1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дифузна исламофобија и повредени чувства

Карстен Книп/бг7 јануари 2015

Во масакрот врз магазинот „Шарли Ебдо“ во Париз кој го извршија тројца атентатори, убиени се 12 лица, меѓу нив новинари и полицајци. За позадината на случувањата за ДВ говори францускиот политолог Катрин де Венден.

https://p.dw.com/p/1EGHo
Фотографија: B. Guay/AFP/Getty Images

ДВ: Госпоѓо Венден, која е позадината на атентатот врз редакцијата на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“ во кој загинаа 12 лица?

Де Венден: Како и во Германија, така и во Франција во последно време се случуваат протести против Исламот. Весникот „Шарли Ебдо“ уште пред неколку години ја објави карикатурата на пророкот Мухамед на данскиот весник „Јиландс Постен“. Тоа го сторија повикувајќи се на слободата на говорот. Тоа повреди дел од муслиманската заедница во Франција. Во меѓувреме се намали и воздржаноста на луѓето кои се претставуваат како исламофоби. Тоа се случува и преку објавувањето на повеќе книги, на пример книгата на Ерик Земур „Француското самоубиство“, еден вид есеј за француското пропаѓање. И новата книга на Мишел Уелбек говори за Франција која е под закана на радикалната десница, а претседател на државата е муслиман.

Се јавуват и одредени лаички и антиклерикални струи. Тие се спротивставуваат на јавната видливост на Исламот, и генерално се спротивставуваат на истакнувањето на религиозните симболи во јавноста. Притоа постои и радикалната десница. Исламот се критикува во истовреме од повеќе страни. Сите овие струи имаат еден заеднички непријател, а тоа е Исламот.

ДВ: Која е позадината на ваквите ставови кон Исламот?

Од една страна причината е што критичарите на исламот имаат се помалку задршка. Националниот Фронт тоа денес го прави јавно. Во минатото нивното тези беа остро критикувани во медиумите. Во меѓувреме многу Французи отворено го поддржуваат Националниот Фронт. Се јавуваат и други десни партии кои отворено ги поддржуваат позициите на Националниот Фронт.
Од друга страна, Франција се соочува со една голема невработеност. За тоа се бараат виновници на сите страни. Најчесто се пронаоѓаат во Исламот и во муслиманската заедница.

Catherine de Wenden
Катрин де ВенденФотографија: privat

Притоа, сега постои и еден меѓународен контекст: кризата во Ирак, појавата на Исламската држава. Освен тоа, делови од муслиманската заедница воопшто немаат добро образование. Некои не го завршуваат училиштето, други одат по лош пат. Оттука некои заклучуваат дека муслиманите не сакаат да се интегрираат, и затоа треба да се исфрлат. Луѓето не се обидуваат да живеат заедно со нив, туку ги сметаат за непријатели. Сите овие фактори потоа придонесуваат за една дифузна исламофобија.

ДВ: Како на тоа реагира муслиманската заедница во Франција?

Не може да се говори за една единствена муслиманска заедница во Франција. Таа е многу хетерогена. Има муслимани кои ја практикуваат и кои не ја практикуваат религијата. Еден добар дел од нив се идентификува со францускиот секуларизам. Притоа, муслиманските мигранти во земјата доаѓаат во различни бранови, и сето тоа игра улога во муслиманската заедница.
Франција во Европа е најважната почетна станица за муслиманските мигранти. Во моментов живеат 6 милиони муслимани во земјата. Најпрво дојдоа Алжирците, потоа Мароканците. Подоцна и Турците. Освен нив, тука живеат и доселеници од јужна Африка и од Блискиот исток. Затоа, муслиманската заедница во земјата е толку хетерогена. Има многу и различни обиди тие да се дефинираат како муслимани и како француски граѓани. Во исто време многумина страдаат од одбивање и отфрлање. Многумина се жалат дека поради нивниот муслимански идентитет не можат да си го пронајдат местото во француското општество. Многумина имаат и впечаток дека Франција не им го дава нивното место во општеството. Но, таквите муслимани се исклучок. Терористите и фундаменталистите се најмалубројни.

Нешто повеќе од половината од сите муслимани во Франција имаат и француско државјанство. Големото мнозинство од нив практикуваат умерен Ислам и во ниту еден случај не се вклопуваат во стереотипите кои за нив во јавноста ги емитуваат одредени екстремистички групи.

Катрин де Венден е политолог на Институтот за политички студии во Париз.