Долги разговори за Украина, напредок речиси нема
18 август 2014Кризната средба за конфликтот во Украина, што се одржа во Берлин, според германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер донесла благо приближување на ставовите на Москва и Киев. Штајнмајер по речиси петчасовната средба рече дека имал „тешки разговори“ со колегите од Русија, Украина и Франција - Сергеј Лавров, Павло Климкин и Лорен Фабиус. „Но, верувам и се надевам дека по одделни точки постигнавме напредок“, додаде Штајнмајер.
На средбата станало збор пред се‘ за наоѓање начин да се постигне прекин на огнот во источна Украина, рече шефот на германската дипломатија. Пред средбата тој предупреди од опасноста од директна конфронтација на украинските и руските воени сили на истокот на Украина. „Токму вестите од последните денови покажуваат дека може да биде и полошо“, рече тој.
Климкин: „Уште многу петчасовни средби“
И украинскиот министер за надворешни работи по средбата во Берлин зборуваше за пет часа тешки разговори“. За да се постигне напредок, меѓутоа „потребни се уште многу петчасовни средби“, нагласи Климкин. Тој во предвечерјето на разговорите во Берлин од ЕУ и НАТО побара воена поддршка. „Кога ваква помош би дошла, за нашите трупи би било полесно да дејствуваат на терен“, изјави тој во интервју за радиото Дојчландфунк.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров средбата ја напушти без коментар. Резултатите од средбата во Берлин сега треба да бидат разгледани од страна на шефовите на држави или влади на четирите земји. На почетокот на неделава треба да се донесе одлука дали разговори од овој тип ќе има и натаму.
Тешки борби
Пред и за време на одржувањето на средбата во Берлин, борбите во источна Украина се одвиваа со еднаква жестокост. Проруските сепаратисти во близина на Луганск соборија борбен авион од типот МиГ-29. Портпарол на украинската армија изјави дека пилотот се спасил и дека е на безбедно. Бунтовниците тврдат дека е соборен и втор борбен авион. На копно, украинската армија во текот на вчерашниот ден водеше тешки борби со сепаратистите.
И натаму е нејасно кога конвојот со руска хуманитарна помош може да тргне за регионот каде што се водат борби. Раководствата во Киев и Москва постигнаа темелна согласност околу инспекцијата на рускиот конвој, но местото Каменск-Шахтински, каде од четвртокот (15.08) се паркирани околу 280 камиони, досега го напуштија само 16 возила со хуманитарна помош. Климкин изјави дека Украина не го одбива рускиот хуманитарен конвој, но Москва мора на граница да ја предаде контролата над колоната комплетно во рацете на Црвениот крст. Камионите пред да ја минат границата мора да бидат прегледани. Претставник на ОБСЕ соопшти дека контролата ќе почне на почетокот на неделава. Освен тоа, украинската влада мора да даде согласност и за премин на камионите преку граница, а Црвениот крст има потреба и од безбедносни гаранции за транспорт на помошта во регионот на борби.