Делта сојот ги полни болниците
5 август 2021Ковид-пандемијата повторно зема замав. Бројките на новозаразени секодневно раснат, а се поголем е бројот и на смртни случаи. Модуларните болници кои летово останаа празни, сега повторно се спремаат да ги отворат вратите пред налетот на четвртиот бран. Последното деноноќие, како што соопшти Министерството за здравство, се направени 4.713 тестирања, при што починале четири лица, а се регистрирани 219 нови случаи на Ковид-19. Скопје, Тетово и Куманово и понатаму остануваат најголемите жаришта. Лекарите предупредуваат дека свадбите, дојденците од странство, прославите, масовните собири на младите и непочитувањето на заштитните мерки, доведоа до порастот на новозаболени лица. Додека дел од медицинските лица сметаат дека е предоцна за мерки, бидејќи вирусот веќе е доста распростанет, други апелираат за што помасовна вакцинација на постарото население за да се спречат фаталните последици од новиот Делта сој.
150 хоспитализирани во болниците
Сто и пет заболени од Ковид-19 се хоспитализирани во Скопје и во другите градови, Најголем број хоспитализирани има во Клиничката болница во Тетово – 32, а потоа следат Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје – 20, Општата болница во Гостивар – 20 и Општата болница во Куманово – 10. Во болницата во Струмица има седум пациенти со Ковид-19, во болницата во Прилеп шест, во Битола и Штип по четири пациенти, и по еден во болниците во Велес и во Струга.
Ковид центрите повторно се ставаат во функција, откако има се поголем број заболени на кои им е неопходно болничко лекување. Ситуацијата е најкритична во Тетово, каде вчера се хоспитализирани 26, а денеска 32 пациенти. Речиси сите се на кислородна поддршка. Хоспитализираните се на возраст од 31 до 80 години, а според тамошните лекари, имале проблеми со срцето, респираторни и бубрежни заболувања и прекумерна телесна тежина.
-повеќе на темата: Нови 164 заразени- алармот за Ковид-19 повторно се вклучува
„Триесет пациенти се на кислородна поддршка, сите се со хронични болести. Од нив, има три комплетно вакцинирани и три со една примена доза“, вели Гзим Нуредини, координатор на ковид центарот во Тетово во изјава за медиумите.
Сето ова е резултат на непочитување на мерките и протоколите, бидејќи најголемиот број од инфицирани лица се од семејните прослави, предупредуваат лекарите. „Делта сојот е докажан на Тетовскиот Регион. На први јули имавме два потврдени случаи со делат сојот, а после една недела имаше уште три случаи. Тетово, кој до неодамна беше град на спорадични случаи, почнува да влегува во фаза на широко распространета трансмисија на зараза во заедницата. Нема класични кластери како порано, сите се поврзани со семејни настани, па очекуваме во наредниот период бројката на заразени и понатаму да расте“, вели доктор Сузана Субашиќ од Центарот за јавно здравје во Тетово за сдк.мк.
Тетово е еден од градовите со најмал процент на имунизирано население. Досега во земјава две дози вакцина примиле речиси 410.000 граѓани.
Предоцна е за мерки
Професорот Никола Пановски од Медицинскиот факултет во Скопје, вели дека државата требаше многу порано да преземе мерки за да го спречи порастот на новозаразени. Тој во повеќе наврати предупредува дека е потребна поголема контрола на граничните премини, но и на поголеми мерки во однос на организирањето свадби, коишто се покажаа како најголемите жаришта за ширењето на вирусот. Пановски прогнозира дека пикот се очекува во октомври, а дотогаш бројките ќе растат постепено.
Доктор Горан Кунгуловски, пак, очекува пикот да се достигне на средината на септември, со оглед на тоа дека Делта сојот е позаразен од претходните соеви. „Ако со изворниот сој просекот бил 5.7 денови, со делта сојот е 3.7 денови. И тоа со делта, околу 12.5 отсто стануваат позитивни после 2 дена, 27 отсто после 3 дена, 20 отсто после 4 дена, 24 отсто после 5 дена и останатите после 6 или 7 денови. Кај заразени со делта сој се детектира просечно околу 1.000 пати повисока концентрација на вирус отколку со изворниот сој“, вели тој.
-повеќе на темата: Нов бран на Ковид-19 е сѐ поизвесен, расте бројот на заразени
Тој смета дека е неопходно приоритетно вакцинирање на постарото население и населението со коморбидитите. Така ќе се намали бројката на сериозно болни и бројката на смртни исходи. „Со понатамошна вакцинација и евентуално трета доза, ќе може да се намали и ланецот на трансмисија. Така ќе се сузбие пандемијата“, укажува Кунгуловски.
И двајцата апелираат за масовна вакцинација, бидејќи во зависност од вакцината, ризикот за зараза е 10-20 пати намален во споредба со невакцинираните лица. Вакцинираните покрај тоа што имаат помала веројатност да се заразат, доколку се заразат имаат помала шанса да заразат некој друг.
Директорот на Центарот за јавно здравје-Скопје, Бесим Зеќири вчера за ДВ изјави дека Комисијата за заразни болести по потреба одржува состаноци и во текот на летото и ја следи ситуацијата со коронавирусот. Според Зеќири, и понатаму останува обврската за носење маски во затворено, а нови препораки засега не се предлагаат. „Ги следиме бројките, проценката е дека засега ситуацијата е стабилна. Болниците имаат доволно капацитети во случај на нов бран“, вели тој. Неговиот став е дека и доколку има влошување на состојбата, таа ќе биде далеку од она што беше во екот на пандемијата. Кон тоа ќе придонесе масовната вакцинација на населението, којашто ќе го ублажи ударот на новите мутации.