До каде ќе оди Путин?
15 март 2022Кога за Владимир Путин се вели дека „полудел“, се смета дека е исто така луд како што некогаш биле Сталин, Ленин или Мао: студени, пресметани моќници, фанатично водени од својата идеологија. Путин сака повторно да ја претвори Русија во велесила, без оглед која е цената за тоа. Тој ја следи оваа цел дури и против волјата на сопственото население и корумпираната елита која самиот си ја постави. Сите нив не само што ги изненади со нападот врз Украина, туку поранешниот агент на КГБ ги изневери и нивните интереси!
Затоа што Путин со својата војна го држи цел народ во Русија како заложник, принудувајќи го да ги сноси последиците од неговите злосторства. Последици кои ќе бидат повеќе од само економски колапс на земјата. Русија е во опасност да стане „отпадник“ во светот кон кој сите, глобално, ќе чувствуваат само презир. Омразата на Украинците кон сѐ што е руско расте со секој нов ден од војната. Враќањето кон диктатура, крај на руското отворање и модернизација, вртење грб на Европа – сето тоа е дел од идеолошкото лудило на Путин. Тој ја обожава наводната „руска посебност“ и бара и други да го прават истото.
Путин, големиот инквизитор
Ваквото мислење е ѓаволско и сосем спротивно на православното христијанство на кое Путин толку радо се повикува кога тоа му оди во прилог. Бидејќи, библискиот Бог забранува идолопоклонство уште во првата од десетте заповести. Наместо тоа, на секој човек му дарува слобода да чини добро. Но, токму таа слобода Путин сака да му ја земе на народот во Русија и Украина. Во таа смисла е ист како големиот инквизитор во „Браќа Карамазови“ од Достоевски, кој на крајот го обвинува дури и Бог дека направил грешка – бидејќи слободата не е за луѓето.
Русија би можела да ја поврати таа своја слобода и чест ако Путин ја загуби оваа војна. Но тоа би било и политички крај за него, што значи дека ќе стори сè за да не дојде до тоа, и затоа само ќе продолжи да ја поттикнува ескалацијата на борбите. Може да си го дозволи тоа, бидејќи знае дека само негова Русија има атомско оружје - Украина нема. Па сепак, мора да му биде непријатно при помислата дека неговите војници во Украина сè повеќе се прашуваат зошто Украинците ги нарекуваат фашисти? И зошто воопшто се борат против братскиот народ?
Украинците немаат ваков судир на совеста, бидејќи тие си ја бранат својата земја, својата татковина, жените, децата и старите. Со храброст измешана со очај, со подготвеност да ја понесат најголемата жртва, тие му се спротивставуваат на материјално помоќниот напаѓач. Украинскиот Давид му пркоси на рускиот Голијат.
Победа по цена на зависност од Кина
Но, дури и Путин да успее со мировни преговори да одземе дел од Украина, Русија со тоа нема да може да добие мир и на крајот да излезе како победник. Тој нема средства за трајно да ја окупира цела Украина. Путин ѝ ја затвори вратата на Русија кон Европа и слободниот свет. Така земјата ќе стане зависна од Кина. А тие пак, секогаш биле добри бизнисмени – тој голем народ е подготвен безмилосно да го ограбува богатството на Сибир, без разлика дали станува збор за нафта, гас, дрво или никел. На брзо растечката кинеска економија сето ова ѝ е потребно, и тоа што е можно поевтино.
Граѓаните на Русија мора да се освестат и соодветно да делуваат. Како? Тоа милиони Украинци им го покажуваат од ден во ден.