Доаѓа најтешката зима - ќе се избегнат ли рестрикции?
22 јули 2022Во пресрет на зимата која што се очекува да биде особено тешка во услови на економска и енергетска криза, надлежните се надеваат дека ќе нема рестрикции, но се најавуваат бројни мерки со цел да се ублажат последиците од кризата.
„Очекуваме тешка зима“, вели министерот за економија, Крешник Бектеши. Министерството за економија планира во август да прогласи кризна состојба во делот на електричната енергија.„Ако се одвива се согласно планот и во случај да нема забрана на увоз на електрична енергија, како што сме имале во одредени периоди во минатото од страна на Бугарија, не верувам дека би имало рестрикции во нашата држава“, вели министерот.
Алтернативен енергенс
Ситуацијата е непредвидлива и зависи и од начинот како ќе се одвива војната во Украина. „Денеска добивме добри вести дека почнало да има снабдување со природен гас. Правиме напори да имаме алтернативи на снабдување со природен гас и во случај ако има целосна забрана, тогаш треба да користиме алтернативен енергенс со цел да работат топланите и индустриските капацитети, а и индустријата и домаќинствата да не останат без снабдување со електрична енергија“, рече Бектеши.
За таа намена веќе се набавува мазут, кој е единственото гориво на кое веднаш може да се префрлат топланите и индустриските капацитети. Во солунското пристаниште е стигнат брод со мазут за потребите на земјата.
„Правиме напори да обезбедиме природен гас од друг извор, освен од Газпром но тоа зависи од ослободувањето на капацитетите во Бугарија и договорот што го има Булгар трансгас со Газпром за закупување на сите капацитети до 2030 година.
Ако тие капацитети се ослободат од страна на Булгар трансгас ние сме подготвени да се снабдуваме со природен гас од други извори, вклучувајќи ги Азербејџан, но и енерџи терминалите, било тоа во Грција, било тоа во Турција“, истакна Бектеши.
Порача дека моменталната цена на електричната енергија на берзата ХУПЕКС е околу 420 евра за мегават час или речиси 10 пати поголема во споредба со цената од 48 евра за мегават час што ја нуди ЕСМ за домаќинствата и нагласи дека се очекува оти зимава ќе биде и околу 500 евра за мегават час. Се прават напори ЕСМ да ги обезбеди сите потреби на домаќинствата и на 67-те илјади микро и мали компании кои се на регулираниот пазар.
Зголемен ископ на јаглен
Третиот блок на РЕК Битола ќе биде ставен во функција на 1 октомври наместо на 15 ноември како што првично било планирано. РЕК Осломеј денеска ќе биде исклучен од системот за да се направат потребните ремонти и од септември да биде во функција, а следната недела ќе биде ставена во функција и една постројка во ТЕЦ Неготино. Можно е да се активира и втората постројка во ТЕЦ Неготино од околу 90 мегавати која ќе работи само за потребите на индустријата. Зголемен е и ископот на домашните капацитети за јаглен, а потпишани се и договори за континуирано снабдување со јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј со фирми од Грција и Албанија. Се очекува тоа да се направи и со фирма од Косово. Капацитетот на акумулациите е на ниво од 50 отсто што е за 20 отсто повисоко од лани, а хидро потенцијалите од почетокот на годинава се користат само за балансирање на системот и системски усогласувања, но не и за производство на електрична енергија. Се планира тоа да се прави до ноември со цел да се зачуваат капацитетите за зимата.