1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетици жртви во судирите во Доњецк

БГ/ап/ртр27 мај 2014

Тела на најмалку 30 загинати борци биле донесени во локалната болница по целодневните борби во градот Доњецк во источна Украина, соопштија бунтовничките сили.

https://p.dw.com/p/1C7Nf
Фотографија: Reuters

Украинските сили и проруските бунтовници во градот Доњецк од вчера водат жестоки борби околу аеродромот во градот. Украинските безбедносни сили во нападите користат авиони, хеликоптери и артилерија.

Еден припадник на бунтовниците, кој инсистира на анонимност, изјави дека пред болницата во Доњецк се наоѓаат тела на најмалку 30 негови соборци кои загинале во борбите. Тој вели дека камионот со кој биле доведени мртвите се уште е паркиран пред болницата, и се испитува дали меѓу жртвите има неексплодирани експлозивни направи.

Најновиот бран насилство избувна еден ден по изборот на Петро Порошенко за нов претседател на Украина. Тој најави дека ќе преговара за мирно решение на конфликтот со проруските бунтовници на истокот на државата, иако ги опиша како „сомалиски пирати“.

Во текот на вчерашниот ден и ноќта во Доњецк, град со еден милион жители, одекнуваа експлозии и се слушаа истрели од огнено оружје. Најжестоки борби се водеа околу аеродромската зграда, но сѐ уште е нејасно под чија контрола е таа. Околината на аеродромот е блокирана од полицијата, а најголемиот број летови се откажани или пренасочени.