1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Десоросоизација“: напреден закон со назадна примена

Јане Димески
6 јануари 2017

Генерализирањето на „дијагнозата“ овозможува пресумпција на вина на сите организации дека се „инфицирани“ од фамозниот вирус - треба да одат на тестирање кај единствениот „доктор“

https://p.dw.com/p/2VOmH
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Две илјади и шеснаесетата година ја завршивме со една јасна и две нејасни работи. Добивме јасни и конечни резултати од предвремените парламентарни избори. Првата нејасна работа е кој ќе ја формира следната влада. Втората нејасна работа е што значи и што опфаќа новиот термин во јавната дебата - „десоросоизација“.  Тој првпат залебди во етерот преку Прогласот на ВМРО-ДПМНЕ, кој го прочита претседателот на партијата, Никола Груевски, пред насобраните симпатизери на 17. декември 2016. година пред Државната изборна комисија, додека се разгледуваа приговорите за одржаните предвремени парламентарни избори. Тој во еден пасус најави дека ќе се „бори за десоросоизација на граѓанскиот сектор преку регулирање на областа за финансирање на фондациите и невладините организации по теркот на најнапредните демократии во светот“.

Во последното интервју на Груевски полека се цртаат контурите на новиот термин, но сѐ уште генерално остануваат магливи. Очигледно е дека владејачката партија смета дека еден дел од граѓанскиот сектор боледува од болест наречена странско влијание преку пари или „соросоизација“, која невладините организации ги претвора во армија на Сорос. Армија насочена против македонската влада. Случајно или не, опфатот на „болеста“ е опишан генерално, односно не се прецизира и посочува на колкав и на кој дел од граѓанските организации точно мисли. Не е прецизирано кои точно проекти се сметаат за „болни“ или кои точно активности се симптомите на „болеста“.  Дали станува збор само за организациите кои користат фондови од Фондацијата отворено општетство? За сите организации финансирани од странство? За некои нивни конктретни активности? Или пак генерално за сите организации кои на било каков начин критички се осврнуваат или се осврнувале на работата на Владата?

Mazedonien Skopje - Jane Dimeski - Institut für Demokratie
Јане ДимескиФотографија: J. Demeski

Граѓанските организации во Македонија со пари од странски фондови годишно работат стотици проекти кои се однесуваат од поправки и реновирања на училишта и градинки, помош на социјално загрозени групи на граѓани, маргинализирани групи, болни, лица со пречки во развој, спортови, земјоделци, заштита на животната средина. Други организации работат на обновливи извори на енергија, човекови права, образование, обуки за државна и локална администрација па сѐ до борба против корупција, промоција и застапување на транспарентно, отчетно и одговорно управување, демократски стандарди на управување, набљудување на избори и медиумско известување. Трети се занимаваат со надзор над работата на владата, министерствата, парламентот и финансирањето на политичките партии. Тука има простор за една опсежна и непартиска анализа околу тоа што сѐ работи граѓанскиот сектор и што не е опфатено со активности за во тие области да се насочи некое евентуално ново државно финансирање кое би го дополнило странското. 

Меѓутоа, непрецизноста при определувањето кои од овие организации или проекти се етикетираат како „болни“ и недавањето на јасни критериуми за тоа што се смета за „болест“ може да се сметаат во оваа фаза за целосно лични и субјективни. Може да се сметаат за такви поради тоа што тие се до таа мера нејасни и јавно неспотоечки што не дозволуваат јавноста независно прво да ја испита одржливоста на оваа, а потоа и евентуално да постави и своја дијагноза. Дополнително ваквото генерализирање на „дијагнозата“ овозможува пресумпција на вина на сите организации дека се „инфицирани“ од фамозниот вирус и дека треба да одат на тестирање кај единствениот „доктор“ кој според нејасните критериуми ќе одлучи дали се „здрави“, дали се „за лечење“ или се „неизлечиви“. Се разбира, непрецизноста и нејасноста на критериумите по кои се носат оценки за подобност или неподобност исто така носи опасност за дополнително етикетирање  според моменталниот политички интерес, што и воопшто не е ново.

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Државата финансира каде што не ја боли Владата

Во сите наведени области стотици граѓански организации и граѓански иницијативи работат во најголем дел со пари од странски фондови, некогаш и без фондови, а најретко со помош на државно финансирање. Причината за тоа е што државата досега не обезбеди стабилна, доволна, опфатна и транспарентна платформа за финансирање на активности на граѓанското општество. Приватниот сектор кој инаку би требало да го дополнува тоа финансирање исто така досега не пројави сериозен интерес за вклучување во процесот. Според анализата на Македонскиот центар за меѓународна соработка, до 2014. година државното финансирање за граѓанските организации обезбедува помалку од 20% од вкупниот приход на секторот. Притоа само кај 11% од организациите се јавувaат државни пари како извор на финансирање со над 10% од нивниот годишен буџет. Значи парите кои Владата изминатите години ги даваше за поддршка на секторот се премогу мали за да се спроведуваат огромен дел од проектите. Дополнително, ако се погледне листата на организации кои досега најчесто добивале државни пари, може да се добие и друг впечаток. Меѓу десетте организации кои во периодот од 2008. до 2014. добиле најмногу државни пари се четири спортски сојузи, а останатите се сојузи на лица со инвалидитет како и Црвениот крст.  Поддршката за овие сојузи и организации е сосема на место и треба да се зголеми, но она што е симптоматично е што на листата нема ниту една организација која се бави со политичкиот систем, корупција, економија и финансии, човекови права или екологија, односно сектори кои се со најмногу влијание и удел во владината политика. Пред две години еден владин претставник на настан околу јазичните политики изјави дека по неколкугодишно работно искуство во Владата, сфатил дека политика е тоа што Владата го прави и го презема, но и дека политика е и тоа што Владата не го прави, односно не го презема. Листата на најфинансирани организации по оваа логика укажува дека владата не сака да финансира организации кои ќе ја надгледуваат и евентуално оценуваат нејзината работа во најважните ресори. 

