1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема гарации за почеток на преговорите со ЕУ

ДТЗ
29 април 2021

Вицепремиерот Никола Димитров вели дека нема гаранции дека ќе започнат преговорите со ЕУ во јуни. Словачка смета дека С. Македонија и  Албанија треба заедно да почнат преговори со ЕУ.

https://p.dw.com/p/3slEj
Westbalkan Gipfel in London Nikola Dimitrov
Фотографија: Imago/A. Parsons

Разговорите за изнаоѓање решение за спорот со Бугарија и почеток на преговори со ЕУ, мора да продолжат, во спротивно и двете земји и ЕУ ќе бидат губитници. Ваква порака испрати денеска вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров. Тој е дециден дека не треба да се креваат раце од решавање на спорот со Бугарија.

„Или ќе бидеме сите губитници или ќе бидеме сите победници. Ние имаме многу што да изгубиме ако повторно нема почеток на преговорите и нема успех. Меѓутоа мислам дека и Бугарија има многу што да изгуби, бидејќи ја пропуштаме приликата и треба да ја вратиме, да имаме вистинско блиско партнерство и соработка“, вели Димитров.

-повеќе на темата: Стотина писма од Османи до политички адреси во ЕУ

Тој смета дека за време на португалското претседателство треба да се направи сѐ што може, поради што треба да се искористат сите шанси. Но, според Димитров, нема гаранции дека земјата ќе ги почне преговорите во јуни. „Нема гаранции, да бидеме реални. Не сакам ни надежта којзнае колку да ја поткревам. Мое е да го кревам влогот и да бидам што е можно поискрен и дома и надвор“, рече Димитров.

Radmila Sekerinska, Vertedigungsministerin, Nord-Mazedonien
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска смета дека е тешко да се бара решение за проблемот во ситуација кога речиси е извесно дека во наредните месеци со Бугарија ќе управува техничка владаФотографија: DW/P. Stojanovski

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска смета дека е тешко да се бара решение за проблемот во ситуација кога речиси е извесно дека во наредните месеци со Бугарија ќе управува техничка влада. „Искрена да бидам, не очекувам без партнер од другата страна и со техничка влада, можен пресврт во однос на односите со Бугарија за нашето членство во ЕУ. Но, она што треба да го правиме до јуни е да ги потсетуваме сите, оти ние нашите обврски ги исполнивме и очекуваме ист тип посветеност и доследност и од страна на ЕУ“, изјави Шекеринска.

-повеќе на темата: Позицијата на Софија кон Скопје останува иста

Словачкиот заменик-министер за надворешни работи Мартин Клус денеска го пренесе ставот дека Северна Македонија и Албанија треба заедно да почнат преговори со ЕУ. „Полесно е за двете држави и за нас, бидејќи полесно делиме искуства, вклучувајќи ги нашите во Словачка кои не се само позитивни. Верувам дека ако двете земји заедно почнат преговори, ќе ги видиме во ЕУ што поскоро. Ова е наша стратегиска цел“, изјави Клус.

Осврнувајќи се на нон-пејперот, кој стана актуелен изминатиов период во јавноста за менување на границите во регионот, Клус вели дека станува збор за многу лоша и опасна идеја, која воопшто не треба да се става на маса. „Добро е што не се знае авторот на нон-пејперот, бидејќи е многу опасна идеја. Веруваме дека треба да се фокусираме на позитивна агенда, а не на историски, јазични и билатерални прашања кога зборуваме за евроинтегративниот процес. Словачка е голем поддржувач на проширувањето на ЕУ, бидејќи не е само за овој регион, туку за нас. Будење на духовите од минатото, вклучувајќи промени на границите, не треба воопшто да се става на маса“, изјави Клус.