1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дилемите на СДСМ

Гордан Георгиев
14 мај 2019

На патот да направи „нешто“, на премиерот му пречат разно разни клиентелисти, дил ориентирани типови, некадарници од секаков вид и сој, шушкачи и хушкачи, гладни волци, неспособни и полуспособни, должници и доверители.

https://p.dw.com/p/3IU99
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Постои една втемелена перцепција, хранета и прихранувана од овде и од таму, околу природата и мисијата на двете најголеми партии во македонскиот етнички блок. Оваа перцепција, или поточно две дијаметрално спротивни перцепции, е најмногу споделувана во рамките на самите партии, помеѓу членовите и раководствата, додека непартиската јавност има малку увид во ова, или едноставно не се согласува со оваа перцепција. Таа делумно се темели на идеолошки изворишни точки, ферментирани уште пред деведесеттите години во зачадените задни соби на ресторанот „Ново Скопје“ во Берлин, како и низ разните „Кумровачки школи“ ширум бившата Југославија. А делумно е производ на настаните и премрежијата низ кои поминуваше младата македонска држава, растена и испилена на патериците на овие две расклатени и речиси непомирливи перцепции. Оваа перцепција, овој стереотип, ова вјерују, во главите на следбениците на овие две партии се оформува како raison d'etre, како смисла на постоењето и како мисија која треба да се исполни. Денес ќе зборуваме за СДСМ, а утре за ВМРО-ДПМНЕ.

Мантрата

Кај членовите и раководствата на СДСМ постои една постојано повторувана мантра, речиси судбинска одредница која гласи „ВМРО постојано ја растура државата, а нам (СДСМ) секогаш ни останува да ја оправаме“. Оваа мантра најчесто има и имала делотворно дејство кај СДСМ. Таа отсекогаш била природна брана од претераниот клиентелизам, создавала чувство на (прикриена) гордост кај членовите дека се дел од нешто што создава нешто, и честите незадоволства од (дневните) политики на партијата ефективно се амортизирале преку оваа мантра. Оваа теза била и еден вид на купување на мирната совест на СДСМ дека под товарот на големите и тешки одлуки всушност одработувала патриотска агенда. А токму недостатотокот на патриотска агенда е нешто за што СДСМ постојано е (најчесто неоправдано!) обвинуван од „природно патриотскиот“ политички противник. СДСМ, така оди матрата, никогаш јавно не се перчи премногу со патриотизмот, но во суштина прави дела кои се во интерес на државата и по таа екстензија во интерес и на Македонците. Кога ќе се расчисти трњето и троскотот, и кога ќе се погледне од високо, оваа констатација не е неточна. Но трњето е густо и боцка, а троскотот го замаглува погледот.

Дополнително на ова, отсекогаш важело дека СДСМ се „добри со странците“, кои пак се важен чинител во македонската недоправена манџа. Да се биде добар со странците е орден кој гордо го носите на реверот, но и товар кој постојано ви го подвиткува ‘рбетот. Оној што е добар со (стратешки добрите) странци ја има можноста да направи големи исчекори за сопствената држава, под услов дома да му е средена работата. Па сепак, две лубеници не се носат под една мишка. И затоа есапот со странците ретко излегува добар на (изборниот) пазар. Далечен е патот од кристалните лустери во Брисел до калта во Калиманци. Македонците (особено Македонците, делени и поделувани низ историјата) се природно скептични кон странците и нивните намери. СДСМ и ова последново го знаел, отсекогаш го знаел, и повторно одлучувал да оди по патот на разумот, долгорочниот просперитет и вербата дека работите во едно фрагилно општество мора да се решаваат по пат на компромиси, ако треба и пазарења, но пред сѐ по патот на мирот и стабилноста.

Дилемата

СДСМ денес е исправен пред сериозна дилема како да продолжи понатаму. СДСМ има премиер кој е номиниран за Нобелова награда, кој направи историски исчекори за интеграција на државата во НАТО, кој буквално одбра да си ја стави „главата в торба“, и кој истовремено се судира со домашниот есап на изборниот пазар т.е. извади скромен резултат на претседателските избори. Резултат кој, во контекст на следните парламентарни избори, не би можел да му овозможи мирен сон. Затоа, премиерот и раководството на СДСМ (оправдано) се одлучија да направат нешто. Од тоа „нешто" може да зависи изборниот резултат на следните избори. А доколку тоа нешто граѓаните го протолкуваат како „ништо“ или како полошо од претходното, тогаш изборната „закономерност“ (барем во Македонија) укажува дека ужасно тешко ќе биде да се победи на избори, а партијата би можела сериозно да се разјаде однатре (и за жал, не би ѝ било првпат).

