1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демонстранти упаднаа во „Зелената зона“

СН/дв/ртр/мф30 април 2016

Десетици демонстранти се прекачија преку бетонската ограда на „Зелената зона“ и упаднаа во зградата на парламентот во Багдад во ескалацијата на протестите против ирачката влада.

https://p.dw.com/p/1Ifl4
Фотографија: Reuters/A. Saad

Во главниот град на Ирак, приврзеници на шиитскиот свештеник Муктада ал-Садр упаднаа во оградениот владин и дипломатски сектор во Багдад. Дел од демонстрантите навлегоа и во зградата на ирачкиот парламент (насловна фотографија). Други вееја национални знамиња и скандираа „мирољубиво, мирољубиво“ Илјадници други приврзеници на ал-Садр протестираа пред портите на т.н „Зелена Зона“ изразувајќи го своето незадоволство поради пропаднатото гласање во парламентот за владините реформи. Приврзениците на влијателниот шиитски свештеник со недели на назад протестираат за ферорми и за ставање крај на корупцијата во владата.

Ал-Садр уште во почетокот на март повика на соборување на владата на премиерот Хаидер ал-Абади.

Погледајте го вебвидеото за случувањата во Багдад:

Жестоки протести во Багдад

Претходно во близина Багдад бомбаш самоубиец со автомобил бомба се залета во поворка на шиитски аџии , при што се убиени најмалку 23 лица, а повеќе десетици се ранети.

Автомобилот бомба експлодирал на патот во областа Нахраван кога верниците се движеле во северниот багдадски кварт Кадимија, по којашто шиитските аџии се движат на патот до гробот на Муса ибн Џафар ал-Казим, седмиот од дванаесетте имами на шиитизмот, отруен во затвор во 799 година по наредба на абасидскиот калиф Харунал-Рашид.

Болнички извори за локалните медиуми изјавиле дека се очекува бројот на жртвите да биде поголем, бидејќи некои од ранетите се во критична состојба. Секоја година милиони аџии од Ирак, но и од соседните Иран и Сирија, пристигнуваат во ова светилиште. Минатата година, исто така, тие беа цел на напад во кој загинаа 13 луѓе.

За саботниот напад засега никој не ја презема одговорноста, но познато е дека радикалните сунитски групи а особено екстремната сунитска организација Исламска држава постојано го напаѓа шиитското мнозинство и другите етноконфесионални заедници во Ирак кои ги смета за еретици и неверници.