Дарко Димовски нападнат во зградата на ССМ
6 јануари 2017„Група рекетари предводена од разрешениот претседател на ССМ, Живко Митревски, утрово околу 4 и 30 часот насилно влезе во зградата на ССМ, притоа буткајќи ја и полицијата“, велат претставници на четирите синдикати кои ноќеска останаа во студениот хол на синдикалната зграда, со цел да спречат разрешениот претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Живко Митревски, да ги исели од таму.
„В.д. претседателот на ССМ, Дарко Димовски беше физички нападнат и по физичкиот напад и прегледите во Градска болница е задржан на трауматологија“, велат тие.
Ваквиот развој на настаните уследи откако вчера Министерството за труд и социјална политика (МТСП), соопшти дека го поништило решението со кое претседателот Живко Митревски е разрешен од функцијата, со што тој останува легитимен претседател на ССМ.
ССМ во меѓувреме се огласи со соопштение за скандалозниот настан, во кое меѓу другото се вели:
„Синдикатите кои и досега се бореа против криминалите на Живко Митревски и покрај тоа што знаат дека сме заробена држава и имаме заробен ССМ, нема да се откажат од институционалната борба и отпор против самоволието на Живко Митревски. Затоа ги повикуваме членовите на синдикатите, работниците и граѓаните кои се подготвени да ни дадат поддршка, во понеделник да дојдат пред зградата на ССМ и дефинитивно да му кажат збоогум на Митревски, да му покажат дека местото му е надвор од ССМ и дека власта нема да може уште долго да го држи на апарати и вештачки да го одржува во живот.“