Нови 934 заразени со Ковид-19 и петмина починати
30 октомври 2020Продолжува трендот на се поголем број заразени со Ковид-19 во земјата. Дневната бројка на заразени се приближува до 1.000. Како што информира Министерството за здравство, во изминатите 24 часа се направени 2748 тестирања, а регистрирани се 934 нови случаи на Ковид-19. Починаа петмина пациенти во болнички услови во Скопје и Прилеп на возраст од 58 до 78 години.
Повторно најголем број од заболените се од главниот град Скопје - 420, по што следуваат Велес со 80 случаи, Тетово со 58, а најмал број на заразени последното деноноќие има во Пехчево, Валандово и Свети Николе каде има пријавено само по еден случај на Ковид-19.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 30.488, бројката на оздравени пациенти е 20.448, на починати е 982, а бројот на активни случаи изнесува 9.058.
Низ болниците во државата хоспитализирани се над 600 пациенти.