1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Делтакрон: Нов сој или лабораториска грешка?

Карла Блајкер
12 јануари 2022

Истражувач во Кипар откри нов сој на коронавирусот кој ги комбинира карактеристиките на Делта и на Омикрон. Други експерти имаат сомнежи. Но кипарскиот научник ги брани своите наоди.

https://p.dw.com/p/45Nie
Откриен ли е Делтакрон или направен е лабораториски пропуст
Откриен ли е Делтакрон или направен е лабораториски пропустФотографија: Jam Sta Rosa/AFP

Дури и ако сте по малку заморени поради константните вести за Ковид, оваа информација можеби ви го привлече вниманието за време на викендот: Истражувач од универзитетот во Кипар тврди дека открил нов сој на коронавирусот кој комбинира карактеристики на соевите Делта и Омикрон.

Леонидос Кострикис и неговиот тим идентификувале 25 случаи на она што професорот по биолошки науки и шеф на Лабораторијата за биотехнологија и молекуларна вирусологија го нарекува „Делтакрон“.

Омикрон е многу заразен и стана доминатен сој на САРС-КоВ-2 во многу земји. Делта сојот во минатото лето беше доминатен ширум светот. Заразените пациенти имаа значително поголем ризик од хоспитализација од оние кои беа заразени со Алфа сојот.

Според Кострикис, сојот Делтакрон, има генетски потписи слични на Омикрон во Делта геномот.

„Ќе видиме во иднина дали овој сој е попатолошки или позаразен и дали ќе преовлада во однос на соевите Делта и Омикрон“, изјави Кострикис во петкот (7 јануари) за кипарската телевизија Сигма ТВ.

Развојот на новиот сој со потенцијална способност да се шири еднакво брзо како Омикрон или да доведе до потешки случаи, на почетокот предизвика загриженост. Но, стручњаците во меѓувреме ја доведоа во прашање вистинитоста на наодите на Кострикис.

Што треба да се знае за сојот Делта?

Тврдења за контаминација

„Секвенците на кипарскиот Делтакрон за кои известуваа неколку големи медиуми изгледаат сосема јасно како контаминација“, напиша во саботата Томас Пикок, научен соработник во Баркли лабораторијата на Империјал колеџот во Лондон, која се фокусира на истражување на коронавирусот. Во вториот твит, тој додаде дека „тоа нема врска со 'квалитетот на лабораторијата' или со нешто слично - ова буквално повремено се случува во секоја лабораторија за секвенционирање!“.

Повеќе: Омикрон и масовно инфицирање: Зошто не смееме да се опуштиме?

Потоа Кострикис во неделата (9 јануари) ги бранеше своите наоди за американската ТВ Блумберг. Идентификуваните случаи „укажуваат на еволуциски притисок на претходниот сој да мутира“, што го навело да верува дека дошло до комбинација на Делта и на Омикрон, напиша тој во соопштение преку имејл. Кострикис додаде и дека комбинацијата не е резултат на нешто што се случило само еднаш - како што е, на пример, контаминирање на примероци во лабораторија.

Според него, примероците кои ги анализирал се обработени во повеќекратни постапки на генетско секвенцирање во неколку земји.

Делтакрон „речиси сигурно не е“ вистинска комбинација на двата соја

Таканаречените рекомбинантни облици на вирусот, како што е наводниот Делтакрон на Кострикис, се познат феномен. Можат да настанат кога истовремено циркулираат неколку соја на еден вирус, што во моментов се случува со САРС-КоВ-2.

Меѓутоа, стручњаците нагласуваат дека сите откриени мутации слични на Омикрон во Делта геномот лежат во еден дел од генетската секвенца - дел кој се знае дека е проблематичен во одредени процедури на секвенционирање.

Џефри Барет, директор на Иницијативата за геномика на Ковид-19 на Институтот Велики Сангер со седиште во Велика Британија, укажува на истражувањето кое неговиот институт го направил на таа тема, што го наведува да верува оти наводниот сој Делаткрон „речиси сигурно не е биолошки рекомбинат на Делта и на Омикрон“.

Значи, можеме ли едноставно да го игнорираме кипарското откритие? Малку е рано за тоа.

Тимо Волф, доктор и шеф на одделението за изолација за високопатогени болести на Универзитетската болница во Франкфурт, вели дека е оптимист, но оти засега е внимателен.

„Мислам дека не постои силен показател дека ова ќе предизвика голем проблем“, вели Волф за ДВ.

Покрај тоа, тој признава дека податоците како оние кои ги изнесе Кострикис и натаму треба темелно да се проверуваат. „Мислам дека ќе мораме да почекаме уште неколку недели за да можеме да бидеме сосема сигурни“, вели Волф.