1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали победата над ИД ќе донесе мир во Мосул?

Матијас фон Хајн
11 јули 2017

Анти-ИД-коалицијата знае како да се бори. Тоа го докажа во Мосул. По протерувањето на ИД таа сега мора да покаже и дали знае како треба во време на мир. Матијас фон Хајн оценува дека тоа ќе биде тешко.

https://p.dw.com/p/2gJwO
Irak Mossul Rückeroberung Soldaten Fahne
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Senna

Крвавата, брутална битка за Мосул траеше девет месеци. Таканаречената Исламска држава (ИД) е конечно минато во вториот по големина град во Ирак. Џихадистите загубија место со големо симболичко значење: тука пред речиси точно три години Абу Бакр ал-Багдади прогласи Калифат. Тоа го стори во џамијата Ал-Нури, која неодамна беше урната од самата Исламска држава. Почна да го снемува ореолот на непобедливост што ИД го пропагираше постојано од моментот кога во 2014 година ирачката армија побегна пред неколку стотини нејзини борци.

Протерувањето на ИД од Мосул би можело да биде причина за славје доколку состојбата на луѓето во градот сега конечно би станала подобра, доколку се донесат мерки за обнова на уништениот град, доколку луѓето во иднина живеат безбедно. Меѓутоа, сето ова не е случај. Не само затоа што ИД и по загубата на својата територија и натаму ќе испраќа атентатори самоубијци на пазарите, туку и поради тоа што никој не знае како да се пополни вакуумот на владеење што го остави ИД.

Единственото нешто што ги обединува дивергентните сили во Анти-ИД-коалицијата е тоа што се против Исламска држава. Сега, кога ИД е протерана од Мосул, на површина би можеле да испливаат повторно сите противречности. Во Мосул се собрани ирачката армија, полициски и антитерористички единици (во сите главно доминираат шиити, исто како и во владата во Багдад), таканаречени Милиции за народна мобилизација (во кои исто така доминираат шиити, од кои дел имаат блиски врски со Иран), милиции на сунитски племиња, како и курдски пешмерга-борци од две ривалски фракции.

von Hein Matthias Kommentarbild App
Матијас фон Хајн

Секоја од овие групи си има своја агенда. На пример, Курдите, кои на 25 септември сакаат да одржат референдум за независност на Автономниот Регион Курдистан, или пак шиитските милиции, кои најверојатно ќе се спротивстават на демобилизацијата која треба да се спроведе по победата во Мосул.

Крвопролевањето во регионот меѓу Еуфрат и Тигар се храни од нерешените конфликти меѓу сите овие групи, дополнително подгреани од конфесионалните тензии меѓу шиитите и сунитите. Сето тоа се случува во гравитацискиот центар на еден регионален конфликт меѓу Саудиска Арабија, Турција и Иран - и со мешање на Русија и САД како супер сили. Притоа, мора да се потсети дека и борбата против ИД е доцна последица на меѓународно-правно проблематичната војна на САД против Ирак во 2003 година.

Ирачката армија и милициите платија висока цена во крв при повторното освојување на Мосул. Тие за возврат ќе бараат политичко влијание, или барем да можат да заработуваат од обновата на градот. Меѓутоа, највисоката цена сепак ја плати цивилното население на Мосул. Убиени беа илјадници луѓе, околу 900.000 избегаа од градот. Населението во Мосул, кое носи сунистки белег, живее во страв и од терористите на ИД и од коалициските трупи. Групи за човекови права ја обвинуваат и коалицијата за воени злосторства.

Во подолго време ослободениот источен дел на градот веќе се шири лутина и незадоволство. И по шест месеци нема струја, вода се носи со цистерни на ОН, а наставниците во училиштата, кои беа отворени со големо славје, не добиваат плати. Во урнатини се и повторно освоените градови Рамади, Фалуџа и Тикрит.

Светот не може уште еднаш да си дозволи да организира војна, но не и мир. За обновата на Мосул ќе бидат неопходни многу, неверојатно многу пари од меѓународни донации. Тие пари би биле добро вложени, затоа што на тој начин би можело да се дејствува против раширеното чувство на запоставеност на ирачките сунити. Практично, тоа и го овозможи подемот на ИД. Она што, меѓутоа, сега е најважно е да не избие нова борба за превласт во Мосул.