борат против бунтовничките групи кои се против Асад“, рече Галант.
Оваа ситуација, тврди тој, се промени, што резултираше со вртење на Москва кон Тел Авив. „Израел и Русија имаат заеднички интерес во тоа да ги истераат Иранците од Сирија“, тврди министерот, додавајќи дека Израел веќе има изработено план.
Заедно против Иран?
Русија првично беше воздржана. Изминативе денови Москва ги критикуваше воздушните напади на Израел врз ирански позиции во Сирија. „Праксата на произволни напади на подрачје на суверена држава, во овој случај Сирија, мора да прекине“, рече портпатолката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова.
Но, потоа уследи многу јасно признание на Москва за партнерство со Израел. „Не ја потценуваме важноста на мерките кои јасно гарантираат безбедност на Израел“, изјави заменикот шеф на руската дипломатија Сергеј Рјабков. „Тоа го знаат Израелците, го знаат САД, а конечно го знаат и Иранците, Турците и владата во Дамаск. Тоа е еден од најголемите приоритети на Москва“.
Политичкото приближување минатата година произлезе од интензивните дипломатски контакти. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повеќепати разговараше со рускиот претседател Владимир Путин во Москва - последен пат беше таму во јули.
Двете земји ги спојува интересот да го држат Иран подалеку од Сирија. За Израел, присуството на Иран непосредно пред неговата граница е неприфатлива закана. Русија, од друга страна, силите верни на Техеран во Сирија ги гледа како фактор на немир во Сирија, кои ги подриваат напорите на Москва да воспостави мир по осум години војна.
Политичкото отуѓување меѓу Москва и Техеран е можно да водело и до помали судири. Магазинот Шпигел пред неколку дена јави дека групации на Русија и Иран пукале едни врз други во рамнината Ал Габ на северозападот на провинцијата Хама.
Рами Абдулрахман, директор на Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон, смета дека извештајот за оружениот судир е претеран. Русија навистина се обидува да го намали влијанието на Иран, но до борби досега не дошло, тврди тој.
Ни иранските медиуми не известуваа за оружени судири меѓу бившите сојузници. Но, претседателот на иранскиот Национален комитет за безбедност и надворешна политика и префрли на Русија дека го исклучила антиракетниот одбранбен систем С-300 за време на израелските напади во Сирија минатиот викенд.
Немоќта на Асад
Абдулрахман смета дека одлуката за иранското присуство во Сирија не е само во рацете на Асад. „Сирискиот режим повеќе нема моќ на одлучување во земјата. Надвор од главниот град постојано има делови со кои владеат иранските паравојски и Хезболах“, вели Абдулрахман.
Но севкупно би можело да биде тешко да се задржи Иран во целост надвор од Сирија. И поради тоа што иранските бизнисмени во Дамаск имаат бројни недвижности. Нивното присуство во најмала рака би можело да ги зајакне економските врски меѓу двете земји.
Израел во моментов се обидува да го држи Иран што подалеку од своите граници. И во тоа, владата во Ерусалим би можела да смета на поддршката на Москва. Русија минатата година го принуди Иран да ги стационира своите трупи максимум на 85 километри од границата, вели Рјабков. Иранското присуство во Сирија наидува на сѐ посилен отпор.