1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двојни агенти, двојни животи

К.Игнаци/Б.Георгиевски9 јули 2014

Германскиот разузнувач кој и продавал информации на американската НСА е само еден од многуте случаи на двојна лојалност низ историјата. Мал преглед на најпознатите

https://p.dw.com/p/1CWwJ
Фотографија: fotolia/imageteam

Мата Хари- танчерка и заводничка на генерали

Маргарета Гертруда Целе од Холандија во историјата е позната како егзотичната танчерка Мата Хари. Поради финансиски проблеми, во 1916 година ја прифаќа понудата да работи како шпион за Германија- можност која и се отвора благодарение на познанството со германскиот конзул во Холандија, Карл Крамер. Под шифрираното име Х21 почнува да патува низ светот и да ги заведува непријателските генерали.

Mata Hari Tänzerin und Spionin
Мата ХариФотографија: Getty Images

Кусо потоа, директорот на француската тајна служба Жорж Ладу, испраќа агенти да ја пронајдат Мата Хари и ѝ нуди соработка со француската тајна служба. И нуди по 25 илјади франци за секој осуден непријателски агент. Мата Хари прифаќа и станува двоен агент. Но, Французите насетуваат нешто сомнително. Една запленета телеграма од Германија го означува нејзиниот крај. Судено и е на затворено судење во јуни 1917, а егзекутирана на 15 октомври 1917.

Хуан Пујол Гарсија- шпионот Гарбо и денот „Д“

Шпанецот Хуан Пујол Гарсија добива лажен идентитет како про-нацистички шпански владин функционер и станува убедлив германски агент за време на Втората светска војна. Во суштина, тој работел за Велика Британија под името името Гарбо. Агентот- по занимање одгледувач на живина- подготвил околу 300 лажни извештаи за нацистите, кои во него гледале сигурен извор на информации.

Гарбо успешно ја раководел операцијата која имала за цел на нацистите да им претстави лажна слика за сојузничкиот напад во Нормандија. Тој ги убедил Германците дека сојузничкиот напад на денот „Д“ ќе биде изведен многу подалеку на исток, во близина на Кале. Поради тоа, и три дена по сојузничкото истоварување во Нормандија, германските сили сѐ уште биле фокусирани на одбрана на регионот околу Кале. Адолф Хитлер дури и запрел две тенковски единици кои тргнале кон Нормандија. Тоа се покажало фатално за Германците.

Петмината од Кембриџ- од двете страни на Железната завеса

Петмината од Кембриџ биле група агенти на британската МИ5 кои биле врбувани од страна на советската тајна служба, КГБ. КГБ ги регрутирала Ким Филби, Доналд Маклин, Гај Бурџис, Ентони Блант и најверојатно Џон Кернкрос уште во 1930-те години за време на нивните студии на Универзитетот во Кембриџ. Преку нив, КГБ успеала да инсталира сопствени шпиони на високи позиции во британската служба. За време на Втората светска војна тие им обезбедувале на Советите информации за воената стратегија на сојузниците. Снабдувањето со важни информации продолжило и за време на Студената војна. Филби, Бурџис и Маклин подоцна бегаат во Советскиот сојуз, додека Блант останува во Велика Британија. Станува професор по уметност и директор на галерија, а во замена за целосно сведочење добива имунитет.

Kim Philby britischer Agent Sowjetunion
Ким ФилбиФотографија: AP

Денис Доналдсон- ирски терорист на британска страна

Северноирскиот терорист работел како информант на британската тајна служба речиси две децении, во периодот од 1980-те до 1990-те години. Во исто време бил член на ИРА и на нејзиното политичко крило Шин Фејн, кои воопшто не се сомневале во неговата лојалност. Доналдсон стапил во ИРА уште на 16 годишна возраст и се борел против британската управа врз Северна Ирска. Но британската служба успеала преку уцени да го сврти на нејзина страна, најверојатно заканувајќи му се на католичкиот верник дека ќе ги открие неговите бројни врски со други жени. На 4. април 2006 година Доналдсон е пронајден убиен во неговата колиба во Каунти Донегал, Ирска. Неговата соработка со британската служба беше откриена една година претходно. Точните околности на неговата смрт никогаш не се откриени, а како осомничени се водеа повеќе членови на ИРА и на Шин Фејн.

Porträt - Denis Donaldson
Денис ДоналдсонФотографија: picture-alliance/dpa

Валтер Бартел- шпионирање меѓу источна и западна Германија

И во Германија се познати случаи на двојни агенти. Новинарот Валтер Бартел ја започнува својата шпионска кариера во 1958 година како неофицијален член на Штази, источно- германската служба. Неговата задача била да ги следи активностите на пребегнатиот функционер на младинското социјалистичко движење од ГДР, Хајнц Липман. Подоцна, три години работел како уредник на весникот „Третиот пат“, кој иако му припаѓал на ИГ-метал, всушност бил под контрола на западногерманската тајна служба. Целта била колебливите левичари од ГДР да се стават на иста линија со левото крило во СПД. Бартел почина во 2003 година, но не доживеа никакви непријатности поради неговата двојна улога.

Porträt - Walter Barthel
Валтер БартелФотографија: CC-BY-Joker.mg