Денот кога е ослободен Аушвиц
27 јануари 2013Во 1945 година во тогашниот германски журнал, кој почнуваше со помпезни звуци на фанфарите, се слушнаа зборовите на спикерот:
„Овде на Источниот фронт меѓу Балтичкото Море и Карпатите, во утринските часови на 13 јануари Советите почнуваат со најголема офанзива досега. Фронтот е широк неколку илјади километри“.
Со секој метар кој го освојуваше советската Црвена армија, се ближеше и ослободувањето на Аушвиц и преостанатите затвореници. Но, ќе поминат уште две исцрпувачки недели додека тоа да биде реалност. Конечно, во саботата попладне на 27 јануари советските трупистигнуваат во Аушвиц. Германските единици пружаат огорчен отпор. Во ослободувањето на концентрациониот логор загина 231 црвеноармеец. Преживеаните логораши, околу 7.500, изгледаат повеќе мртви отколку живи.
Случувањата во Аушвиц не беа веднаш објавени. Дури во средината на април 1945 година преживеаните говореа за своите искуства во рамките на програмата на ББС на германски. И Анита Ласекр ги евоцира своите спомени:
„Лекарот и командантот стоеја пред рампата при пристигнувањето нови затвореници и ги сортираа пред наши очи. Ги прашуваа за возраста и здравствената состојба“.
Многумина затвореници признавале некаква болест, со тоа потпишувајќи си смртна пресуда.
„Посебно ги издвојуваа децата и старците. Десно, лево, десно лево. Десно значеше живот, лево значеше право во печка“, раскажува Ласкер.
Организатор на холокаустот
Аушвиц е најголемиот и најужасен логор на смртта. Таму системот на нацистите за убивање достигнал совршенство. Организатор на масовните убивања беше Адолф Ајхман. Тој беше на чело на т.н. Управа за евресјки работи, во главниот штаб на германскиот Рајх и дел од апаратот на теророт на СС. По војната Ајхман побегна во Аргентина со помош на Ватикан.
Во мај 1960 година Ајхман го пронајде израелската тајна служба и го спроведе во Израел, каде му беше судено. Тој се обиде да ја намали својата улога во холокаустот.
„Се гнасам и го осудувам осудувањето на Евреите кое го наредија тогашните германски власти“.
Сепак, не успеа да побегне од самиот себе си.
„Бев само алатка во рацете на помоќните сили и на загадочната судбина“, изјави Ајхман пред судот. Неговиот цинизам не му помогна, беше прогласен за виновен и погубен во 1962 година.
Како умирале затворениците
Концентрациониот логор Аушвиц, на околу 60 километри југозападно од Краков, е изграден во 1940 година. Во септември 1941 година командантот на логорот Рудолф Хес дал налог отровниот гас „циклон Б“ да се користи за убивање на затворениците. Овој гас служел и за дезинфекција, а неговите испарувања се смртоносни во рок од неколку минути. Од 1942 година Евреите од цела Европа биле депортирани во Аушвиц. Од 1943 година, Евреите, Ромите, Синтите и другите жртви на нацистите се убивани „индустриски“. Затворениците биле спроведувани во четири гасни комори, а потоа запалувани во џиновски крематориум.
Еден од лекарите во логорот бил и Јозеф Менгеле, наречен „ангел на смртта од Аушвиц“, кој спроведувал ѕверски експерименти, некои и врз децата.
Менгеле исто така побегна во Аргентина по војната, подоцна во Парагвај и Бразил, каде умре во 1978 година. За него Анита Ласкер раскажуваше:
„Менгеле доведуваше жени во познатиот Блок 10 и таму вршеше експерименти. Тој ги стерилизираше жените, односно експериментираше онака како што тоа сеправи со животните. Евреите им беa доволно добри за тоа. Експериментираа и со близнаци, им ги кинеа јазиците од уста, им ги отвораа носевите“.
Оние кои биле со посилна телесна конституција, морале да одат на присилна работа. На пример, фаbриката за хемикалии и бои ИГ имала посебен погон во Аушвиц. Затворениците работеле без доволно облека, храна и медицинска нега. По неколку месеци робовска работа, затворениците умирале од глад, студ или несреќи при работата.
Оние кои не можеле повеќе да работат, биле враќани во логорот на смртта. СС единиците во Аушвиц убија повеќе од еден милион луѓе. За да бидат сокриени трагите на злосторствата пред Црвената армија, СС ги разнесол гасните комори кон крајот на 1944 година и најголемиот дел од затворениците биле протерани во правец на запад.
Холокаустот, кого Ајхман го нарекува „загадочна судбина“ значеше смрт за повеќе од шест милиони луѓе, од кои 5,6 милиони Евреи и половина милион Синти и Роми. Од 1996 година во Германија секоја година 27 јануари официјално се одбележува како спомен на жртвите од нацизмот.