До работа во Германија преку Фејсбук?
9 јануари 2018Уште до пред некој месец Даниел Хорват возеше меѓународни автобуски линии, од Загреб па до каде треба, најчесто до Франкфурт. Зад воланот седел и по 12 часа без пауза, годишниот одмор бил научна фантастика, а платата-минималец плус дневници.
„Во оној момент кога одлучив да дигнам раце од сѐ кај нас, кога видов дека веќе нема смисла и дека можам подобро и повеќе, почна да огласувам преку групи на Фејсбук дека барам работа“, раскажува овој 29-годишник за ДВ. „Сѐ што дознав за заминувањето во Германија беше преку таа мрежа“.
Овие групи имаат најразлични имиња: Работа во Германија-Помош-Информации“; Работа и стан во Германија“ и сл. а имаат и по 50 илјади членови. Принципот е едноставен - секој член на групата може да праша или одговори на прашања на другите, а во врска со вработување, студирање, документи или пикантерии од секојдневниот живот.
Не е бордел сигурно
Тоа се места на кои се среќаваат луѓе кои очајнички сакаат да го напуштат просторот на поранешна Југославија, од една, и луѓе кои во тоа веќе успеале, од друга страна.
Таму се наоѓаат секакви „бисери“. На пример, „се бара женско лице до 35 години со ЕУ-документи за работа на шанк во бар во Розенхајм. Задолжително познавање на 'нашиот' јазик, германски не мора. Плата до 1.500 евра нето“. Не е бордел сигурно, пишува сопственикот.
Друг корисник нуди курсеви за негуватели на стари лица, една девојка од Зрењанин прашува како се врши спојување на семејство... се бараат градежници, ѕидари, се плаќа 11 евра по час...
Даниел Хорват вели дека во таа какофонија сепак имал среќа. „Еден човек - кој сега ми е колега - ми понуди да се јавам во фирмата во која тој работи, дека е сѐ стабилно и сигурно. Тоа и го сторив. Но секогаш кога нешто договарам или барам преку Фејсбук, добро го проверувам профилот и оценувам дали е лажен и дали се работи за вистинска понуда“.
„Таму луѓето сешто пишуваат, често се смеам и никогаш нема да ми биде јасно како нашите луѓе наседнуваат на некои финти?“, се прашува Хорват.
Даниел денес е зад воланот на приградските линии 85 и 86 кои возат низ идиличните хесенски села со комплицирани имиња, платата е пристојна, храната, вели, поевтина отколку во Загреб. „Сосема поинаква приказна“, вели тој.
Балканци мамат Балканци
Фејсбук е како Елдорадо за наоѓање работа. Но, треба да се биде многу внимателен. Повеќе соговорници на ДВ предупредуваат дека низ групите демнат измамници. Поставуваат лажни огласи за работа, а кога некој ќе загризе, преминуваат на испраќање директни пораки преку Фејсбук или телефон. Ветуваат „брда и долини“ за да извлечат неколку стотини евра од жртвата.
„Следејќи ги сите групи и коментари, сѐ уште не сум наишол на измама од германски работодавач - мамат само Балканците“, вели за ДВ Хасан Сејдиќ. Тој е познат во Сараево и регионот како координатор на Здружението на невработени. Сејдиќ ги предупредува оние кои бараат работа да се пазат од луѓе кои им бараат однапред да уплатат некоја сума пари. „Секогаш велам: Не уплаќајте ништо! Вистинска посредничка агенција зема пари од работодавачот“.
Верувајте на официјални информации
Немања Паниќ, програмер од Нови Сад, не се потпирал на социјалните мрежи и рекла-кажала, туку ги следел официјалните интернет страници од Германија и страниците на ДВ на српски на оваа тема. Паниќ е неколку години во Берлин, каде пишува и многу читан блог „Два куфери“ со основни информации за живот и работа во Германија. Зошто многу луѓе се подготвени да поверуваат во разни дезинформации и измами?, го прашуваме. „Очајот игра голема улога, за жал“, вели тој.
„Забележав дека луѓето на интернет пишуваат дека платите се четири, пет или шест илјади евра, но не споменуваат дека тоа е бруто износ“.
„Тоа е добра плата, но потоа имате такви кои се жалат дека државата им зема 40 проценти. Се прашувам дали некогаш слушнале тие луѓе за придонеси? Нивото на придонесите е всушност слично како и во Србија“.
Возачот на автобуси Хорват и натаму ја следи групата на Фејсбук која го довела до Германија, но сега од друга страна - дава совети и помага. „Треба да се размисли, никако да се одлучува на брзина. Така може добро да се помине“, вели тој. Еден од индикаторите за препознавање на измамниците, како и во секојдневниот живот, се нивните барања да им верувате на збор и да им дадете пари однапред.