Десет причини да ја посетите Баварија
Баварија е омилена цел на туристите во Германија. Секоја година јужната германска покраина ја посетуваат околу 7,5 милиони странци. Ова е списокот на десет знаменитости поради кои тие најчесто доаѓаат во Баварија.
Замокот Нојшванштајн
Овој замок е туристичка мамка број 1. Секоја година го посетуваат околу 1,4 милиони луѓе. Тоа сигурно не би му се допаднало на неговиот градител, повлечениот и ексцентричен баварски крал Лудвиг Втори. Тој, кон средината на 19. век, го подигнал дворецот за да може да „побегне“ во сопствениот свет на бајките. Туристите денес сметаат дека замокот е романтичен.
Октоберфест во Минхен
Минхенската народна прослава нема многу врска со романтика. Но, затоа, Октоберфест е синоним за опуштено, главно неконтролирано уживање во животот. Најголемата светска народна веселба годишно ја посетуваат речиси 6 милиони луѓе, а „копии“ на Октоберфест се организираат низ целиот свет. Но, само еден е оригинален - оној минхенскиот. Првиот „фест“ бил одржан во далечната 1810 година.
Ротенбург об дер Тауер
Ова гратче во Франконија е вистинска цел за љубителите на средниот век. Туристите се одушевени од тамошните куќи, градските ѕидини и одбранбените кули. За својот сегашен изглед ова место може да биде благодарно на... недостатокот на пари. Имено, по Триесетгодишната војна немало пари за обнова и модернизација. Затоа Ротенбург об дер Таубер денес е вистински бисер.
Минхен
Баварската метропола е еден од најубавите германски градови. Првата цел на туристите е градскиот плоштад Мариенплац, на кој се наоѓа и прочуениот Градски совет, а во близина е и Фрауенкирхе (минхенската катедрала). Во Хофбројхаус навраќаат љубителите на баварското пиво и на локалната гастрономија. Треба да се посети и замокот Нимфенбург, Англиската градина и Германскиот музеј.
Бајерн
Минхен е секако и седиште на најуспешниот германски фудбалски тим. Бајерн како домаќин настапува на Алијанц арената, еден од најмодерните стадиони во светот. Доколку не успеете да дојдете до билети (тие се редовно распродадени) за натпреварите на германскиот рекордер по број на титули, препорачуваме во најмала рака туристички да го посетите стадионот и така да ја почувствувате атмосферата.
Цугшпице
Во Баварија се наоѓа и највисокиот планински врв во Германија - Цугшпице. Висок е 2.962 метри. Не мора да се плашите од напорот да стигнете на врвот за да уживате во прекрасниот поглед на Алпите. До Цугшпице можете да стигнете и со жичарница или со воз.
Кенигзе
Ова езеро важи за „кралско“ во огромната конкуренција од околу 200 баварски езера. Кристално чиста вода, прекрасни кулиси, атмосфера како во бајка... Со помош на еколошките чамци на електричен погон, туристите уште од 1909 година стигнуваат до црквата на Св. Вартоломеј.
Опера во Бајројт
На листата на УНЕСКО на заштитено културно наследство се најде и оперската куќа на грофицата Вилхелмина, а не светски познатата фестивалска оперска куќа на Вагнер. Со тоа бројот на баварски културни атракции на списокот на УНЕСКО се искачи на седум. Операта е изградена во 1744 година и важи за еден од најубавите и најсочуваните барокни театри во Европа.
Кристкиндлесмаркт во Нирнберг
Секогаш се исплатува да се посети Нирнберг, вториот по големина град во Баварија. Мнозинството гости доаѓаат во декември, на Кристкиндлесмаркт. Секоја година тој божиќен пазар, еден од најстарите и најпознатите во светот, го посетуваат повеќе од два милиона луѓе. Греано вино и медени колачиња можете да пробате на кој било божиќен пазар, но каде на друго место ќе го сретнете „малиот Исус“?
Баварското гостопримство
Не е случајно што токму баварците ги измислиле „пивските градини“ (Биргартен). Некогаш пивото се чувало о ладело во сенките од крошните на големите дрвја, а потоа тука, на лице место, и се точело. Пивото најмногу годи на отворено и во друштво на пријатели. Во Баварија денес има околу 800 пивски градини, а гостите од целиот свет се добредојдени!