Доналд Трамп - големиот повлекувач
11 јуни 2018Понекогаш е подобро да се тргне завојот од отворената рана. Со повлекувањето од претходно договорената заедничка изјава од самитот на Г7, претседателот на САД Доналд Трамп го стори токму тоа.
Во својот твит, тој го обвини канадскиот премиер Џастин Трудо за давање лажни изјави на прес-конференцијата и соопшти дека „им кажал на американските претставници да не ја потпишуваат изјавата“.
Доколку навистина се повлече од договорот, тоа нема да биде неговото прво повлекување. Всушност, Трамп е господар на повлекувањата. Се повлече од Парискиот климатски договор, Иранскиот нуклеарен договор, Транс-пацифичкото партнерство, и од УНЕСКО, да споменеме неколку. И во споредба со Договорот за Иран, директните последици од ова повлекување ќе бидат мали затоа што документот е необврзувачки. Но симболичната штета ќе биде огромна. Тоа ќе биде првпат земјите на Г7 да не можат да се договорот за заедничка изјава.
Но, веројатно е и подобро така, наместо да се прават обиди да се надминат фундаменталните судири кои всушност не можат да се надминат. Присуството на Трамп во Квебек уште еднаш јасно стави до знаење каков е неговиот однос кон најблиските сојузници на САД и кон поствоениот меѓународен поредок, во чија изградба Вашингтон имаше главна улога: ич не му е гајле. Дополнително, тој активно се обидува да го наруши и да го поткопа.
Заедничката изјава само ќе го ублажеше ударот затоа што таквата изјава претпоставува дека сите потписници споделуваат верба во „слободна, фер и заемно корисна трговија“, и се залага за борба против протекционизмот. Тоа едноставно не е точно.
А страстниот протекционист Доналд Трамп јасно стави до знаење на самитот дека без разлика што ќе биде наведено во завршниот документ, тој нема намера да отстапи од својата чисто трансакциска и нулта политика „Америка на прво место“, која длабоко ги подели САД со нивните сојузници.
Таканаречени сојузници
Дека овој претседател навистина не ја сфаќа важноста на трансатлантските врски и традиционалниот поредок беше апострофирано и од информациите дека неговиот тим одбил во завршната изјава да се спомене вообичаената фраза „меѓународен поредок базиран врз правила“, и дека Трамп во повеќе наврати ги нарекувал партнерите „таканаречени сојузници“.
Иако останатите шест земји, како што се очекуваше, не успеаја да ги скротат протекционистичките импулси на Трамп и да го натераат да ги укине тарифите, важно беше тоа што тие останаа на својот став. Тоа не го решава проблемот, но попуштањето само ќе го окуражи Трамп да бара повеќе. Дополнително, важно е Европејците барем да се обидат да го одбранат правниот меѓународен поредок додека Вашингтон се врати во нормала.
Тоа можеби ќе потрае, но и не мора. Сметката за Трамп би можела да пристигне веќе наесен кога Американците ќе гласаат на изборите за Конгресот и Сенатот. Доколку Републиканците го загубат конгресното мнозинство во еден или обата домови, новиот Конгрес би можел да ги запре опасните протекционистички трговски политики на Трамп.
Тоа е така затоа што Конгресот, кој во американскиот политички систем е задолжен за трговија, му ги препушти тие права на претседателот. Но, како што ги даде, така може да си ги земе и назад. И најдобро би било крајот на вулгарната протекционистичка политика на Трамп да дојде токму преку гласање на Американците. Конечно, тие самите го предизвикаа овој хаос бирајќи го на функцијата.