1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестите во САД покажаа дека промени се можни

Михаел Книге
26 март 2018

Движењето „Марш за нашите животи“ веќе стана успешно и непроценливо, вели Михаел Книге. Тоа нѐ оттргна, нас возрасните, од летаргијата која прифаќа дека масовните убиства се нешто неизбежно.

https://p.dw.com/p/2uxqa
Washington  March For Our Lives David Hogg
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Watson

Минатото лето, тукушто преселен од Германија во Вашингтон, САД на моето ново работно место како дописник, со семејството отидовме да купуваме автомобил во еден локален салон. Го забележавме возилото кое ни се допаѓаше, а пријателски настроениот продавач не замоли да почекаме додека да ги соберат потребните документи. Во тој момент вооружен човек влезе во салонот. Јас и сопругата се „смрзнавме“ гледајќи како вооружен човек шеташе низ салонот во саботното попладне на периферијата на Вашингтон, но се обидовме да се преправаме дека тоа е нормално и дека не сме исплашени.
И другите муштерии го забележаа човекот, но и тие, како и ние, се преправаа дека тоа не е ништо невообичаено. Но нашиот 10-годишен син не. Тој не можеше да ги одвои очите од вооружениот човек, повеќе пати покажувајќи кон него. Тивко му укажавме дека е во право, но и да престане нападно да гледа кон него.

Кога продавачот конечно се врати со документите, тивко го информиравме дека вооружен човек се шета низ неговиот салон. Воздивна и со придушен глас ни рече дека знае и дека е огорчен поради тоа затоа што ги плаши сите муштерии, но не може да стори ништо затоа што Вирџинија е т. н. држава каде е дозволено отворено носење, и тоа значи дека луѓето смеат да шетаат со нивните пиштоли.

Подобра заштита од снег одошто од куршуми

Пред два дена училиштата во регионот на Вашингтон беа затворени откако властите оценија дека условите на патиштата се опасни поради снегот кој падна. Децата би можеле да бидат повредени.

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Снегот направи само лесна прекривка поради која во Германија никогаш не би биле затворени училиштата. Иако делува претерано претпазлива, се работи за политика која има за цел да заштити животи. Подобро да се спречи отколку да се лечи, како што вели поговорката.
Она што ми остави впечаток е дека учениците во САД се подобро заштитени од снег одошто од куршуми, како што покажа последниот напад во училиштето во Паркланд, Флорида. Но наместо да се реагира во однос на лесната достапност на оружје во САД како основна причина за насилството, тука е широко прифатена теоријата дека училиштата не смеат да бидат „меки цели“ и треба да бидат „засилени“ со повеќе луѓе со уште повеќе оружје за да се спречат масакри.

Можни се промени
И сето тоа ме носи до Маршот за нашите животи во Вашингтон, на кој присуствував. Да бидам искрен, бев скептичен дека тоа ќе промени што било, иако бев длабоко импресиониран од тоа како учениците од Паркланд одговорија на ужасниот масакр кој ја погоди нивната заедница. Тие го истакнаа вооруженото насилство како проблем на луциден и сеопфатен начин како никогаш порано. Уште поважно, тие не попуштаат во напорите да го апострофираат овој проблем секој ден.

Сепак, бев скептичен, затоа што, немајте дилема, влијателната Национална асоцијација на пушки и нејзините политички сојузници се навикнати да причекаат додека да спласне бесот поради оруженото насилство и потоа да продолжат со својата мисија чија цел е да ги претворат САД во општество на вооружени граѓани. И судејќи според нивните успешни напори да го прошират правото на носење оружје во многу држави, бележат добар напредок кон таа цел. 

Washington  March For Our Lives Protestmarsch
Стотици илјади луѓе протестираат во Вашингтон во саботатаФотографија: Getty Images/A. Wong

Но откако присуствував на „Маршот за нашите животи“, помалку сум песимистичен дека сериозните чекори кон контрола на оружјето се невозможни. Тоа не е само поради јасната стратегија на огромните маси кои маршираа во Вашингтон, имено, да се натераат политичарите кои се противат на контролата на оружјето да платат политички - да се сменат со гласање, како што гласаше популарниот извик на протестите.

Време за општествена промена

Но и поради тоа што масата собрана во Вашингтон и други градови претставува голем дел од општеството: семејства, средношколци и студенти, професионалци, пензионери, луѓе од различни раси и од различни делови на земјата. Сите тие делуваа убедени дека „Маршот за нашите животи“ не е завршна точка, туку само почеток на долга битка за побезбедна Америка.

Дали тој напор на крајот ќе успее останува да се види. Но она што младите луѓе од Паркланд и други деца ширум САД досега го постигнаа е веќе бесценето. Нашите деца нѐ грабнаа нас, таканаречените возрасни, за рамената и нѐ истресоа од нашата летаргија и самозадоволност која не тера да го прифатиме како нормално она што очигледно не е- имено дека слободата да се поседува и носи пиштол е поважно од животите на луѓето. Тоа е искривено чувство за слобода и искривено чувство за општество.

Повторувајќи го тоа непрекинато - јасно и гласно како што се случи во Вашингтон - е првиот чекор кон подобро општество. Затоа што, секако, не е нормално децата да умираат од оружено насилство во цивилизирано општество како САД.