1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демократијата и слободата да станат нова македонска религија

Кристина Озимец8 септември 2016

Првиот министер за надворешни работи на Македонија, професор Денко Малески и студентот Блажен Малески, активен во Студентскиот пленум и протестите, за 25-годишнината од македонската независност.

https://p.dw.com/p/1JxXe
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Не сум го видел веројатно од бебе“. Ваква беше реакцијата на изненаденост на професорот Денко Малески кога го замолив да се сретнеме со младиот Блажен Малески, неговиот внук од братучед и да поразговараме за годишнината од независноста на Македонија. Барајќи млади кои имаат околу 25 години, точно колку и независна Македонија, случајно се сретнав со Блажен Малески, студент на политички науки и истражувач, дел од Студентски пленум и студентските протести. Вообичаено, тоа што дознав дека е внук на Денко Малески не би имало некакво поголемо значење, но овој пат ја промени првичната идеја за сторијата. А зошто да не разговараме со две генерации, првата која учествувала во создавање на државата и втората која сега се бори за подобра Македонија?

Подготвувајќи се за разговорот, излезе уште еден интересен факт кој се вклопи во сложувалката – таткото на Денко Малески, македонскиот писател, учесник во НОБ, подоцна и амбасадор, Владо Малески (1919-1984) ја напишал македонската химна. „Денес над Македонија“ е напишана во 1941 година, а автор на музиката е Тодор Скаловски. По завршувањето на Втората светска војна усвоена е како химна на Социјалистичка Република Македонија, а потоа и за химна на независна Македонија.

Mazedonien Denko Maleski ehemaliger Außenminister
Македонскиот поранешен министер за надворешни работи Денко МалескиФотографија: DW/P. Stojanovski

Пеколни денови

За тоа дали ја замислувал ваква Македонија по 25 години, професорот Малески вели дека деновите кога земјата се одвојувала од Југославија биле пеколни и не мислеле на ништо друго, освен да нема војна.

„Непомирливите национализми кои во услови на демократски промени кои ни се налагаа од надвор, ги потпалија другите републики и се наоѓавме во една тешка ситуација како да излеземе од тоа без да бидеме сплеткани во етничките војни. И тогаш се формулира надворешната политика. Нашата девиза беше, разговор и дијалог со сите, барање решение на тешките сложените меѓунационални проблеми во федерацијата само на маса, неупотреба на насилство и соработка со меѓународниот фактор. Тоа беше нашата основна идеја, бевме свесни дека процесите на дезинтеграција и војни во Југославија, се спротивни на процесите во Европа – интеграција, соработка, мирољубиво барање на решенија. Знаевме дека е тоа само една фаза, по која ќе мораме да се вклучиме во генералниот тренд на Европа, бидејќи нема Европа да се менува заради нас, ние ќе мора да се менуваме. Работата беше како во меѓувреме да не изгориме, да не се запалиме“, вели Малески.

Кога тогашното раководство, на чело со претседателот Киро Глигоров сфатило дека другите југословенски лидери биле решени со тепање да ги решат своите национални прашања, мирољубивата надворешна политика станала единствен пат за Македонија.

„Запалената јавност во тоа време, бараше конфликт, и ниту претседателот Глигоров ниту јас не делувавме како некакви јунаци, туку повеќе како разумни луѓе кои се обидуваат да најдат излез од ситуацијата на мирен начин. Македонскиот национализам почна да се буди, некои луѓе постојано говореа ’Македонија доцни’, но тоа не е точно, ние одевме поспоро. Ние не доцневме, туку другите брзаа во војна. Станавме членка на Обединетите Нации десет ипол месеци по Словенија и Хрватска само заради внимателноста. Останавме пријатели со сите републики, вклучувајќи ја и Србија со која имавме повлекување на македонската војска, плус Брисел и Вашингтон“, вели Малески.

Студентот Блажен Малески вели дека низ денешната призма, не верува дека денешните политичари би го имале тој сенс за вклучување на сите страни и снаоѓање во една ваква комплицирана геополитичка ситуација.

„Имав можност да прошетам три месеци во Босна, и Македонија да имаше половина од проблемите кои ги имала Босна со војните, мислам дека денешниот разговор ќе беше сосема различен. Младите би требало да бидат благодарни за мирниот процес на разидување со Југославија и наоѓање на решенија кои нема да ги загрозат граѓаните. Младите генерации имале можност да растат во општество кое не поминало низ хорори и војни“, додава тој.

За професорот Малески, важна е борбата против губитничкиот менталитет за вечната неправда кон Македонците, кој е претворен во начин на размислување.

„Иста таква приказна, како да е најтрагична, има секој балкански народ. Словенците имаат таква приказна, плачел еден човек на пат и поминал Господ и го прашал ’Зошто плачеш?“’. Тој одговорил ’Па јас сум Словенец’ и потоа и Господ почнал да плаче со него. Ние мораме да се ослободиме од тоа. Значи ние во тоа време извојувавме победа, но не успеавме да ја препознаеме“, смета Малески.

Континуитет, наместо негирање на историјата

Генерацијата политичари од 1991-ва година не решила да го негира наследството за темелите на државата кои ги поставиле генерацијата партизани во 1944-та година, туку сметале дека државноста која е установена тогаш, како една од членките на федерацијата, треба да се сочува.

„Тој деликатен процес на пренесување го изведе генерацијата на моите родители и потоа мојата генерација отиде натаму. Нашата држава беше прилично шуплива внатре во институциите, но веќе тоа беа други работи кои не очекуваат. Ние не викавме дека се‘ почна од 1991-ва, таман работа. Темелите биле поставено во 1944-та, јазикот тогаш е кодифициран, државната структура е создадена на оваа млада храбра македонска нација. Но за жал, кога дојде до тоа се‘ да зависи од нас, се покажа колку вредиме всушност, колку проблеми внатрешни имаме и како не ја разбираме слободата и демократијата“, вели професорот Малески.

