Демократска Европа е жена, маж или трансродово лице
5 јули 2019Европа е жена, објави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск по маратонскиот самит на кој беа предложени новите лидери на Европската Комисија, меѓу кои за прв пат и жена претседател на ЕК, како и жена која никогаш не била банкар за шеф на Европската централна банка.
Нека не ви создава забуни овој наслов, затоа што во текстот се споени две важни теми во еден поширок контекст, каде се испреплетува прашањето дали навистина Европа е жена, односно дали жени се бираат на лидерски позиции само кога мажите не можат да се договорат, и колку навистина е демократски да се прифати мислењето на мнозинството кое е против правата на трансродовите луѓе.
Дискурсот кој го следи овој текст, укажува на нужноста од поглед кон демократијата , демократска Европа и демократска Македонија без исклучување или фаворизирање ниту на едното, ниту на другото ниту на третото, туку преплет на сите три.
Од завршницата на самитот, произлегува дека демократските процеси не се постулат при изборот на европратеници, особено во делот на начинот на кој националниот избор влијае врз изборот на лидери во ЕК. Не се насетува демократија ниту во итрината Европа да биде наречена жена, како што нема ништо демократско ни во насилната мајоризација да им се ускратат правата на трансродовите лица.
Европа во овој случај бива прикажана како жена, не толку поради самиот избор на две политичарки на лидерските позиции, туку преку умешноста на процесот при тој избор, каде всушност една жена, конкретно фрау Меркел, успеа жедни да ги пренесе преку вода, новите и старите мажи на Европа, либералните и сувернистичките мачомени кои тропаат по тапаните на реформизмот или национализмот.
Мажите од Вишеградската група, познатите суверенисти, популисти и националисти од Полска, Чешка, Унгарија, Италија, излегоа како апсолутни губитници во битката за кандидати. Нивното популистичко мото Европа на 28, а не Европа на дуото Париз – Берлин, по отпорот кон социјалистот Тимерманс, ги доведе во апсурдната контраефектива ситуација со која успеаа да ја зајакнат оската помеѓу Германија и Франција. На тој начин завршија со германска наследничка на Меркел како шеф на ЕК, со белгиски либерал кој е другар и на Париз и на Берлин како претседател на Европскиот совет, со французинска како нов шеф на ЕЦБ, и со шпански социјалист кој беше главен во европската војна против Мадуро во Венецуела како нов шеф на европската дипломатија. Со ваквата поставеност, Орбан, Качински, и нивниот нов потрчко Салвини, инаку премиер во сенка на земја основач на ЕУ, изгледаат најблаго речено смешни. Изборот на Урсула, како поранешен германски министер за одбрана, не само што нема да ја зголеми националната сувереност на земјите, туку е сигнал за отпочнување на заедничката Европска одбрана, нешто на што заеднички веќе работат Шпанија, Холандија и Белгија, покрај локомотивата Германија-Франција.
Други колумни од Ивор Мицковски:
-Киднапираните победи и банал-национализмот на ВМРО
-Не прашувај што може ЕУ за Тебе – Што можеш Ти за ЕУ во Себе
Триумф! – би крикнала Кралицата на Ноќта, победата во целиот овој замрсен процес ѝ припаѓа единствено на Меркел. Беше приморана цела година да поддржува шпиценкандидат на партија која не е нејзина, за на крајот да дозволи несреќниот Вебер да биде шутнат од Макрон. Потоа направи убав гест кон социјалистите, со кои инаку дели влада, поддржувајќи го Тимерманс, па оставајќи го да биде турнат од Пољаците, Унгарците и Италијаните, или што би рекол нашиот несреќен Рашковски, тоа Циганите.
Самата Меркел се стави во позиција два пати да ѝ биде понудено водството на Комисијата, што таа елегантно го отфрли како благороден гест. Конечно, успеа да ја намести својата лојална штитеничка Урсула, за која разбрав дека во Германија се соочува и со парламентарна истрага за милионски злоупотреби и непотизам. Во исто време издејствува нејзината пријателка Кристин Лагард да ја преземе моќната Банка, преставувајќи ја номинацијата како француска победа. И како сѐ тоа да не е доволно, Меркел си ја дозволи и комоцијата да гласа воздржано за својата германска штитеничка, за да отстрани понижување на партијата на Вебер. Со други зборови, Меркел успеа виртуозно да изглуми: не е до мене, другиве ми ја наметнаа. За на крајот да се создаде ситуацијата каде единствената жена која има моќ во Европа, наметна и си постави две жени на двете најважни фотељи во Европската Унија.
Ако за две недели Европарламентот ги потврди овие кандидатури, Меркел ќе ја изигра својата можеби последна државничка симултанка, овој пат и дефинитивно закопувајќи го системот на шпиценкандидат.
На овој начин се уништува ембрионалниот демократски модел каде изборот за шеф на ЕК се става во раце на политичките групи во Европарламентот, одземајќи ги од строгата контрола на националните лидери. Меркел никогаш не го сакаше тој демократски метод, Макрон пак, брутално го закопа со своето вето за Манфред Вебер. Aufwiedersehen и au revoir демократијо, кога не им одговараш на големите сили.
Смешен се покажува и Макрон, кој е сѐ повеќе инспириран од Де Гол, наместо од Шуман во својот европеизам, ситуација која ние од Македонија и Балканот најдобро ја чувствуваме, пред сѐ поради неговото блокирање на проширувањето. Смешен е зашто ита да стане главен, се обидува постојано да ѝ контрира на Меркел, а секој пат излегува со искршени коски од тие дуели. Како во случајов каде ја доби Лагард како Французинка, но жена која е премногу способна, премногу независна, и премногу блиска до Меркел, за да си дозволи да прима наредби од Елизејската палата или пак Макрон да очекува своја полза од нејзе.
