Дилот со Турција полн отворени прашања
18 март 2016Литванската претседателка Далиа Грубаускаите е позната по своите остри коментари. Предлозите за соработка со Турција таа ги критикуваше како „исклучително комплицирани, многу тешко применливи и на работ на меѓународното право“. Навистина, постои толкава редица приговори, што е тешко да се верува во сериозен успех.
Почнувајќи од правните прашања: дали секој бегалец ќе има шанса за одделна проверка на неговото барање за азил? Зашто, паушални масовни протерувања не се дозволени. Ќе постапува ли Турција правилно кон останатите бегалци освен Сиријците, кои најрадо сите би ги протерала? ЕУ не смее да дозволи реадмисија во држави каде бегалците би биле прогонувани.
Во прашање се и практични тешкотии: може ли Грција да излезе на крај со обработката на барањата за азил, а пред се‘ со протерувањето на бегалците во Турција? Во моментов тоа не е многу изгледно. Европа во таков случај би требало да биде подготвена на многу грди сцени, кога можеби цели семејства би пружале огорчен отпор против принудувањето да ја напуштат Европа.
Постојат и други патишта кон Европа
Големо прашање е и кои земји би презеле сириски бегалци од Турција. Некои веќе однапред одмавнуваат. Ако сето остане на грбот само на неколку држави, како Германија, тоа нема да функционира. Германските граѓани ќе се ангажираат помалку од претходно, сугерираат најновите изборни резултати во покраинските избори.
За размислување е и фактот што при легалното прераспределување на бегалците во Европа станува збор за привремена мерка која опфаќа релативно мал број луѓе, 72.000. Но, ако на речиси три милиони сириски бегалци во Турција, не им се пружи оваа минимална шанса за легално патување, тие и натаму ќе се обидуваат да најдат илегални начини. Ако не преку грчките острови, тогаш преку копно.
Се заканува и вето на малата ЕУ-членка Кипар, од политички причини. Никозија може да го урне дилот, се‘ додека Турција не ја признае државата Кипар.
Наместо сириски, наскоро бегалци - турски Курди?
Тоа што на бројни ЕУ-држави не им е по волја проширувањето на пристапните преговори со турската влада, која идеолошки и политички засилено се оддалечува од Европа, можеби можат и да го надминат, знаејќи дека во догледно време нема шанса за полноправен прием на Турција во ЕУ.
Но, за многумина Европејци многу конкретна хорор-претстава е турското барање веќе ова лето речиси 80 милиони Турци да смеат да влезат во ЕУ без визи. Не е без основа идејата дека поради турскиот внатрешен конфликт со Курдите, милиони турски Курди би побарале азил во Европа.
Дури и ако се разјаснат сите овие прашања, би бил решен само дел од проблемот, а многу веројатно е да придојдат нови. Затоа, погрешно е што германската канцеларка Ангела Меркел полага толкави надежи во договорот со Турција. Австрија, Унгарија и други земји, кои заеднички ја затворија Балканската бегалска рута, сметаат дека со таа акција покажале оти Европа не мора да биде толку зависна од Турција.
Дилот со Турција значи дека Турција треба да го преземе од Европа валканиот дел од работата, да ги одврати и задржи бегалците и мигрантите од патување во Европа. Но, на крајот, ЕУ ќе треба сама да се погрижи за обезбедувањето на своите граници.