Ковачевски избран за мандатар на идната влада
27 декември 2021Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на вечерашниот Централен одбор на СДСМ ја доби довербата да биде мандатар на идната влада.
„За мене е огромна чест и одговорност што денес од ЦО на СДСМ ја добив довербата да бидам мандатар на идната Влада! Тоа е предизвик кој сум подготвен да го прифатам и посветено да работам за да ја оправдам довербата. Продолжуваме со седницата на ЦО за избор на ново раководство, како и нови членови на Централен и Извршен одбор на СДСМ“, објави Ковачевски на социјалните мрежи.
Тој најави дека партијата ќе се реорганизира. „СДСМ ќе се реорганизира, ќе продолжи да се демократизира и модернизира. Партијата е отворена за вклучување на нови луѓе кои ќе ги одликуваат знаењето, чесноста и посветеноста на социјалдемократските вредности“, порача Ковачевски.
Тој претходно изјави дека ќе предложи Извршен одбор во кој ќе бидат застапени 50 отсто жени и 50 отсто мажи за да се запази родовата еднаквост за која се залага Социјалдемократскиот сојуз. „33 отсто ќе бидат млади, што е исто така статутарна одредба и ќе бидат запазат сите плански региони во државата“, додаде Ковачевски.
Тој вели дека никогаш не ги дели кадрите на стари и нови, туку на оние што придонеле повеќе или помалку во развојот на партијата.
И поранешната потпретседателка на СДСМ, Сања Лукаревска, пред седницата на Централниот одбор, изјави дека сите партиски членови во моментов се потребни, како и дека вратите на партијата се отворени за нив. Таа најави дека ќе се формира посебно тело кое ќе се занимава со креирањата на нови политики, ставови и анализи.