Донација за партијата на Меркел од БМВ
15 октомври 2013Германскиот Бундестаг на својата интернет страница објави дека на 9. окотомври во Христијанско-демократската партија (ЦДУ) пристигнала донација во висина од 230.000 евра од Јохана Квант и нејзините деца Штафан Квант и Сузане Клатен. Штефан Квант има 17,4 проценти во БМВ, Јохана Квант поседува 16,7 проценти, додека Сузане Клатен 12,6 проценти.
ЦДУ во Берлин нагласи дека самата партија ја пријавила донацијата во Бундестагот. Семејството Квант имено со години се вбројувало меѓу најважните поддржувачи на ЦДУ. Уште по изборите до 2009 година ЦДУ, според администрацијата на Бундестагот примила голема донација од сопствениците на БМВ, тогаш вкупно 450.000 евра.
Владата на Меркел ги закочи плановите за построги норми за издувните гасови
Паричниот трансфер предизвика внимание поради речиси паралелната политичка одлука за построги норми за издувните гасови за автомобилите во Европа. Германија вчера (14.10) спречи да се постигне согласност за тоа при средбата на 28. министри за екологија на ЕУ во Луксембург. Веќе пронајдениот компромис би требало повторно да се промени. Германскиот министер за животна средина Петер Алтмајер по седницата кажа дека ќе се заложи да биде пронајден консензус во наредните недели.
Германскиот производител на автомобили БМВ, кој произведува возила од висока класа би имал повеќе проблеми со граничната вредност (ЕУ сакаше до 2020 да биде воведена граница од 95 грама CO2 на километар) отколку нивните конкуренти од сегментот на помали автомобили. Токму затоа германската влада стравува од прекумерно оптоварување за домашната автомобилска бранша. Канцеларката Ангела Меркел уште изминаното лето блокадата ја образложи со индустриско-политички размислувања.
Критичарите препознаваат „купена политика“
Организацијата ЛобиКонтрол ја критикуваше големата донација од акционерите на БМВ. „Досега најголемата донација во изборната година 2013 доаѓа неполн месец по парламентарните избори. Тука се поставува прашањето, дали семејството Квант/ Клатен сакаше да ја држи својата поддршка екстра надвор од изборната кампања“, вели Кристина Деквирт од ЛобиКонтрол. Таа укажа на „временската близина“ со одлагањето на гласањето за вредностите на CO2 за автомобилите во ЕУ.
Помалку воздржано се произнесе Партијата на Левицата. Нејзиниот заменик претседател на парламентарната група Клаус Енрст говореше за „најекстеремен случај на купена политика за подолго време“. „БМВ ја држи Меркел во шака“, рече Ернст за „Лајпцигер Фолксцајтунг“. „Вака отворено никој не направил. Тука може да се замисли и парламентарен епилог“, изјави овој политичар од редовите на Партијата на Левицата.