1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Митот за Грекзит

Георг Матес
21 февруари 2017

Продолжуваат тешките времиња за Грција, но не постои вистинска опасност дека земјата ќе биде оставена да пропадне во изборната 2017 година, смета Георг Матес

https://p.dw.com/p/2Xx6N
Griechenland Symbolbild Flagge & dunkler Himmel
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Повторно се отворени завесите за грчката трагедија: по Брегзит, Доналд Трамп и ЦЕТА, класичното шоу се врати на европската сцена. Да беше мјузикл, „Спасувањето на Грција“ ќе беше погледан од познатите „Кралот Лав“, „Мачки“ и други. Рецептот за успех на оваа приказна е секогаш ист: се ближи крајниот рок за исплата на рата, Атина повторно се мачи да плати и повторно следуваат преговори за многу потребните реформи- и така завршува уште една нова епизода во сагата за Грција.

Ципрас ја користи кризата

Тоа му одговара на премиерот Алексис Ципрас. Секогаш може да го искористи последниот рок за евентуален Грекзит во преговорите со Брисел. Но карузелот од последните седум години не научи нешто: Да, ќе биде тесно. Но не, банкротот на Грција нема да се случи. Прво, на Грците секогаш им е потребно „малку повеќе време“ за да ги насочат работите во вистински правец, како што процени германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во Брисел. Второ, никој сериозно не верува дека администрацијата на Ципрас, по болните пензиски кратења и намалувања на платите, ќе ја загуби силата на домашен терен- кусо пред исплатата на следната рата.

Georg Matthes Kommentarbild App PROVISORISCH
Георг Матес

Истото важи и за Европејците: од 2010 ЕУ, ММФ и приватните инвеститори издвоија повеќе од 300 милијарди евра за да ја спасат Грција од банкрот. Кој би имал интерес да ја урне рамнотежата само затоа што Атина се влечка во преговорите, на пример, во однос на либерализацијата на пазарот на трудот? Секако никој, и секако не во моментов кога Брегзитанците и претседателот на САД Доналд Трамп, кои само чекаат уште некоја кавга во ЕУ, доминираат во шоуто.

Во очекување на изборите во Холандија, Франција и Германија годинава, дебатата за Грекзит ќе биде тргната на страна. Секаква дискусија за откажување на долгот на Атина ќе биде вода на воденицата на противниците на еврото и на ЕУ.

Оттука не е никакво изненадување што германскиот министер за финансии вели дека е оптимист. Шојбле беше во право кога процени дека бриселската делегација ќе продолжи со својата работа во Атина. Но неговата убеденост беше уште поголема дека и ММФ наскоро ќе биде на терен.

Договор до среда?

Доколку и таа негова проценка се покаже точна, тоа ќе значи дека битката на доверителите за олеснување на долгот е решена. Средбата в среда меѓу шефицата на ММФ Кристин Лагард и германската канцеларка Ангела Меркел ќе биде одлична можност да се разговара за тоа. Доколку успеат да постигнат договор, тогаш непрекинатото шоу за Грција ќе може да биде тргнато од сцената, најмалку за 2017 година. Но внимавајте: мјузиклот „Мачки“ успеа да остане на програмата на Бродвеј цели 18 години!