Досега немаше соработка, зошто би имало сега?

Тука мора да се спомене и досегашниот хроничен недостаток на волја за елементарна комуникација и соработка од страна на владејачката партија и државните интитуции со граѓанскиот сектор. Најсвежи примери се целосното игнорирање на иницијативата Предлог за итни демократски реформи, што како предлог за нормализирање на состојбата во државата дојде од неформална коалиција составена од најголемите и најстари граѓански организации во земјата. Свеж пример е и составувањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор. Ова тело се формираше ненадејно без соодветни јавни консултации и со недоволно високи претставници на државата за да се осигура спроведливост на неговите одлуки, што резултираше со бојкот од страна на 89 граѓански организации и без претставник на граѓанскиот сектор. Патем, во Советот Владата си осигури и бројна надмоќ што исто така беше причина за бојкотот од страна на организациите. Сите овие односи не даваат индиции дека по најавите за „регулирање на областа на финансирање на фондациите и невладините организации“ од Прогласот, ако тоа се оствари, ќе се случува на поинаков принцип. Напротив, во најавите за новата „регулација“ нема никаква назнака дека таков евентуален закон или промена на постоечките закони ќе бидат ставени на увид на јавноста и на јавна дискусија пред нивното носење, како што налагаат законите и Деловникот на Владата. Тоа досега често се случуваше со законите кои се од посебен политички интерес за Владата, а како свеж пример може да се спомене Законот за владиното рекламирање во медиумите. Тој од Владата директно беше испратен во собраниска процедура, без никаква претходна јавна дискусија за неговата оправданост, влијание и трошоци. Тоа ни дава индиции дека и најавената регулацијата на граѓанските организации, како најзастапено политичко прашање деновиве, најверојатно прв пат ќе ја видиме на интернет страницата на Собранието, кога ќе влезе во собраниска постапка. Тогаш пак, како што е познато, просторот за измени и дополнувања или целосно оспорување на актот е крајно ограничен.

Mazedonien Zentrum von Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Напреден закон може да има и назадна примена

Груевски најави дека регулирањето на финансирањето на граѓанските организации ќе биде по теркот на најнапредните демократии во светот. Во дел од медиумите и во јавноста се шпекулира дека урнек за „регулирањето“ што најверојатно е и „лекот“ кој тој го спомнува во интервјуто ќе биде американскиот Акт за регистрирање на странски агенти – (ФАРА) кој во слична форма е преземен и од Руската Федерација во 2012. година за регулирање на работата на невладините организации. Разликата е што овој закон е спроведен на сосема поинаков начин во двете земји. Во САД граѓанските организации се регулирани многу либерално со закони во секоја од сојузните држави, бидејќи се сметаат за важен столб на општеството. Со  ФАРА сите физички и правни лица кои работат со странски финансии треба да се регистрираат во регистер за странски агенти и притоа јасно да назначат кој е финансиерот и интересот (на лице, организација, земја, сојуз) и целта која ја застапуваат и притоа немаат никакви ограничувања во работата, освен ако не се поврзани со терористичка организација. Тоа е проследено со обврска периодично да се известува за активностите и трошењето на парите. Руската адаптација на актот го предвидува истото, односно регистрирање на непрофитните организации кои добиваат финансии од странство и се вклучени во „политичка активност“ како странски агенти.  Притоа како политичка активност на странски агенти се означени сите продукти и изјави дадени во јавноста на лица- членови на невладини организации кои се регистрирани како странски агенти, односно на сите кои се финансирани од странски фондови. Притоа актот многу широко го дефинира бавењето со „политичка активност“ односно под тоа ги опфаќа сите облици на застапување на човековите права и најчесто на сите критички ставови кон власта. Примената на законот во Русија вклучуваше и опсежни ревизии на работењето на овие организации со право на властите да се вмешаат во внатрешните работи на организацијата и 6- месечни суспензии во работењето. Дополнително, во руската јавност, уште од периодот на Студената војна, терминот „странски агент“ се поистоветува со шпион со крајно негативно значење. Најголемиот дел од невладините организации во знак на протест не прифатија самоволно да се означат како странски агенти, па државата беше принудена присилно да ги внесе во регистарот, придружено со парични казни и инспекции. 

Македонија преку постојните закони и државни институции има можност ефективно да го контролира работење на граѓанските организации и потеклото на парите, како и целта за која се исплаќаат. И тоа од прв до последен денар, со можност да се преземат мерки доколку постои било што сомнително. Затоа, ново законско решение во овој поглед не би имало логика, освен ако не е насочено и кон контрола на целите и конкретните активности на граѓанските организации за кои во сегашната легислатива нема голема можност за влијание. Од тонот, јазикот, неконкретноста и зачестеноста на најавите, може да се очекува дека некаков напреден демократски законски текст за балканска примена наскоро ќе ѝ биде доставен на фелата. Верувам, ако и штом биде обезбедено мнозинство во парламентот. 

Јане Димески е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.