Димитров до ВМРО-ДПМНЕ: Вие сте лажни патриоти
3 февруари 2021„За што ме обвинувате? Што не испорачав преговори по секоја цена? По цена на македонскиот јазик? За да можете да ја продавате тезата за предавство на националните интереси? Или пак мене ме обвинувате што соседна Бугарија го прекрши членот 2 од договорот, каде се обврза да ни помага во евроинтеграциите? Или ме обвинувате за самиот Договор?“. Со овие зборови вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров им се обрати на опозициските пратеници на денешната собраниска расправа, на чиј дневен ред е интерпелацијата поднесена против него. Расправата започна околу пладне, а треба да заврши најдоцна до полноќ. За евентуално изгласување недоверба на вицепремиерот, ВМРО-ДПМНЕ треба да обезбеди минимум 61 глас.
Димитров: Едвај чекате лоши вести
Димитров од собраниската говорница се осврна поединечно на секоја од причините што ги наведе ВМРО-ДПМНЕ во барањето за негова одговорност. „Ако навистина сакавте да го адресирате несреќниот развој на настаните кој настана од неевропското однесување на соседот, не требаше да правите токму од клучното прашање дневно-политички перформанси, туку требаше да се издигнете натпартиски и заеднички да настапуваме во она што би сакал да верувам дека ни е заедничка цел – остварување и на втората стратешка цел – отпочнување на пристапните преговори со ЕУ“, и порача тој на опозицијата.
-повеќе на темата: Димитров за „Стандард“: Тешко е да се разбере дали ЕУ е сериозна во однос на нас
Тој ги обвини, дека наместо тоа, опозицијата продолжила да бара излез од внатрепартискиот хаос преку рушење на Владата и тоа за позиции или одлуки на други држави или меѓународни организации.
„Едвај чекате лоши вести, а кога ги нема, ги измислувате. Малку ви беа демантите од Луксембург, си рековте дајте да ги мобилизираме и Данска и Холандија, со алузија дека дискретно го поддржувале ветото на Софија. За одлуките на трети држави виновна е македонската влада, но ако случајно има добра вест од надвор заслужни сте биле вие“, рече Димитров и додаде: „Па и тоа како да не беше доволно за пасионираните колекционери на деманти на вашите зборови, најдовте начин како и Словачка и Чешка да ве прозиваат дека вие ама баш никако не сте придонеле за нивната одлука да застанат на страната на европските принципи. Небаре демантите од земјите членки ви се ордени кои ги закачувате во Белата Палата, а не документиран резил од кој секој би се срамел“. Вицепремиерот и порача на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дека ако не ја сфати сериозноста во која се доведуваат и како личности, но и партијата и земјата, ќе останат само лажни патриоти кои за да дојдат на власт, би застапувале и антимакедонски ставови.
Фијаско на евроинтегративните процеси
Пред Димитров зборуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието, Александар Николоски, кој ги образложи аргументите за интерпелацијата на Никола Димитров. Тој рече дека интерпелацијата на Димитров е само првиот чекор од планот за рушење на парламентарното мнозинство. „Другите чекори ќе ги гледате во наредните недели“, најави тој. Во однос на интерпелацијата рече дека доаѓа по фијаското на евроинтегративните процеси, кое го дожиевало владејачкото мнозинство.
Според Николоски, за лошата ситуација на евроинтеграциски план, најголеми виновници се Зоран Заев и Никола Димитров, „бидејќи неколку години наназад ги лажат граѓаните дека земјата добила датум за почеток на преговори со Европската Унија, а реалноста е сосема поинаква. „Македонија не само што нема добиено конкретен датум, туку не се знае ниту дали воопшто ќе добие датум. Ова е огромен срам за државата и огромен неуспех на оваа Влада“, вели Николоски. Николоски потенцираше дека според извештајот на Транспаренси Интернешнл и рангирањето на Македонија на 111-то место по однос на корупција, земјата не може да очекува позитивни вибрации од ЕУ, бидејќи корупцијата не е составен дел од европските вредности.
-повеќе на темата: Индекс на корупција: С. Македонија продолжува да тапка во место
„Јавноста се манипулира со добивање на датум за почеток на преговорите со ЕУ. Димитров беше и министер додека се потпишуваше Договорот со Бугарија, додека ние предупредувавме, тогаш не убедуваа дека Договорот е добар. Нетранспарентноста на Димитров причина плус, за која што бараме интерпелација, изјави претходно во „Утрински брифинг“, Никола Мицевски координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација и против вицепремиерот за спречување корупција Љупчо Николовски и против министерот за правда Бојан Маричиќ. Причина за оваа интерпелација е падот што го забележа С. Македонија на листата на „Транспаренси“ за индексот на корупција.