1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Договорена преодна влада за Судан

СН/агенции
5 јули 2019

Воениот совет и лидерите на протестното движење во Судан се договорија за условите за заедничка преодна влада. Претходно ќе биде спроведено ослободување на затвореници, на барање на опозицијата.

https://p.dw.com/p/3LcMy
Sudan Treffen zwischen Vertretern des Militärrats und der Demonstranten in Khartum
Фотографија: AFP/Getty Images/A. Shazly

Армиските генерали, кои владеат со Судан и челниците на опозицијата постигнаа договор за извршно тело, кое ќе раководи со процесот на транзиција. Како што соопшти претставник на Африканската унија, кој беше посредник во преговорите, Воениот совет кој управува со земјата и опозициската Алијанса за слобода и промени (АЛЦ) договориле наизменична контрола врз институцијата која ќе раководи во тригодишниот преоден период кон цивилна власт во земјата.

„Двете страни договорија воспоставување на суверен совет чие раководство ќе се менува меѓу војската и цивилите, во период од три години или малку повеќе“, изјави посредникот Мохамед Ел-Хацен Лебат. 

Тој објави детали за механизмите, кои ќе бидат користени, но според планот за транзиција кој го предложија посредниците, Африканската унија и Етиопија. Со „суверениот совет“ во првите 18 месеци би требало да претседава воено лице, а потоа позицијата да ја преземат цивили и да останат на неа до крајот на транзицискиот период.

Повеќе:

-Дали по пучот во Судан следи револуција?

-Воен удар во Судан

Благодарение на посредништвото, двете страни во Судан ги обновија преговорите во средата (03.07.), пред сѐ за раководењето со своевидната преодна влада. Преговорите се одвиваа во напрегната атмосфера, бидејќи војската на 3 јуни го растури кампот на демонстрантите пред генералштабот, при што страдаа десетици луѓе.

Протестното движење бара независна меѓународна истрага на тој инцидент, а генералите го отфрлија тоа бидејќи формираа сопствен истражен тим.

Omdurman Sudan Liberation Army Kämpfer Freilassung
Фотографија: AFP/A. Shazly

Инаку кратко пред објавувањето на постигнатиот договор за преодната влада, војската најави дека итно ќе спроведе ослободување на 235 затвореници - припадници на бунтовничка група, што беше предуслов на опозицијата за обновувањето на преговорите. 

Војската на почетокот на април по повеќемесечни протести на опозициското движење го собори од власт долгогодишниот претседател Омар ал-Башир. Протестното движење оттогаш бара предавање на власта на цивилна влада.