Најмасовната демонстрација во Берлин му „отпеа“ на режимот
4 ноември 2019Долго вриеше во Германската Демократска Република. Со месеци се` повеќе луѓе покажуваа храброст да излезат на улиците. Во Лајпциг секој месец илјадници луѓе бараа слобода на говор и движење. Се` повеќе луѓе вртеа грб на нивната економски и политички банкротирана земја на повеќе или помалку опасен начин. Во жаргонот на комунистичкиот режим, тие беа „бегалци од Републиката".
Ерих Хонекер, кој од 1973 година беше најмоќниот човек, на 18 октомври беше симнат од власт. Но, и неговиот наследник Егон Кренц меѓу населението не уживаше многу доверба. Во таква атмосфера на 4 ноември 1989 се случи најголемата дозволена демонстрација во историјата на земјата. Иницијатори беа глумци и луѓе од театарската сцена од Источен Берлин. Се повикуваа на член 27 и 28, односно правото на слобода на говорот, на медиуми и на мирни собири. Членови кои во 40 годишната историја на земјата постоеја само на хартија. Но, токму на тој ден на Уставот, кој со децении беше погазуван, му вдахна живот огромна група на луѓе на Александерплац. Проценките и 30 години подоцна се движат меѓу 200.000 и еден милион демонстранти. Тоа што го доживеаја беше уникатно во историјата на Источна Германија, тие стоеја пред мал камион на која се наоѓаше провизорна дрвена бина за повеќе од 20 говорници: глумци, пејачи, писатели, проповедници, но и претставници на режимот.
Гинтер Шабовски пет дена подоцна стекна светска слава
Еден од говорниците на 9 ноември 1989 стекна светска слава. Гинтер Шабовски, кој беше шеф на берлинската Социјалистичка партија на единството во тоа својство на пресконференција соопшти дека ќе има нов Закон за патување, кој пак сосема неочекувано го урниса Берлинскиот ѕид. На демонстрацијата на 4 ноември, Шабовски од масата луѓе беше исвиркан дури и кога на почетокот рече дека „треба едни на други да си дозволиме култура на дијалог!"
Функционерите на режимот на Источна Германија во тој момент веќе го имаа потрошено својот кредит. Критиката на своја сметка од страна на Шабовски не беше ни забележана во свиркањето. „Што ли го мотивира еден комунист во ваков момент кога ќе види илјадници и кога е во визирот на илјадници?", праша тој пред главно негативно настроените луѓе. Одговорот што си го даде самиот беше: „Само оној кој ќе го чуе и разбере предупредувањето е способен за нов почеток."
Отецот Фридрих Шорлемер ја реформира националната химна
Зборовите на Шабовски допреа до критичарот на режимот, отецот Фридрих Шорлемер. Теологот од Витенберг, градот на протестантскиот реформатор на црквата Мартин Лутер, ја цитираше со мали промени химната на земјата: „Во есента 1989 се исправивме од рушевините и се свртевме кон иднината." Под импресии на многуте бегалци од Источна Германија, тој од народот побара да остане во земјата за да може заеднички да ја обноват. „Сега буквално ни треба секој еден човек."
Младиот глумец Јан Јозеф Лиферс отворено го стави под прашање владеењето на партијата: „Се` додека врвот на партијата реагира само на притисок од сите нас, според мое мислење не може да се зборува за нејзина водечка улога." Таквите реченици сакаше да ги слушне масата луѓе насобрани на Александерплац. Па очекувано голем беше и аплаузот.
Легенда на тајната полиција зборува за „привидниот свет" на раководството на земјата
Поранешниот заменик шеф на тајната полиција на Источна Германија Маркус Волф, кој до 1986 го водеше одделот за странство, се покажа самокритички настроен. Волф се осврна на губењето допир со реалноста од страна на владејачките структури во земјата. И покрај зголемениот број критички гласови во сопствените редови, не може да се спречи „раководството до 7 октомври да си живее во привиден свет". Со тоа тој алудираше на датумот на формирањето на Источна Германија.
По повод 40 годишнината од основањето на државата, раководството за последен пат самото се величаше. Протестите на опозицијата беа брутално задушени. Поранешниот човек од службата Волф на неговите сопартијци кои долго ги поддржуваше, им префрли дека не ја сфатиле пораката дури ни „кога луѓето почнале да гласаат со нозете". Со други зборови: ја напуштале земјата преку околни патишта, особено со бегство во западногерманските амбасади во околните социјалистички земји.
Маријане Биртлер: „Надеж, фантазија, дрскост и хумор"
Режимот не очекуваше, но тричасовните демонстрации во центарот на Источен Берлин поминаа мирно. Неколку дена претходно шефот на тајната полиција Ерих Милке издаде серија наредби на силите кои беа распоредени на 4 ноември, меѓу кои и обезбедувањето на Берлинскиот ѕид, кој се наоѓаше во близина, по секоја цена „за спречување напади врз државната граница да се подготват персонални и технички мерки за блокада."
Грижите на Милке беа непотребни, бидејќи протестот бил „неверојатно убав", се потсетува години потоа граѓанската активистка Маријане Биртлер. Како говорник, подоцнежната шефица на Управата за сите достапни досиеја од тајната полиција, тогаш зборувала за насилството на комунистичкиот режим и надежта „која од пред неколку недели конечно цвета во Источна Германија". На Александерплац Биртлер тогаш рекла дека надежта е собрана и помножена со многу илјади пати „фантазија, дрскост и хумор".
„Настан со последици за Европа"
И тајната полиција мораше да го увиди тоа во опширен извештај за настанот кој беше пренесуван во живо на телевизија. Во извештајот меѓу другото се цитира она што беше испишано на импровизирано тркало: „Не може да се сврти наназад тркалото на историјата!" Претходно уплашената тајна полиција на големиот дел од демонстрантите им припишала „дисциплинирано" однесување.
„Непријателски сили", со кои сметал шефот на тајната полиција, Милке немало никаде. Но, за нешто друго имал сепак право, имено дека демонстрацијата на 4 ноември 1989 по желба на организаторите станала „настан со последици за цела Европа". Пет дена подоцна, на 9 ноември, падна Берлинскиот ѕид.