1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денот започнува со танц и се‘ е поинаку!

П. Шефер / А. Методијев4 ноември 2014

Како да се стигне на работа полн со енергија? Со ова прашање се соочени се‘ повеќе „воркохолици“ во големите градови, кои се „залепени“ за работната маса. Девизата во европските метрополи гласи-танцување од рано наутро!

https://p.dw.com/p/1DDIJ
Фотографија: Yuri Arcurs/Fotolia

Утро е во лондонскиот кварт Истенд. Улиците се’ уште се празни и само неколку ранобудници се на пат. Тие одат на една забава.

Денот почнува на подиумот за танц. Ова станува се’ попопуларно. Според организаторот, тука доаѓаат околу 800 посетители месечно.

„Не сум ранобудник, ама за ова правам исклучок“, вели Тим Саундерс.

Проектот е наречен „Морнинг глоривил“. Тој е мешавина на фитнес и релаксација. Кому му треба пауза од танцување, може да оди на масажа или да вежба јога. Алис Пеперел од „Морнинг глоривил“ објаснува:

„’Морнинг глоривил’ го враќа чувството на еуфорија и заедништво, што се појави на рејв-сцената во 90-ите години, но тогаш имаше и многу дрога. Она што ние се обидуваме да го направиме е да го вратиме истото чувство на екстаза и еуфорија - одиш на подиумот за танц и целосно се опушташ, но си сосем трезен“.

Се’ чини дека тоа функционира. Кој се мачи да стане од креветот во пет часот, сега е веќе целосно буден. Танцување за полнење со енергија. Слични концепти има и во Њујорк, Тел Авив и Стокхолм. Во шведскиот главен град, на пример, може за време на паузата за ручек да се оди на „Ланч бит“ - еден час движење на забава во подрум на замок. Даниел Оделстад, организатор на „Ланч бит“, нагласува:

„Првото правило на ’Ланч бит’ е ако сте првпат на него треба да танцувате. Второто правило е сеедно кој пат да сте тука - треба да играте. Ова е место каде луѓето танцуваат. Никој не ги осудува. Секогаш се трудиме ова да го задржиме во затворен простор, за да немаме гледачи. И бидејќи луѓето се трезни, на „Ланч бит“ чувството е сосема поинакво отколку во три или четири часот наутро во голем клуб“.

Symbolbild - Plattenteller
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тука алкохолот е непожелен. Покрај музиката има и лесно јадење без месо. Посетителите, на крајот на краиштата, доаѓаат за да се закрепнат. Редовната гостинка Јохана Сканце е среќна:

„Целосно сум препотена, се чувствувам полна со енергија и сум среќна. Всушност на некој начин копнеам да се вратам во канцеларија, бидејќи ова ме полни со многу енергија и идеи“.

И оние од Лондон сега одат на работа. Кој не може да тргне на време, организаторот му пишува извинување до шефот. Рано изутрина препотени луѓе излегуваат од клуб - слики како по некоја ноќ мината во танцување. Но, сега никој не легнува в кревет, туку одат директно на работното место.