Двапати Велигден: Украинските христијани во Германија
23 април 2022„Нашата заедница на богослужбите е повеќе од двојно зголемена“, вели Богдан Лука, украински свештеник во Саксонија, кој работи во Украинско грчката католичка црква (УГКК). Минатиот викенд тој одржа три богослужби во три црковни заедници, попладнето во Хале на Зале, вечерта во Кемниц, рано утрото во Дрезден. „На црковните богослужби имаше исклучително многу народ“, вели тој. По рускиот напад врз Украина и бегството на стотици илјади луѓе, сѐ поголем е бројот на оние кои ги посетуваат црковните служби во Германија.
„Велигден, тој празник симболизира надеж, дека сѐ ќе се сврти кон добро, иако моментно изгледа толку безнадежноо“, вели свештеникот. Во своите проповеди на викендот тој ги тематизирал ужасните слики од завојуваниот регион. Зборувал за тагата и безнадежноста на помладите, за маките на жените, кои според Библијата, сакале да отидат на гробот на Исус. „Знаете, ние Украинците сме всушност луѓе полни со надеж“, вели свештеникот Лука.
Велигденски погачи со голема симболика
Овој викенд Богдан Лука повторно ќе чита велигденски текстови и ќе ги благослови велигденските погачи. Двапати Велигден – тоа е невообичаено, но со бегалците во Германија стигнуваат и други обичаи. Зашто, постојните црковни заедници од УГКК во Германија со терминот за Велигден во преовладувачки дел се ориентираат кон христијанските цркви во земјата, католичката и протестантската и нивниот западен календар.
Во Украина пак црквите го слават Велигден според календарот на источната традиција и православниот Велигден. А овој најголем христијански празник оваа година е во овој викенд.
„Не гледам никаква противречност“, истакнува свештеникот Лука. Бегалците не се подготвени на новата ситуација, за нив оваа година Велигден е на 24 април. „Затоа на овој ден ќе држам велигденска богослужба и ќе благословувам велигденски погачи. Тој обичај има големо симболичко значење, луѓето погачите ги земаат со себе на семејната прослава“, вели Лука и очекува полни цркви – по втор пат.
„Ќе ги има уште многу повеќе“
Колку верници во Германија сега припаѓаат на неговата црковна заедница и неговата црква, Лука не знае. Тоа не го знаат и надлежните. До крајот на февруари, почетокот на војната во Украина, официјалната бројка беше вкупно околу 80.000. „Овој број денес може слободно да го удвоиме, можеби е и повисок, а веројатно и уште ќе расте“, вели Андриј Дмитрик за Дојче веле. Христијанството во Украина е широко распространето, пред војната само на Украинско грчката католичка црква припаѓале околу пет милиони луѓе.
Дмитрик е управник на Епархијата на УГКК, која ја опфаќа Германија и Скандинавија. Во суштина, управникот е најважен соработник на бискупот, епархијата соодветствува на голема бискупија. Во неа во Германија припаѓаа досега црковните заедници во околу 50 места, од Хамбург до Розенхајм, од Крефелд до Герлиц, како и Дрезден, Кемниц и Хале на Зале.
Мапата на овие локации одамна е изменета. „Сликата се менува секоја недела, секој момент“, вели Дмитрик. Како пример го наведува Росток во североисточна Германија. Тамошната заедница пред војната броела најмногу 40 до 50 верници, сега на богослужбите се најавени 160 лица.
Постојано во контакт со верниците
Дмитрик истакнува дека во речиси секој округ, од секој град во Германија во меѓувреме се јавуваат украински верници. Го наведува примерот на Нојмаркт во Оберфалц, југоисточно од Нирнберг. Таму досега немало никаква духовна понуда за Украинци. Сега таму има 300 Украинци и се надеваат на велигденска богослужба на украински јазик.
Епархијата има вкупно 22 свештеници, за нив Велигден значи стрес. Како и за Андриј Кимчук. Украинскиот свештеник (на насловната фотографија е прикажан при давање благослов по една богослужба) одамна е надлежен и за општините во Бамберг, Вирцбург и Нирнберг. „Секој викенд поминувам 360 километри. Искрено: тоа е тешко“, раскажува 35-годишниот свештеник. Во Вирцбург, неговата најмала црковна заедница каде инаку доаѓале само 20 верници, на викендот ги имало преку 100. На почетокот на месецот на богослужба во Нирнберг биле присутни 600 верници. Со вакви бројки порано не се среќавал. А сега се јавиле и Украинци од Ансбах, каде порано немало понуда од неговата црква. Таму има 120 христијани и се надеваат на велигденска црковна служба. И Кимчук слави Велигден двапати, тоа е можно, вели тој.
Сите конфесии
Сеедно дали Лука во Хале или Кимчук во Бамберг, или други свештеници во западна Германија, сите на празниците ги поздравуваат верниците од сите христијански конфесии. „Доаѓаат не само грчко-католички Украинци, туку и православни и протестанти“, вели Кимчук. Тие сите очекуваат духовна поддршка, на украински или руски јазик. Кај текстовите, пеењето, обичаите, нема големи разлики.
На управникот Дмитрик тоа му е познато. „За луѓето од Украина пред сѐ е важно да бидат прифатени, свештеникот да е пријателски настроен и да ги ислуша, да ја сподели загриженоста за мажот или роднините во татковината.“ Како соработник на бискупот, Дмитрик го мачи друго прашање. 22 свештеници одамна не се доволно, зашто бегалците, кои се соочени со несигурност и се трауматизирани од воените случувања, бараат разговор со свештениците.
Кафе и поврзувања
Тоа во Бамберг на пример почнува уште при пиењето кафе по богослужбата. „Луѓето се запознаваат меѓусебно, си влеваат храброст, се поврзуваат. Тие дознаваат каде евентуално можат да побараат државна поддршка.“
Тие можат да се надеваат и на конкретна помош од секоја црковна заедница. На сите 50 локации кои УГКК ги има во Германија уште прд војната, од крајот на февруари се собира помош. Десетици товарни камиони и шлепери возеа кон исток. Тие однесоа стотици тони прехранбени производи, облека и медицинска помош во кризниот регион. Сега само околу половината од помошта тргнува на пат, остатокот е за дојденците во заедниците. Кимчук: „На луѓето овде сега им е потребна не само нашата духовна поддршка, туку и материјална помош. Тие немаат веќе речиси ништо повеќе.“