Блажен Малески вели дека темелите кои се поставени, треба да се надградуваат, наместо секогаш, се‘ да се почнува отпочеток. Најважно, според него е, да се изгради атмосфера во која младите нема да се плашат јавно и гласно да го кажат своето мислење, без последици.

„Студентските протести во 2014-та и 2015-та се на некој начин првите искри на вистинско критичко мислење кое е градено на факти, а не од други сили во општеството, што е многу важно. И тие студенти беа токму од мојата генерација, онаа прва генерација на независна Македонија. Што е уште една интересна коинциденција. Демократијата се учи а секоја генерација ја учи одново. 25 години живееме во систем кој најчесто им служи на партиите, наместо на граѓаните. Мислам дека во наредните 25 години ќе се занимаваме многу со тоа што ние сакаме од државата. Ќе имаме темелно проучување на она што се случило во минатото, доброто да го примениме и лошото да го промениме“, вели тој.

Денешните млади се занимаваат со други проблеми – најчесто со финансиската стабилност и вработувањето, како и дали да останат во Македонија

Блажен смета дека младите луѓе немаат јасна слика како земјата може да просперира во овие моменти и затоа многумина заминуваат. И самиот вели дека би сакал да замине. Работи на област која не е доволно развиена во Македонија и себеси се гледа во странство одреден период од неговиот живот.

„Идеално се гледам себеси овде, да ги имам истите можности како моите пријатели од Европа, да го работам она што сакам да го работам и што ме исполнува, и во крајна линија да не мора да ја смислувам реченицата три пати пред да ја кажам во јавност, бидејќи тоа може да загрози некој од мојата фамилија кој работи таму и таму, или што сум земал пари од оваа или онаа фондација и да си го живеам животот слободно во државава. Ако порано се иселуваа млади кои немаа големо образование или од оние региони каде образованието беше лимитирано, денеска гледаме дека најдобрите студенти си заминуваат и не се враќаат. Од моите колеги кои биле најдобри, знам дека не сакаат да се вратат. За да се вратат овде треба да има тектонски промени во следните пет години“, додава тој.

Македонија со една задача – да стане европска и демократска

Професорот Денко Малески вели дека неговата генерација политичари, сепак се водела од идеали, за разлика од денеска.

„Станав министер на 44 години а не на 24, па тогаш многу работи и не можеа да ме воодушеват. Секретарка, шофер и не знам што...Бев растен по амбасади, ја знаев и опачината на политиката. Историскиот момент беше важен, и иако избегнувам тоа да го потенцирам, искрено можам само да кажам дека ми беше чест да служам. Но сега се стана борба за политички плен. Нормално е луѓето кои инвестираат во политика, да сакаат нешто и за себе. Те бира народот да го штитиш државниот интерес, ама ти исто имаш и фамилија, свои проблеми, лични интереси итн. И во една средина со ваков менталитет, во една средина која е затворена и измамничка, итар пејовска, овие луѓе мислат дека тоа што го прават никој не го забележува. Почнуваат битка за нешто друго и се губи битката за народот и за државата“.

Излезот и целта за земјата ја гледа само во ЕУ и НАТО. Откако се сеќава, идеалот бил Европската унија. Се плаши и се надева дека моменталната атмосфера нема да се претвори во нешто многу грдо за Македонија. „Политичките партии се доведоа во ситуација во која сметаат дека никој не смее да ги изгуби изборите. Како е можно тоа“.

Mazedonien Student Blazen Maleski
Студентот Блажен МалескиФотографија: DW/P. Stojanovski

Во првите десет години од постоењето, според Малески, Македонија не успеала да разврзе еден важен јазол во македонското општество, а тоа е меѓунационалниот. „Лекцијата дека корените на војните во Југославија беа поради доминацијата, требаше да ја примениме, но одбивавме да го направиме тоа. Кога се промени геополитиката со војната на Запад против Милошевиќ, се прелија настаните тука, а домашната албанска елита не беше спрема да стои со нас, туку рече и ние се согласуваме со овие со пушките. И потоа тоа моравме да го решиме со Охридскиот договор. Останатите 15 години, стана важно да нема војна. Испадна дека владејачката македонска партија ќе ги држи Македонците, додека албанската ќе ги држи Албанците и сите ќе се грижат за мирот. Сите задоволни дома и во странство. Но никој не сфати дека така ја запустивме демократијата и одеднаш сфативме дека ние живееме во неслобода“, додава тој.

Според него, во едно слободно демократско општество точно би се знаело како да се разреши оваа политичка криза. Ќе следат оставки, одговорност и судска постапка.Но во едно целосно корумпирано општество, може да не се случи ништо, затоа што општеството е труло на сите нивоа.

„Нашата промена ќе биде многу тешка. Но ние мора да научиме да се менуваме. Да го менуваме нашиот ориентален измамнички вредносен систем. Да им дадеме предност на вистината вредностите и верувањата. Демократијата и слободата мора да станат религија на човекот. И човекот мора да се менува, оти институциите не се ништо друго освен рефлексија на неговиот ум. Поради ова лошо искуство се надевам дека оваа важна лекција, ќе биде научена и дека чекор по чекор ќе тргнеме во таа вистинска насока. Ние во моментот сме една цивилизациски, културно и демократски заостаната земја и нас ни треба една цивилизација од надвор да не‘ еманципира, додека ние да станеме фактор и да дојде ред и ние на други да помагнеме“, додава Малески.