Се крчкаат ригорозни казни за работа во недела
5 февруари 2021Иницијативата за недела да се прогласи за неработен ден е се поблиску до реализација. Оној момент кога идејата, недела да биде само ден за одмор ќе се преточи во законско решение, на сила ќе стапат и казнени мерки за работодавачите коишто нема да го почитуваат тоа. На работниците за кои нема да важи ова правило, работодавачите ќе треба да им го платат екстра неделниот труд, но ќе треба да им дадат и друг слободен ден во неделата кој ќе го искористат за одмор.
Идејата за недела како неработен ден беше покрената во ноември минатата година, кога премиерот Зоран Заев информираше дека Владата ја прифатила иницијативата на синдикатите. „Ова решение е во интерес на граѓаните, бидејќи тој ден треба да биде ден посветен на одмор, за поквалитетно време за секој граѓанин, ден за семејството и ден за себе“, порача тогаш Заев. Месеци подоцна, Владата на седница на Економско- социјалниот совет го разгледуваше драфт текстот за законското решение за ‘недела неработен ден’.
„Трипартитниот дијалог ја потврди намерата на Владата – недела да се прогласи за неработен ден, односно според она што денеска се донесе како заклучок, текстот да гласи: „недела е ден за неделен одмор“, информираат од кабинетот на вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Кој нема да биде опфатен со законот?
За нормално функционирање на државата ќе има можност одредени работодавачи/правни субјекти да работат, но само во определени дејности и тоа само оние работодавачи кои ќе можат да покажат дека технолошко-производствените процеси не смеат да се прекинат. Останатите работодавачи нема да смеат да работат. Во случај да го прекршат законот и да работат во недела, тогаш ќе следи соодветна ригорозна казнена мерка.
-повеќе на темата: Неисплатените плати присилно ќе се префрлаат на сметките на работниците
За работниците во дејностите кои ќе спаднат под исклучоците, работодавачите ќе треба да им го платат работењето во недела согласно законите и колективните договори и ќе треба да одредат друг ден кој ќе биде ден за неделен одмор. „Недела неработен ден“ како дел од програмата на оваа Влада е приоритет и дел од политиките кои ќе доведат до зголемена социјална рамноправност и заштита на работничките права. Предлог законот за работни односи, од кој дел е и решението „недела неработен ден“ е се уште во работна верзија и се консултира со сите засегнати страни, соопштија од Владата.
Широка дебата за предлогот
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска пред членовите на Економско-социјалниот совет (ЕСС) ја презентираше последната верзија на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, а со кој се регулира денот недела да биде ден за неделен одмор. Последното предлог-законско решение доаѓа по широка дебата во општеството: со синдикатите, со претставниците на коморите и работодавачите.
Шахпаска вели дека во ова решение се сублимирани повеќето од забелешките што изминатиот период ги дале претставници и на работниците и на работодавачаите. „Наша задача е да дојдеме до предлог-закон кој ќе биде прифатлив за сите страни што се дел од социјалниот дијалог. Сметам дека документот овозможува најголемиот дел од работниците неделата да ја користат за одмор и за семејството. Секако дека работниците коишто работат во дејности во кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине, како ден за одмор може користат и друг ден од неделата. Начелно има согласност за носење на вакво законско решение и сите засегнати страни имаат позитивен пристап“, нагласи министерката.
Таа изрази уверување дека преку конструктивна дебата со социјалните партнери ќе се дојде до најдоброто законско решение, со што ќе се оствари суштинската цел недела да биде ден за одмор, односно ден за семејството.
Работникот ќе биде попродуктивен
Во услови на светска здравствена криза предизвикана од Ковид - 19, се покажа дека повеќе од потребно е недела да биде неработен ден за сите работници, е ставот на Сојузот на синдикатите на Македонија. Тие повеќепати потенцираа дека ова решение е во интерес на граѓаните. Недела треба да биде ден посветен на одмор, ден за поквалитетно време за секој граѓанин на кој му е тоа потребно, ден за семејството, ден за себе, е ставот на ССМ, кој повеќепати предлагаше ден на неделен одмор да биде недела. Анализите и примерите покажуваат дека работникот ќе биде попродуктивен, ќе има повеќе време за семејството,за одмор и професионално надградување и дообразување, поврзано и со здравјето на работниците, а обврските можат да се завршат во текот на неделата, а истовремено да не трпи ниту бизнисот ниту работниците и граѓаните.
Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) побара ако недела се прогласи за неработен ден, оние што ќе работат да земаат за 50 отсто повисока дневница Сѐ друго, според нив, би било неприфатливо од причина што ќе се направи дискриминација со селектирање кој може, а кој не може да работи во недела.