Дали Софија е подалеку од Брисел?
10 јуни 2017Премиерот Зоран Заев се подготвува за официјалното бриселско причестување в понеделник и верува дека со неговата цврста определба за реформи, подготвеноста за дијалог во општеството и внимателните помирливи изјави кон соседите, ќе може да ја отвори вратата и на Европската Унија и на НАТО. Како и секој новодојденец на клучното место во Македонија и Заев е убеден дека убавите зборови и визијата од која не отстапи овие три години ќе може да ги капитализира со покана за почеток на разговори за влез во Унијата и со покана за членство во НАТО. Факт е дека во Брисел има расположение на Македонија да и се даде поголема шанса отколку што досега ја имаше и дека нашата држава може да послужи како модел во Западен Балкан како една земја потклекната во корупција и заробени институции може да се крене на нозе. Повторното испраќање во Македонија на екипата на Рајнхард Прибе е доказ дека ЕУ сака реформите да ги постави на брза пруга, додека енергијата на новата влада може да се забележи на секој чекор, и тие да не се загубат во партиско-изборни калкулации и додворување до различни слоеви во општеството. Испраќањето на Прибе има само едно значење – она што беше наведено во Итните реформски приоритети мора и да се оствари, без оглед колку би било тоа болно за многу структури.
Но патот кон Брисел води преку две соседски престолнини – Атина и Софија. Изјавата на Заев дека половина час разговарал со грчкиот премиер Алексис Ципрас за проблемите во меѓусебните односи и можностите за градење доверба (таа информација потоа беше потврдена и од Атина) не мора да значи ништо посебно ако не е поткрепена со постапки со кои ќе се означи новото разбирање меѓу двете земји. Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, објаснуваше зошто првата билатерална посета ќе биде токму на Атина, но тој беше внимателен да ги спушти очекувањата на разумно ниво за да не се претворат во загубени илузии.
Македонски и бугарски предрасуди
Во овој триаголник за Македонија е поважно како да ја спушти блокадата од Софија, затоа што сега изгледа дека бугарскиот главен град е подалеку од Брисел. Решавањето на ребусот со Бугарија ќе ја остави на чистина Грција и ќе го ослаби нејзиниот влог во блокирањето на интеграциите на Македонија. Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, даде неколку благонаклони изјави по формирањето на владата на Заев, но тоа не мора да значи ништо. Најавената посета на Заев на Софија на 20 јуни би можела да расчисти некои од дилемите колку се вистински зборовите на Борисов и дали може до 1 јануари 2018 (кога Бугарија ќе почне да претседава со Европската Унија) да се потпише контроверзниот, а и таинствен, договор за добрососедство.
Во еден историски пресврт за овдешните предрасуди кон Бугарите ние треба трезвено да се соочиме за местото на Бугарија и за местото на Македонија во Европа. Одамна поминаа југословенските денови, железната завеса ја снема, како што ја снема и онаа Бугарија на која многу луѓе и се потсмеваа. Да го земеме само последниот пример – Бојко Борисов пред некој ден изјави дека на трауматичниот 27 април ноќта му се јавиле тројцата клучни политичари, Зоран Заев, Никола Груевски и Ѓорге Иванов, и барале некаков совет, а и помош од него. „Иако јас не бев власт тогаш, бев во опозиција, бев никој. Затоа што се убедиле дека не само што сум добар човек, туку и многу сакам Македонија да е стабилна како држава, нашиот сосед да е стабилен", пластично ги опишуваше овие повици Борисов, но со тоа им го даде и вистинското значење. „Затоа ја убедив канцеларката Меркел и останатите дека треба да им се помага. За нас се важни, треба да ѝ дадеме шанса на новата влада“, зборуваше Борисов. Или пак соопштението од бугарската влада, откако веќе Борисов пак беше премиер, во кое тој го поздрави изборот на Зоран Заев на премиерската функција. Во тоа соопштение се вели дека двајцата имале телефонски разговор, во којшто учествувал и македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Бугарско-македонска конференциска врска. „Личните средби со Вас, господине Заев, ми даваат основа да верувам дека заедно можеме да работиме на зацврстување на добрососедските односи меѓу нашите две држави и за доближување на Република Македонија до преговорите за приклучување кон Европската Унија“.
