1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десеттата симфонија на Бетовен

18 декември 2020

На крајот на оваа мачна 2020 година, се наоѓаме понижени од соседна Бугарија и од нашите политички лидери, заглавени во ревизионистички историски дијатриби и закочени од Европа, без реално решение или план Б за иднината.

https://p.dw.com/p/3mtSV
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Деновиве се навршуваат 250 години од раѓањето на големиот, моќен, револуционерниот музички гениј од Бон, Лудвиг ван Бетовен.

И веднаш ми падна на ум тоа негово последно, недовршено дело, таа хипотетична „Десетта симфонија“. Токму „Десеттата“ на Бетовен, повеќе од „Одата на радоста“, химната на Европа, денес е парадигматична за состојбата на Европа, на Германија, па дури и на една Македонија.

ЕУ, Германија, Македонија, проширувањето и целиот проект на обединета Европа, после серијата на вета и „фаустовски“ компромиси, денес делуваат енигматично и недовршено. Европа и Германија пред се, како нејзин вредносен и морален лидер, денеска се големата недовршена симфонија на европската политика.

Во минатата колумна „Европа ги спаси парите, но го загуби образот“, се обидов да истакнам дека вистинскиот проблем за иднината на ЕУ е што членки како Полска, Унгарија и Бугарија, ќе продолжат да бидат нејзин дел и ќе ги кршат нејзините правила и вредности. И дека токму на тоа поле ЕУ стана соучесник.

Идентитетска криза и на самата Германија

Големата Германија, лидерот без кој нема напредок, но ни болни компромиси, се приближува кон крајот на своето претседателство со ЕУ, но и кон крајот на ерата на Меркел, со едно чуство на недовршеност. Во оваа мачна и пандемиска година, токму Берлин беше лидерот кој потегна кон историскиот План за Закрепнување на ЕУ. Берлин храбро тргна кон поголема политичка унификација на Унијата, за потоа да се стопи пред ветото на Унгарија, Полска и Бугарија, срамно жртвувајќи ги своите и европските конститутивни и фундаментални вредности и принципи.

Тоа ни говори за една криза, идентитетска криза и на самата Германија. Што е денеска лидерот на Европа? Дали е само една „нормализирана“ нација ослободена од историскиот терет и германофобијата која ја прати?! Дали е можеби европски хегемон кој прагматично ја ориентира европската политика во свој интерес и кој врз помалите нации ја експериментира својата морална супериорност?! Мислам дека повеќе не е ниту ни едно од двете, и дека на Германија ќе и биде се потешко во овој променлив и нестабилен светски поредок.

Германија повеќе ги нема гаранциите, ниту пак може да се потпре на наративот кој ја следеше во последните 70 години и кој од маргините на историјата, ја врати на самиот врв, после дното на Третиот Рајх. Берлин повеќе не се чувствува заштитен од Вашингтон и четирите години Трамп само експлицитно го потврдија тоа што Американците имплицитно го практикуваат уште од времето на Обама: Германија треба да остане сателит на американската империја!

Германија повеќе не е сигурна ни во Европската Унија. Во време кога интересите на големите светски сили создаваат предуслови за нова Студена војна, и кога јасно треба да се одбере една страна, Берлин, кој економски е зависен од соработката со Русија и Кина, се чувствува напуштен од останатите членки, оставен сам да го носи сопствениот, но и теретот на Унијата.

Идејата од ерата на Меркел, ЕУ да се развива како четврта светска сила, со право на еквидистанца кон другите три светски сили, за на тој начин да се промовираат пред се интересите на Берлин и Брисел, како полека да губи на сила. Унијата се повеќе покажува тенденција кон дезинтеграција, додека поради пандемијата, светот се повеќе тендира кон деглобализација. Тоа е лоша позиција за Берлин кој е зависен од својот извоз и кој во свет на обновени судири и конфронтации, ќе мора проектот на (по)обединета Европа да го стави на пауза, додека од Америка ќе бара нови договори и нови гаранции.

Со Бајден единствено ќе се промени реториката кон Европа, а со тоа мислам пред се на Германија. Во својот судир со Кина и приоритетната важност која ќе му се даде на азијатскиот континент, од Европа ќе се бара одново да се потчини на Pax Americana. А, тоа ќе значи дека за сите идни економски и енергетски проекти и договори, Вашингтон ќе бара повисока цена и поголеми компензации и концесии од Европа за заштитата која ја добива од САД, вклучително и за воената заштита.

Други колумни од авторот:

Европа ги спаси парите, но го загуби образот

Македонија на крстопат

Бајден и Балканот

Вето за ЕУ и обединета Европа

Под тоа прашање потпаѓа и иднината на НАТО и дали конечно Алијансата ќе тргне во насока да се развива како вистинска глобална сила, како едно глобално НАТО кое од евро-атлантско, ќе стане и азијатско, со цел да одговори на безбедносните предизвици на 21-от век.

Во таквата поделба на картите, Европа која сонуваше за сопствена одбрана, за проширување кое конечно ќе го обедини континентот, е ставена во позиција да се самоограничи, да се потчини и да се надева дека барањето на поголеми гаранции и поголем политички кредибилитет од САД, ќе биде задоволено. Европа ги финансира САД од економски аспект, од аспект на увозот, па дури и од технолошки аспект каде Америка глобално доминира благодарение на потрошувачката на ЕУ. Ова е главниот и најсилен аргумент на ЕУ во однос на САД, нешто што во иднина треба да се валоризира. Вториот е дека европскиот „Маршалов план“, ќе создаде зајакнување на светскиот и особено на европскиот пазар. И тука Европа и Германија имаат можност да инвестираат во самите себе, во еврото, во економското и воено зајакнување на Унијата. Тоа би требало малку од малку да ги омекне Американците во нивните империјалистички намери, кои после Трамп, сега најмногу ќе излезат на виделина.

