1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд Трамп- гробар на слободната трговија?

Хенрик Беме
22 ноември 2016

Судејќи според последните најави, Доналд Трамп планира заканите за слободната трговија од изборната кампања да ги преточи во дела. Но токму во ваквиот развој се кријат и шанси, смета Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/2T2x5
Taiwan Kaohsiung Taifun Meranti umgestürzte Container
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. B. Tongo

Кога деновиве, сѐ едно каде во светот, се среќаават шефови на држави или на влади, секогаш во фокусот е  еден човек, кој воопшто не е присутен на средбите (засега): Доналд Трамп кој во јануари ќе стапи на функцијата 45. претседател на Соединетите Американски Држави. И притоа не недостасуваат совети за милијардерот. Така беше и на викендот, на самитот на Азиско-пацифичката економска заедница (АПЕК) во Лима.

Таму домаќинот, претседателот на Перу, Педро Пабло Кучински го предупреди новоизбраниот претседател на САД од изолација на пазарите и се заложи за слободна трговија. Но сите во неговата земја не го мислат истото. Имено, во средината на минатата недела имаше насилни протести против договорот за слободна трговија ТПП. Овој во меѓувреме усвоен договор за „Транспацифичко партнерство“, меѓу другото мора да биде уште усвоен од парламентот во Лима. Критичарите го оспоруваат тоа, и поради фактот дека за договорот се преговараше зад затворени врати. Токму такви тонови можат да се чујат и во Европа, кога станува збор за договорот за слободна трговија кој имаат намера да го склучат ЕУ и САД: ТТИП.

За сите противници на ваквите договори сега на повидок се подобри времиња. Имено, Доналд Трамп за време на неговата изборна кампања не се замори во повторувањето на неговата позиција. Слободната трговија за него „како академска приредба е благородна работа“, но во реалноста се одвива „трговска војна со Кина“. За соодветниот договор со Канада и Мексико (НАФТА) мора одново да се преговара, ТПП да се раскине , а со ТТИП воопшто да не се почне. И бидејќи Кинезите (и Мексиканците) и онака се виновни за сета беда, тие ќе бидат казнети со драстични царини.

Противници на глобализацијата од целиот свет, обединете се - зад овој човек!

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

За жал, работата не е толку едноставна

Со ред. Дури и Доналд Трамп не може од денеска до утре да прогласи крај на глобализацијата и расплеткување на светската трговија. Протекционизмот и изолационизмот ќе го турнат светот во длабока рецесија. И неговите советници некогаш ќе му потшепнат дека казнените царини - да речеме од 35 насто - на увозот од Кина, значително ќе ги поскапат соодветните производи. Кој ќе биде најмногу погоден? Точно, луѓето, кои нема да можат да си ги дозволат скапите производи. Неговите советници веројатно исто така ќе му кажат и дека ТПП е договор за слободна трговија на кој се гледа како на противтежа на доминантната кинеска трговска политика, зашто Кина не учествува во ТПП. Ако ТПП не стапи во сила, Кинезите од своја страна би можеле да се обидат да го форсираат сопствениот договор наречен РЦЕП, кој е планиран без учество на САД. И оној кој, како Трамп, сака да ги зголеми царините, неминовно мора да излезе од заедницата АПЕК, зашто нејзина декларирана цел е укинување на царините и останатите трговски бариери.

Колку е светот комплициран

Самиот одговор на прашањето, дали слободната трговија односно глобализацијата е одговорна за загубата на работни места во индустриски развиените држави никогаш не гласи да или не. Кога евтин челик веќе не се произведува во Дуизбург или во Питсбург, туку некаде во Кина, работниците во Дуизбург или Питсбург ги губат работните места. Но задача е на владите на луѓето да им понудат перспектива за иднината, преку наобразба, квалификација, смислена структурна промена. Не е слободната трговија таа која го менува работниот свет, туку технолошките промени. Сѐ повеќе работни места се префрлуваат од индустријата во услужниот сектор. (Во Германија овој тренд на деиндустријализација всушност не е толку силен, а другите, како Британците на пример, го препознаа тоа и во меѓувреме говорат за ренесанса на индустријата).

Но бидејќи сега кружи страв од противникот на слободната трговија Трамп и бидејќи доколку неговите планови би биле спроведени во дела, светот прво би го турнале во трговска војна, а потоа во пропаст, еве еден поинаков план за новиот човек во Белата Куќа. Доста е од сите билатерални и регионални договори за слободна трговија (тоа му се допаѓа на Доналд Трамп). Зашто ваквите договори, сеедно дали се нарекуваат ТПП, ТТИП, НАФТА, имаат едно нешто заедничко: тие секогаш ги дискриминираат оние кои не се вклучени во нив. ТПП на пример Кинезите, РЦЕП на пример Американците. А сите заедно Африканците. Она што е потребно е светски договор за слободна трговија. И за тоа надлежната Светска трговска организација еднаш речиси постигна еден таков светски договор. Но од тоа не излезе ништо меѓу другото и поради тоа што приврзеникот на слободната трговија Барак Обама не се заложи вистински за тоа.

Значи, господине новоизбран претседателе, што велите за тоа? Можеби нема да биде доволно за Нобелова награда за мир, ама за нови работни места во САД во секој случај. А токму тоа е она што им го ветивте на вашите сонародници.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58