Има тука едно покровителство, и покрај добрите желби за помош за стабилизирање на соседот и негов развој. Но тоа е дел од едно сфаќање кое не може да се промени преку ноќ. Новите власти во Скопје веруваат дека Бугарија може навистина да и помогне на Македонија, но големо прашање е дали за тоа е доволна само желбата на Борисов. Лидерот на ГЕРБ мораше да влезе во коалиција со групата од три националистички партии за да може да направи влада. Красимир Каракачанов, лидерот на бугарското ВМРО, сега е потпретседател на владата и министер за одбрана. Ние го паметиме Каракачанов како ги предводеше групите во Скопје кога поставуваа плочи на местото каде што е убиена Мара Бунева во 1928 година и по фештите во Смилево, каде што го славеа бугарскиот карактер на Илинденското востание. Сега тој може да биде една од пречките во владата за македонското членство во НАТО. Чудно е како се менуваат времињата – човекот којшто не ја признава самобитноста на македонскиот народ треба да и помогне на Македонија да влезе под најважниот безбедносен чадор.
„Македонски штит“
Но не е само Каракачaнов во прашање. Предрасудите во Бугарија кон Македонија се поголеми од овдешните. Влијателниот академик Георги Марков минатата недела изјави дека треба да се склучи договор за добрососедство затоа што „треба да ги поддржиме нашите браќа во Македонија и да има специјални односи како што имаше меѓу двете германски држави. Извесно е дека македонизмот е создаден врз антибугарска основа... До крајот на Втората светска војна во Вардарска Македонија живееја Бугари. За жал, на наредните поколенија од тоа население им го переа мозокот. Тито, како ученик на Коминтерната, рече ’вие не сте Срби, но не сте ни Бугари, вие сте Македонци‘ и го зеде македонизмот како штит. Затоа во тој договор за добрососедство мора да биде наведено ова: историјата е општа, но во никој случај не треба да се допушти да биде фалсификувана“. Истата плоча, слични песни.
Министерот Никола Димитров е во право кога вели дека договорот со Бугарија не само што ќе ја елиминира едната пречка за почеток на преговори со ЕУ, туку и дека ќе го зголеми притисокот врз Грција, која тогаш веројатно ќе остане сама во блокадата. Но и дека не треба да бидеме преголеми оптимисти. Каде беше главниот проблем во разговорите за тој договор не дозна ниту македонската ниту бугарската јавност. Ниту пак се дозна за што, всушност, разговараат двата соседи.
За да докаже дека Софија за Скопје не е подалеку од Брисел, владата на Борисов за време на раководењето со ЕУ може да покрене инфрструктурни проекти со европска помош, коишто подобро ќе ја поврзат Бугарија со Македонија, а преку неа и со Албанија и Косово. Пругата е оставена на уништувањето на времето, патното поврзување преку Деве Баир е како од седумдесеттите години на минатиот век, кога и немаше некој посебен сообраќај. Бугарија ја има извонредната можност со внимателно одбрани гестови и проекти да ја убеди Унијата дека работи и на сопственото и на регионалното европеизирање. Во овој случај, топката повеќе е во софиските градини отколку во скопскиот парк.
Очекувањата во Брисел и во другите важни европски престолнини од новите власти во Скопје се големи. Пораките се јасни – нема одење напред додека не се исполнат реформите што беа зацртани во извештајот на Прибе. Најважната работа е што по руското мешање во изборите во западните демократии и обидот за изместување на политичките приоритети на балканските земји, Европа сфати дека за иднината на Западниот Балкан не се доволни само зборови, туку дека е многу поважна и јасната перспектива кон елитниот клуб („Сакаме јасно да ставиме до знаење дека за нас перспективата за приклучување на земјите од Западен Балкан останува непроменета и дека на тоа работиме“ – Ангела Меркел).
Најпосле и за една друга заблуда, за нашите односите со Америка. Обединетата македонска дијаспора (ОМД), која искрено и предано работи за подобрување на американско-македонските односи, постојано повторува дека на Македонија и била нанесена неправда и дека била запоставена за време на администрацијата на Обама. ОМД треба да биде искрена спрема самата себеси и вистински да одговори на прашањето зошто американски претседател не бил во Македонија од 1999 година, зошто државен секретар не бил во посета од 2003 година, зошто ниеден американски министер за одбрана не бил кај нас од 2007 година. ОМД многу добро ги знае одговорите (нека погледне само неколку интервјуа на поранешниот премиер Груевски, во кои тој отворено ги напаѓаше американските амбасадори, обвинувајќи ги за нечесна политика спрема Македонија; или нека ги погледне извештаите на Стејт департментот за човековите права), како што знае дека некои нејзини ставови – како итен прекин на преговорите за името – се несоодветни, дури и ирационални. Кога ќе ги надмине своите заблуди и претенциозниот патриотизам ОМД ќе може повеќе да и помогне на Македонија.