Македонија е во прилично енигматична состојба

Ако судбината на големите и моќните е да останат недовршени, може ли помалите земји да се надеваат на поинаков исход. За жал не можат и таква е денес состојбата и на Македонија. Настрана дневнополитичките препукувања и кој што мисли за оваа Влада, еве дури и да ја имаме најпозитивната инклинација кон нејзиното работење, останува фактот дека нашиот проевропски и реформски наратив остана недовршен. Македонија денес е во прилично енигматична состојба.

Македонската политичка транзиција од режимот кон демократијата е подеднакво енигматична. Германија и САД ни помогнаа со бомбите конечно да се подигне општеството против диктатурата. Се даваа ветувања на лево и на десно, се создадоа специјални институции, ги имавме најдобрите совети од цела Европа и САД, од Ванхојте, преку Прибе, до Хојт Ји. Македонија ветуваше промени, ветуваше правда, ветуваше живот за сите. Главните виновници се оставија да побегнат, други се амнестираа, трети се реинтегрираа и тендерски се наградија. Направивме тешки и мачни договори со соседите, ни се ветуваше ЕУ како готова работа, додека од влезот во НАТО ни се најавуваа дебели години и мултимилијардерски инвестиции во земјата.

ДУИ од режимски и тендерски коалициски партнер, денес двојно политички посилни и со повеќе функции, станаа чесниот и демократски коалициски партнер на проевропската опција. Влеговме во НАТО со голема услуга и стабилизација за меѓуетничките односи, но нашата Влада во неколку наврати ни гарантираше дека почнуваат преговорите со ЕУ, кои за жал останаа закочени. На реформски план доживеавме тотално фијаско, заради пандемијата доживуваме и економски колапс, и единствениот наратив кој оваа Влада ја прави супериорна во однос на опозицијата, европскиот, доживува тотален дебакл. Поранешни министри на Груевски стануваат советници на министри од Владата. Поранешни премиери и докажани криминалци стануваат тајни или специјални преговарачи на Владата со Бугарија. На крајот на оваа мачна 2020 година, се наоѓаме понижени од соседна Бугарија и од нашите политички лидери, заглавени во ревизионистички историски дијатриби и закочени од Европа, без реално решение или план Б за иднината. Сега наративот е дека ќе сме ја донеле Европа дома.

Ќе се согласиме дека просечниот македонски граѓанин кој можеби и не е премногу политички определен или чисто повеќе е загрижен за својата егзистенција, но кој секако има чувство за моментот и некое свое национално достоинство, дека е поприлично збунет и разочаран од овие постојани и нагли промени во наративот.

Во овие неколку години доживеавме една катализација и пауперизација на хипокризијата, дури и повеќе од онаа на која бевме навикнати за време на режимот. Злосторите кои требаше да се срушат или врз кои требаше да се сруши правдата, одеднаш станаа партнери во „заедничките вредности“ и „поголемата приказна“ на оваа Влада. Правдата и политичките идеали комплетно се заменија со политичка прагматичност и бедни компромиси кои покрај тоа што се „дил ориентед“, пред се се насочени кон „бизнис ес ужуал".

Оттука да не се чудиме што луѓето губат доверба и чувство за политиката. Денеска единствената цел е да се стигне до власт, поточно до Влада. Освојување на моќта - тоа е целта, а нејзините крајности се гледаат отпосле. Се докажа една клучна работа за нашето општество и за нашите демократски борци: најдобриот седатив за револуционерните мании е полтронската позиција или функција која побуненикот го претвора во бирократ.

Нашата драга власт не разбира, дека недовршеноста во политиката, во нејзините наративи, одлуки, избори и неуспеси, ги прави недовршени луѓето кои верувале во нивните приказни. Така всушност е убиен здравиот мотор на политиката, кој на момент го имавме, и бедно го прокоцкавме. Така се убива граѓанската страст, идните генерации на борци за подобро. Затоа и опозицијата не може да функционира, затоа што настрана нејзините минати гревови, оставена е да работи со најниските човечки инстинкти и импулси, да контрира користејќи го општото незадоволство, без да може политички да го конкретизира и валоризира.

Едноставно, мерката на секоја политика е мерката на секој човек кој работи со оваа власт. Луѓе без мера и без капацитет, без чувство за својата неспособност ама подготвени на се. Тоа е најлошата комбинација: за ништо добри – за се способни. Нема еден човек кој презеде функција, кој разочара, па беше преместен на друга позиција, да каже: не сум соодветен, не се чувствувам на висина на задачата. Напротив, дрско и арогантно мораме секојдневно да ги слушаме како делат лекции.

Оттука произлегува и нашата, односно, неспособноста на власта да си ги признае грешките, да размислува за алтернативи, да бара поинакви начини, форми и пристапи во политиката. На 100 дена Влада, заклучија дека посветено и принципиелно работат за иднината на земјата.

Нашата системска недовршеност е едно исто, постојано тонење во жив песок. Се препелкаме да го оправдаме неоправдливото, постојано навикнувајќи се и прифаќајќи го тоа што мислиме дека ни е дадено. А излезот, во ова време на историски сензибилитет е прост, и нема потреба од носталгија, само од надеж за подобра иднина: враќање на димензијата каде трудот на поединците и на властите е фокусиран кон колективните проекти кои имаат смисла, кои ги приморуваат луѓето да растат, наместо да ги минимизираат, кои даваат надеж и кои и даваат реална димензија на земјата.

Ние одбравме да фантазираме и да се лажеме за нешто поголемо, кога самите ние сме ситни и мизерни. Затоа сме недовршени.