1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дилот на Манафорт - црн ден за Трамп

Михаел Книге
15 септември 2018

Подготвеноста за соработка на поранешниот шеф на изборната кампања на американскиот претседател Трамп, Пол Манафорт, е голем триумф за специјалниот иследник Роберт Милер.

https://p.dw.com/p/34u21
USA - Ermittlungen zur Russland-Affäre - Paul Manafort
Фотографија: picture alliance/AP/P. Martinez Monsivais

Пол Манафорт беше досега најтврдиот орев за Роберт Милер. Специјалниот иследник за Русија бележеше успеси, меѓу нив и признанијата на вина од страна на важни соработници на американскиот претседател Доналд Трамп, како Мајкл Флин, Џорџ Пападопулос, Рик Гејтс и Мајкл Коен, но најголемата риба од Трамповиот предизборен базен, Пол Манафорт, не само што упорно одбиваше соработка, туку дури и постојано јавно го напаѓаше Милер и неговите иследници и ја оспори легитимноста на специјалниот иследник на суд,

Но, стратегијата на Манафорт не успеа. Судот ја потврди легитимноста на специјалниот иследник. Освен тоа, Манафорт во судски процес кој го обелодени неговиот стил на живеење на висока нога и дубиозните бизнис методи беше прогласен за виновен по осум точки од обвинението. Сега е соочен со долгогдишна затворска казна.

Скапоцените информации на Манафорт

Со оглед на оваа за него прва фатална пресуда, Манафорт сега, пред почетокот на втората судска постапка против него која беше закажана за понеделник, се одлучи за пресврт и сака да соработува со Милер. Тоа е голем успех за специјалниот иследник. Тоа е и јасен знак дека Милер е уверен оти Манафорт располага со важни информации кои во најмала рака ќе го расветлат она што го имаат изјавено останатите обвинети. Во меѓувреме, со оглед на внимателната работа на Милер, е познато дека тој не би се нафатил на ваков „дил“, доколку не е сигурен дека информациите на Манафорт се вредни.

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Вториот процес против Манафорт сега е откажан. Тој можеби ќе беше уште потежок отколку првиот, зашто во неговото средиште беше работата на Манафорт како лобист за странски клиенти, особено работата за и со украински официјални претставници. Непријавените и дубиозни лоби-врски во Украина се, се разбира, возбудливи за еден специјален иследник кој ги истражува можните врски на изборниот тим на Трамп со Русија, дури и ако тие досега не го допираат претседателот лично.

Прво Коен, потоа Манафорт

Трамп повеќепати го фалеше Манафорт поради неговото одбивање на соработка со Милер. Меѓутоа, сега, кога неговиот највисок соработник во изборната кампања ќе соработува со специјалниот иследник, притисокот врз Претседателот ќе се зголемува. Тоа не мора да значи дека Манафорт ќе му стави тежок товар на плеќите на поранешниот шеф, но такво нешто е можно, а тоа го покажува и случајот Коен. И тој беше верен член на тимот на Трамп и долго се спротивставуваше на соработка со Милер, за на крајот, под растечкиот судски притисок, сепак да соработува и да упати тешки обвинувања на сметка на Трамп.

Многу работи одат во прилог на тезата дека така би можело да биде и во случајот на Манафорт. Трамп на Твитер може да зборува колку сака за наводен „лов на вештерки“ - Милер стоички продолжува со работа и со својата истрага сѐ повеќе му се приближува на Претседателот.