Димитров во Берлин- обид да ги поправи односите со Германија
6 септември 2017Прва средба со германскиот колега Зигмар Габриел по доаѓањето на власт на новата влада во Македонија и серија состаноци со политички фактори во Берлин, го очекуваат шефот на македонската дипломатија Никола Димитров денеска во главниот германски град.
Односите меѓу Македонија и Германија последниве две години ја достигнаа најниската точка во нивната историја, а причините треба да се бараат во долготрајната политичка криза во земјата и особено во авторитарниот курс на владата на ВМРО-ДПМНЕ и некои потези и изјави на шефот на државата Ѓорге Иванов.
Според соопштението на македонското МНР, надежта е дека Димитров ќе успее да добие засилена поддршка од Германија за реформските приоритети на владата на Заев и секако за темпото со кое земјата сака да се движи кон интеграцијата во ЕУ и НАТО. Важна во тој поглед е и средбата со советникот на канцеларката Ангела Меркел за надворешна и безбедносна политика, Кристоф Хојзген кој се смета за влијателна фигура.
„Задоволителни" односи
Првата кулминација на надолниот тренд во односите се случи во јуни 2015. година, кога германското МНР ја спушти оценката за односите со Скопје на „задоволителни". Тоа беше прв отворен сигнал дека Германија не е задоволна од развојот на настаните во Македонија, а се случи неколку месеци по откривањето на скандалот со прислушкувањето.
Во следниот период следуваа и дузина други реакции од различни адреси во Германија во кои се изразуваше загриженост за земјата. Новата кулминација се случи во мај 2016. кога тогашниот шеф на дипломатијата Франк-Валтер Штајнмајер го именуваше искусниот дипломат и амбасадор во Виена, Јоханес Хајндл за специјален пратеник во Македонија. Именувањето имаше двојно значење: се испрати порака за интересот на Германија за мирна разврска на политичката криза во Македонија, но и за делумно незадоволство од дотогашните напори на Европската Комисија да посредува во кризата. Хајндл успеа со својата медијација да помогне во постигнувањето на договорот за спроведување на парламентарните избори во декемеври 2016.
Во изминатите две години посебна „улога" во македонско-германските односи секогаш имаше претседателот Ѓорге Иванов. „Фронтот" го отвори самиот Иванов, најпрво со интервју во тиражниот германски таблоид Билд во кое ја обвини ЕУ дека „25 години ја лаже Македонија", а ја критикуваше Германија дека одбива безбедносна соработка и размена на информации. Берлин не му остана должен на критиките, но вистинскиот удар дојде откако Иванов прогласи амнестија за вмешаните во скандалот со прислушкувањето. Критиките и притисокот беа големи сѐ додека тој не ја повлече одлуката. Финале на недоразбирањата беше остриот напад на Иванов врз германската амбасадорка во Скопје, Кристине Алтхаузер. Иванов ја обвини, сега веќе, поранешната амабасадорка дека „шири лажни вести" и оцени дека не е на задоволително дипломатско ниво. Официјален Берлин му одговори дека неговите изјави се неумесни.