Во целава работа има малку надеж за Македонија. Меркел се скрши од повторување дека ќе направи сѐ што е во нејзина моќ за да добиеме датум за преговори. А што би рекол (се извинувам, но морам повторно да го цитирам владиниот ген-сек) „со Германци тешко се договараш, ама еднаш кога ќе се договориш, исполнуваат". Така што, останува таа надеж дека Меркел некако ќе го преигра Макрон околу Македонија, дека ќе остане на својот збор, и дека ќе го исполни ветеното.
Но, постои и опасност. Ако толку лесно беше да се отстрани докажаниот борец за демократија и правда, да му се земе скалпот на Тимерманс од страна на Орбан, Качински и Салвини, оние кои систематски ги уништуваат и газат фундаменталните човекови права, тогаш каде е гаранцијата дека храбрата и принципиелна надворешна политика на Македонија, ќе биде наградена и земена предвид. Ако добрите политики во Европа и на Балканот, како и одбраната на човековите права се претворија во политички хендикеп, тогаш Европа има тешка работа да си одговори до каде оди, каде воопшто оди, со своите веќе изместени вредности, етика и приоритети.
Толку имав за Европа, демократијата и жените. Одиме сега со обратната пракса на Балканот и мажите. Во неделата пред одржување на скопскиот Марш на гордоста, министерот за здравство, Венко Филипче најави и во рок од неколку часа ја откажа можноста за операции за промена на полот кај трансродовите луѓе. Не само што ја откажа од сметката на Фондот, туку рече дека нема да се случува во ниту една јавна здравствена установа.
Министерот покрена дебата, која прерасна во лов на вештерки, во шовинизам, навреди и мачо перчење кој е поголем алфа мажјак, кој политичар ќе даде посилна и пожестока изјава, од типот: Нема вие со мои пари и пари на народот да менувате полови! Министерот Филипче, со својата површност, лабилност, не знам ни како да го наречам ова, веројатно и злоба, не само што ги оштети и повреди трансродовите лица, и сите оние кои заслужуваат и имаат потреба од врвни уролошки интервенции, туку буквално се стави на страна на омразата, на страна на хејтерите, дозволувајќи толку вулгарно и просто да се постави проблемот на едно малцинство од нашите граѓани.
Министерот дозволи најголемите политички деструктивци, локални шерифи и лопови, на грбот на чесни македонски граѓани да изигруваат силеџии и чувари на парите на народот. Можеби најнискиот потег на министерот беше да ја оправда контраодлуката под превезот дека владата била демократска и го слушала народот. Мајоризацијата, наметнувањето на волјата на мнозинството над малцинството, токсичната машкост, одземањето на правото на здравствена заштита, одеднаш станаа демократска карактеристика и определба на оваа влада.
Не би навлегувал детално во тема за која сметам дека е должност на секоја личност да се едуцира и да изгради барем свој информиран став. Тоа што би препорачал е дека мора да се избегнуваат генерализации и стандардизации. Да се проба и емотивно да се разбере прашањето какво е чувството да се живее во туѓо тело, да не може слободно да се љуби, да се биде секслуално исполнет, и тоа да ви биде возвратено. Малку повеќе емпатија е потребна и многу повеќе едукација. Во секој случај треба да се земе за моралистички и лажен секој став кој трансродовиот феномен го поврзува со психоза, делириум, естетика, некаков си беснотилук. Притоа, потребен е барем минимален обид да се разбере внатрешната мака на тие луѓе, како и на сите луѓе, нивната/нашата внатрешна борба и како да се смогне сили за промена, а потоа и сите пропратни, во овој случај, родови, хормонални, оперативни проблеми и предизвици. Или што би рекол Лакан, секој човек ова прашање мора да го реши засебно, еден на еден, на тој начин почитувајќи ја „апсолутната разлика“ на секој субјект. Со други зборови, пронаоѓањето на уникатниот родов идентитет не е задача и работа само на трансродовите лица, туки на сите мислечки и говорни субјекти, кои секојдневно мисловно или говорно осцилираат помеѓу машкиот и женскиот род. Тие разлики, таа комплексност, не може да се разреши низ хипокризијата и илузијата на природата и природното.
Психоанализата, или одредени национални друштва на психолози се извинија што во минатото хомосексуалноста ја третираа како болест и перверзија на психичкиот и сексуален развој. Денес знеме дека истото важи и за состојбата во која се наоѓаат трансродовите лица.
Не живејте во минатото и заблудите луѓе, пробајте да разберете како им е на другите, така подобро ќе се разберете и самите себе.
Дозволете си широчина, дозволете си да бидете повеќе, за подобро да бидете нешто посебно. Демократијата не е само во жената, уште помалку само во мажите, или во трансродовите лица. Во заедничката, слободна и искрена, отворена и здрава испреплетеност е, на секој што заслужува еднакви права, иако нема исти погледи и потреби. Демократијата е во тоа секој да се бори за сите и сите да се грижат за секого. Бидете од се по нешто, прифатете различности, обидете се да го разберете тоа што е поинакво, зошто само под таа претпоставка ќе може да се сметате за различни и за вистински свои. Невозможно е да се убедат останатите, па дури и самиот себе, во својата лична вистина, со истата очигледност со која на сите, без исклучоци, им се докажуваат научните вистини. Затоа, не барајте докази, само пробајте да разберете.