1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демонстранти кампуваат пред ирачкиот парламент

БГ/дпа/мф1 мај 2016

Стотици демонстранти кампуваат во близина на ирачкиот парламент во ткн. Зелена зона на Багдад. По вчерашниот упад во парламентот, премиер ал-Абади нареди апсење на демонстрантите

https://p.dw.com/p/1Ig4s
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Jalil

Еден ден откако упаднаа во зградата на парламентот и ја демолираа пленарната сала барајќи реформи, илјадници демонстранти лојални на влијателниот шиитски клерик Моктад ал-Садр, денеска ги продолжија протестите пред парламентот.

Ирачкиот премиер Хајдар ал-Абади издаде наредба да се уапсат демонстрантите и да бидат казнети.

Премиерот ал-Абади го посети парламентот по заминувањето на демонстрантите и ја проверуваше штетата која демонстрантите ја предизвикале во салата за одржување на пленарните седмици и некои кабинети.

Жестоки протести во Багдад

Приврзаниците на ал-Садр упаднаа во саботата во утврдената Зелена зона на Багдад, каде што се сместени државните институции и странските амбасади, и тргнаа на зградата на парламентот откако пратениците не ги изгласаа реформите на владата.

Упадот претставува драматична ескалација на политичката криза во Ирак, чии безбедносни сили паралелно војуваат и против „Исламската држава“.

Во двоен бомбашки напад во јужниот град Самава, попладнево загинаа најмалку 30 луѓе, а повеќе од 70 се повредени.