1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двете Борусии го минаа Бајерн

28 ноември 2011

14-то коло во германската фудбалска лига мина во знакот на дерби мечевите. Бајерн со вториот пораз во серија ја загуби челната позиција. Дортмунд и Менхенгладбах го презедоа врвот.

https://p.dw.com/p/13IOy
Борусија (Д) повторно на врвот на БундеслигатаФотографија: dapd

Шампионот е повторно на врвот. По победата од 2:0 во локалното дерби против Шалке, актуелниот првак, Борусија Дортмунд за првпат сезонава застана онаму каде што заврши ланската.

„Дерби-победа. Како да ви објаснам? Кој не ја доживеал, тешко е да му се објасни. Тоа е најслатката победа која може да се доживее во фудбалот. Особено, доколку притоа триумфот е целосно заслужен“, изјави тренерот на Борусија (Д), Јирген Клоп.

Тоа го призна и тренерот на Шалке, Хуб Стевенс.

„Денеска загубивме од тим кој е далеку пред нас. Тука мора како тим да бидете во топ-форма, а ние денеска не бевме. Многу малку играчи одиграа на вистинско ниво. На тој начин ваков натпревар не може да се добие“, рече Стевенс.

Fußball Bundesliga 14 Spieltag 2011 FC Bayern München FSV Mainz 05 Jubel
Радост на фудбалерите на Мајнц по триумфот над БајернФотографија: dapd

Во второто големо дерби колово, рајнското, Борусија Менхенгладбах го совлада Келн на гости со 3:0. Борусија (М) која лани се бореше за опстанок во лигата, сега го дели првото место на табелата со истоимениот тим од Дортмунд.

„Презадоволни сме. 29 бода. Сите се задоволни, и навивачите. Тоа е фантастично“, изјави тренерот Лусиен Фавре.

Третото дерби, она на северот, викендов се одигра во Хановер, каде домаќинот ги подели бодовите со Хамбургер играјќи нерешено 1:1.

„Одигравме одличен меч, пропуштивме многу шанси и требаше порано да го одлучиме натпреварот. На крајот, мора да се каже дека Хановер израмни со еден неверојатен погодок. Тоа е малку разочарувачки за нас“, изјави репрезентативниот бек на Хамбургер, Денис Аого.

Нов шок за Бајерн

Шок на колото беше поразот на Бајерн на гостувањето кај Мајнц со 3:2. Фаворитот за првпат сезонава загуби на два меча едноподруго и го загуби првото место на табелата. Во вториот неделен меч, Вердер го совлада Штутгарт со 2:0 и се зацврсти на четвртата позиција.

На дното, пак, конечно малку радост за фудбалерите на Аугсбург, кои ја забележаа втората првенствена победа откако го совладаа Волфсбург со 2:0.

Fußball Bundesliga 14 Spieltag 1 FC Köln Borussia Mönchengladbach Rheinenergie-Stadion in Köln
Мајк Ханке (Борусија М) го прославува голот против КелнФотографија: dapd

„Не знам кој беше денеска преценет, дали ние или тие. Натпреварот покажа дека ние во тимот имаме многу малку играчи кои се подготвени да се борат за него. Кога играте со противник кој дава се од себе на теренот, тогаш техниката не е важна“, изјави тренерот на Волфсбург, Феликс Магат.

Важна победа во битката за опстанок забележа и Нирнберг пред своите навивачи против Кајзерслаутерн, од 1:0. Во интересен меч, Херта и Бајер Леверкузен ремизираа во Берлин играјќи 3:3.

Автор: Штефан Нестлер/Борис Георгиевски

Редактор: Горан Чутаноски