Дејтонскиот договор денес е анахронизам
20 ноември 2015Дојче Веле: Дваесет години по потпишувањето на Дејтонскиот договор, состојбата во БиХ покажува дека мировниот договор станува главна пречка за зајакнување на државата и развој на демократски институции. Не можеше ли во 1995 година тоа да се предвиди?
Михаел Штајнер: Морате да ја имате предвид тогашната состојба. Главната цел на сите кои беа во Дејтон беше мир. И тоа во ситуација, во која меѓународната заедница се двоумеше да се ангажира во БиХ без волја и дозвола од сите страни. Значи, ни беше потребна согласност од сите страни за да се создадат предуслови за учество на меѓународната заедница во имплементација на мирот. Тоа беше своевиден хендикеп, тоа е точно. Да можевме да направиме поинаков Устав, сигурно би направиле некој кој би бил поефикасен и помалку компликуван. Но, меѓународната заедница не беше подготвена да ангажира копнени трупи.
Активно учествувавте во преговорите за изработка на Дејтонскиот договор. Дали, кога веќе се знаеше дека постои желба да се сочува заедничка држава БиХ, постоеше алтернатива да се заобиколи создавањето на два ентитети?
Вистинска алтернатива не постоеше. Тука имаше еден основен проблем. Постоеше длабока противречност меѓу она што страните сакаа да го остварат и она што делумно и денес го сакаат. Бошњаците сакаа да ја сочуваат целата држава, а тоа беше желба и на меѓународната заедница. Хрватите сакаа некое меѓурешение и голема автономија, додека Србите сакаа целосно да ја напуштат државата. Тие противречности моравме да ги надминеме. Истовремено, моравме да добиеме согласност од сите страни. Тоа резултираше со Дејтонскиот договор кој во таа ситуација и во тие околности беше единственото можно решение.
Формирањето на Република Српска и на Федерацијата БиХ ја цементираше етничката поделба. Како американскиот поседник Ричард Холбрук замислуваше тоа еден ден да се надмине?
Мислам дека Холбрук не гледаше поинаку на тоа од нас. Ние моравме практивно да делуваме и да се соочиме со реалноста. Алтернативата беше продолжение на конфликтот. Одлучувачки момент беше тој што меѓународната заедница, а тоа ни го сугерираше и босанската страна, имаше претстава дека кога оружјето ќе замолкне, кога ќе дојдат мир и демократија, дека работите некако сами ќе се развиваат во вистинска насока. Тоа, секако, беше грешка. Бев убеден дека наместо слабо цивилно присуство, во првите две години треба да направиме преодна управа со големи овластувања за меѓународната заедница. Размислувавме за протекторат, па дури потоа да преминеме на следниот чекор, организација на избори. Тоа ќе беше подобро и така и се покажа во последните 20 години. Значи, на почетокот требаше силно да се ангажираме, а дури потоа да им ја предадеме државата на управување на нејзините граѓани.
Што би сториле Вие лично кога би биле во позиција да одлучувате за БиХ?
Јас ја немам таа моќ да одлучувам, но сметам дека е во интерес и на Бошњаците и на Србите и Хрватите земјата да добие функционален Устав. Дејтонскиот договор беше средство за постигнување мир, бидејќи друго решение не беше можно. Денес тоа е анахронизам.
Господине Штајнер, кој според Вас потфрли во БиХ: меѓународната заедница, или самите Босанци?
Мислам дека секој носи одреден дел од одговорноста. Грешка беше да се фиксираме само на окончување на војната и со леснотија да го сфатиме т.н. постоперативно лекување, мислејќи дека ќе останеме една или две години во БиХ и потоа сѐ ќе биде во ред. Така се размислуваше. Доколку се земе предвид дека сите пари и целиот ангажман кој сепак уследи и трае со години, можеше да се употреби на почетокот за да дојде до коренити промени, денес би се отишло многу подалеку. Но постои и одговорност на луѓето во БиХ на сите страни. Морам да кажам дека доминацијата на националистичкиот начин на размислување беше посилна од чувството на одговорност за функционалноста на заедничката држава и тука лежи вината на луѓето во БиХ. Тука постоеја сили кои сакаа нешто сосема друго и кои се бранеа со раце и нозе од зачувување на заедничката држава. Имаше сили кои сакаа одмазда, постоеја криминални интереси. Не можете вината да и‘ ја припишете само на една страна. Сите заедно можевме многу повеќе да постигнеме, но Дејтон му стави крај на хоророт на војната.
Михаел Штајнер учествуваше во преговорите и изработката на Дејтонскиот договор. Во првите повоени години 1996/1997 ја вршеше функцијата прв заменик на високиот претставник во БиХ, Карл Билт. Беше советник на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, а од 2001 до 2003 година беше шеф на мисијата на ОН на Косово.