На тој пат да направи „нешто“, на премиерот му пречат разно разни клиентелисти, дил ориентирани типови, некадарници од секаков вид и сој, шушкачи и хушкачи, гладни волци кои чекаат зад аголот, неспособни и полуспособни, должници и доверители. Не, најлесно е да се каже дека на премиерот му е најтешко. Тој и самиот е дел од системот кој се создавал со години, и кој не бил имун на рефлексијата на политичкиот противник („дајте да бидеме исти како ВМРО, тие знаат како да се грижат за своето членство“). Тој систем значи дека со оние со кои си решил да садиш тикви, или си бил принуден да садиш тикви, со нив ќе мораш да ги јадеш и корите од тиквите. Тешко е ослободувањето од спрегите на лојалност, братство, врски, бизнис релации, емотивни релации... иако и тие се потребни во политиката.

Други колумни од авторот:

Уживајте во политиката

Лижење на раните

Во изборот меѓу лојалистите и слободоумните, премиерот се одлучи за првите. И тоа е легитимно. Со нив ги помина најтешките моменти, како 27-ми април и објавувањето на бомбите. Не може да се каже дека сите лојалисти се неквалитетни кадри, тоа не е фер. И затоа пречи кога во јавноста претерано се потенцира дека оној кој доаѓа од партија е речиси по дефиниција неквалитетен, сервилен, полтрон, корумпиран. Таква нишка провејуваше и во предизборните настапи на Пендаровски и Силјановска, и тоа им е голем минус и на двајцата. Оваа перцепција дека партиите по својата суштина се збирштина на безрбетници е неточна или барем во еден дел неточна, и таа дополнително ги одвраќа квалитетните луѓе да им пристапат на партиите или пак ги тера постојано да се оградуваат дека „немаат врска со партијата“.

Групациите

Но перцепцијата е едно, а реалноста е друго. На патот до и од победата премиерот и лидерот на партијата мораше да прави и тешки компромиси (често и неразумни компромиси) кои веќе му тежат и се закануваат да го потопат бродот. Со кого ги правеше компромисите? Поделени се во неколку групи. Првата е ДУИ како веќе апсолвиран камен околу вратот во владата. Втората група е наречена „прибрани од немајкаде“, тоа се оние луѓе кои му носат проста бројка на гласачи или делуваат дека се нешто ново во политиката на партијата (непотизмот е главна одлика на овие луѓе, но и нивната вредност во општеството која се мери со промили). Третата група се невидливите фракции или потенцијалните фракции во партијата кои, како и во секоја голема партија, постојат и мора да се негуваат и појат. Четвртата група се „другарчињата“, разни бизнис партнери, локални функционери со кои долго се соработувало, пријатели и другари. Во политиката, секоја од овие групи е легитимна и носи и добри и лоши куфери со себе. 

Наспроти овие групации постојат и контра-групации: либерални кругови во СДСМ кои се постојано незадоволни од партијата и секогаш се борат за добро владеење наспроти привилегии, малкумина искрени идеолошки поддржувачи во партијата, Шарени и други надворешни либерали и/или радикали (неконтролабилни аналитичари и професори), и поддржувачи или членови кои сметаат дека преку партијата и преку доаѓање на власт ќе можат да ги креираат своите политики... И да, неброена армија на неопределени гласачи.

Изборот

Премиерот ќе треба да се одлучи на кои групи ќе се фокусира во претстојниот период за да може да ја оправда акцијата метла и да овозможи подобра позиција за СДСМ на наредните избори. Изборот не е лесен, бидејќи едната опција речиси целосно ја исклучува другата. Едните се влијателни внатре во партија, а другите се влијателни во јавноста и помеѓу неопределените. И иако изборот што би требало да го направи премиерот навидум е јасен за „непартиски просветлениот“ читател, битката е сосема неизвесна. Обично лидерите ја избираат првата опција и тука редовно грешат.

На крајот, само да ги потсетам членовите на СДСМ дека членовите на ВМРО на своја кожа ги осетија „оние кои знаеја да се грижат за своето членство". Повеќето такви „грижливи“ веќе се заминати. Некои со полни дисаѓи азно, некои по зандани, некои се по судските аули, некои испазарени за „виши цели“, а главниот е во Будимпешта.