Демонстрации на Украинците во Келн и Бон
16 март 2014„Сигурно ќе има чистење, од такво нешто се плашат сите и се многу загрижени“, вели Олаф Лајдрајтер. Тој е Германец кој од солидарност со својата сопруга Алина, која потекнува од Украина, заедно со група други демонстранти протестира пред Генералниот конзулат на Руската Федерација во Бон. На протести повика група Татари пред референдумот на Крим. На полуостровот меѓу 12 и 15 проценти се Татари, некогаш ги имало и повеќе. За време на Втората светска војна биле паушално обвинети дека се соработници на нацистите и биле депортирани од Крим. Тие сакаат да го бојкотираат референдумот. Се плашат од припојување кон Русија и евентуално ново етничко чистење.
Подготвеност на сѐ
„Многу Татари ги кријат своите семејства на безбедно, но мажите остануваат на Крим, тие се подготвени да се борат“, вели Лајдрајтер, кој на демонстрациите носи традиционална украинска облека. Собирот е мирен. Дел од жителите во околните згради ѕиркаат низ прозорците, по некој автомобил минува во насока на болницата која е во близина. Од рускиот конзулат, кој е на другата страна на улицата, не се слуша ништо.
„Ако се пролее крв, цврсто сум убеден дека таа крв ќе се залепи на рацете на госпоѓа Меркел“, вели сопругата на Лајдрајтер, Алина. Речиси целата нејзина фамилија живее во Украина. „Таа беше единствената која на безбедносната конференција во 2007 година беше против приклучување на Украина кон НАТО.“ Двајцата сопружници веќе имаат револуционерно искуство: „Двајцата бевме на Мајдан“, раскажува Лајдрајтер и ја покажува својата пропусница која му ја издала Револуционерната гарда. „Подготвени сме на сѐ“, додава неговата сопруга.
Телефонски линии со пречки
Демонстранти се собраа и на просторот пред Келнската катедрала. На протести беа повикани од групата „Мајдан Келн“ на Фејсбук. Со мегафони, знамиња и традиционалниот украински цветен накит во косата го привлекуваат вниманието на минувачите врз себе. Многумина гледаат од сигурна оддалеченост, други фотографираат. Оние, малку поистражувачки настроените, ѝ се приближуваат на групата: „Кому можам овде да му се обратам?“, прашува гласно едно момче. Две девојки се задлабочени во разговор со демонстрантите. „Слушав на вести, но никогаш не разбрав“, вели едната од нив.
Среде групата демонстранти е Украинката Натали Улман, која в раце има мегафон и знаме. Таа со денови е ангажирана на организирање патувања за роднините на повредените од Украина, кои се на лекување во Воената болница во Кобленц. Во неделите пред тоа била на Мајдан, во Киев. Сепак, вели дека не е политички настроена. „Едноставно, мене ми е до луѓето, луѓето како мене кои се во моментов во поинаква состојба. Се работи само за тоа - дали имам срце, чувства, сочувство?“ Натали вели дека одржува контакт со семејството и пријателите во Украина, онолку колку што може. Телефонските врски често имаат пречки, раскажува таа. Многу од повиците се прекинуваат. „Затоа веднаш штом ќе ги добијам на линија директно прашувам: Како сте?“
Русинка за Украина
Дел од демонстрантите завиткани во сино-жолти знамиња е и руската уметница Наташа. Таа живее во Германија од 1987 година. „Руската пропаганда е многу силна во Германија, луѓето кои имаат разбирање за Путин добиваат многу простор“, оценува таа. Освен тоа, на мислење е дека многу луѓе во Германија не се за пристапување на Украина кон ЕУ. „На многумина воопшто не им се допаѓа кога земји како Украина стануваат дел од ЕУ. Тоа за Германецот значи - повторно плаќање. Можам да ги разберам.“ Тоа што како Русинка демонстрира заедно со Украинци против политиката на Путин, за нејзе не е невообичаено. „Протестирав и за независност на Естонија и на Грузија. Едноставно јас сум против советската моќ.“