Дали трансатлантските односи ќе го преживеат Доналд Трамп
22 март 2018Ниту еден американски претседател во поновата историја не бил толку негативен и понекогаш дури и отворено непријателски настроен кон Европа и трансатлантската алијанса како што е Доналд Трамп. Навистина првиот странски политичар кој беше примен од новоизбраниот американски претседател по неговата изненадувачка победа беше Најџел Фараж, архитектот на Брегзит. Откако седна во фотлејата Трамп повеќепати ги критикуваше германските производители на автомобили и суфицитот во трговската размена со САД, повеќе пати изјавувајќи дека “Германците се лоши, многу лоши.” Тој ги “запердаши” сојузниците во НАТО за нерамномерна поделба на трошоците, ги повлече САД од климатскиот договор од Париз и остана нем на растечките нелиберални тенденции во повеќе европски земји. Антони Гарднер кој беше амбасадор на САД во ЕУ од 2014 до 2017 за времена администрацијата на претседателот Обама и кој мораше да се соочи со објавените материјали од Сноуден што ги разнишаа американско-европските релации во 2013 година, вели дека раздорот во трансатлантските релации е се подлабок и пофундаментален со Трамп на чело отколку со било кој од неговите претходници.
Ставот на ревизионерите
“САД со овој претседател имаат ревизионистички поглед на историјата. Поточно, поредокот заснован на мултилатерални правила го сметаат за поткопување на американските интереси. Јас мислам дека ова е исклучително некоректно, вели тој”. Гарднер додава дека никогаш немало американски претседател кој директно го напаѓал најблиските сојузници на Вашингтон, вклучително и Германија и кој бил толку екстремно критички настроен кон ЕУ. Гари Шмит, директот на Американскиот институт за безбедносни студии вели дека трансатланстките релации со Трамп со децении не биле волку лоши, веројатно не од кризата околу Суецкиот канал наваму. Во периодот 1965-57 година, американскиот претседател Двајт Ајзенхофер во обид да спречи интервенција на Советскиот сојуз им се закани со економски санкции на Британија и Франција кои заедно со Израел ја презедоа воената контрола врз Суецкиот канал од Египет, ако продолжат со воените дејствија. Тие веднаш ја прекинаа операцијата. Односите беа разнишани и во ерата на Реган во 1983 година кога милиони луѓе во Западна Германија излегоа на протести против поставувањето на американски ракети во нивната земја. Односите беа загрозени и по одлуката на Џорџ Буш во 2003 за инвазија во Ирак, како и една деценија подоцна со објавите на Сноуден за масовното прислушување од страна на НСА за време на мандатот на Обама.
Дали Доналд Трамп стравува за доларот
Антиевропските ставови на Трамп неодамна кулминираа со неговата одлука да им се закани на Европејците со дополнителни даноци кои се перцепираат како чисто протекционистички мерки. Но, кризата во трансатлантските релации во еден дел е причинета и од фактот што многумина Европјани воопшто не го сакаат американскиот претседател и се сериозно загрижени за неговите политики за што сведочи и една неодамна спроведена анкета во која мнозинството Германци се изјаснија дека биле позагрижени од Трамп отколку од рускиот претседател Путин. Иако анимозитетот на Европјаните кон американскиот претседател е секако разбирлив ако се земе в предвид неговото однесување, тоа го отежнува функционирањето на трансатлантските односи, вели Шмит кој бил извршен директор на бордот за за надворешна политика под претседателот Реган. “Мислам дека е значително различна ситуацијата кога имате две страни кои не се посветени на одржувањето на добри односи,” вели тој и додава “мислам дека денес имаме квалитативно комплетно различна ситуација.”
Шмит забележува дека со претходните претседатели, вклучително и Обама кој првично беше пофокусиран на Азија отколку на Европа и кој беше скептичен кон традиционалната американска улога на глобален лидер, сепак меѓу лидерите и граѓаните од обете страни на Атлантикот постоел широк консензус за оддржување на добри меѓусебни односи. Ова со Трамп е минирано на двете страни. “Мислам дека е отворена Пандорината кутија во правец на национализам и луѓето сега си ги артикулираат националистичките и протекционистички ставови во САД, Трамп е нивниот глас,” вели Мишел Еган експерт за трансатлантски односи.
Повеќе:
Казнени царини: Германските автопроизводители не се плашат од заканите на Трамп
Трамп ризикува трговска војна со Европа и Кина
Една година Трамп - време за искрено соочување
Опасни слогани
Главните слогани на Трамп како “Америка на прво место” и “Да ја направиме Америка повторно врвна”, се неодржливи вели Гарднер. „Јас сум потомок на бегалци од италијанскиот фашизам и Бенито Мусолини кои сакаа Италија да ја направат повторно голема, а на крај си ја уништија својата земја,” вели поранешниот американски амбасадор Гарднер. „Затоа овие слогани ги смета за празни зборови и опасни”.
Аналитичарите Гарднер, Шмит и Еган од кои побаравме да дадат прогноза за иднината на трансатлантските односи чие што брзо или бавно пропаѓање повеќепати е предвидувано уште од падот на Берлинскиот ѕид, изразија малку надеж дека нешто би можело драматично да се подобри се додека Трамп е на власт. Можен пораз на Републиканците на претстојните избори според нив би можело да обезбеди посилни контроли од Конгресот врз некој од поекстремните политики на претседателот. Засега, велат експертите, Европејците треба да се потсетуваат дека трансатлантските односи се поважни отколку претседателството на Трамп и дека и за САД и за ЕУ нема еднаква замена ниту во Кина, ниту во Русија за да се унапредат заедничките глобални цели како слободна и фер трговска размена. “САД ќе се вратат, тоа е пораката”, вели Гарднер. “Ќе се вратиме и ќе продолжиме, мислам во побрзо време, да се бориме за двострано сензибилизирана надворешна политика. А Европа треба само да почека тоа да се случи.”