1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Донбас на пат кон замрзнат конфликт

Инго Мантојфел/превод: Зоран Јордановски27 февруари 2015

Договорот Минск 2 нема во никој случај да го реши конфликтот во источна Украина, туку во најдобар случај ќе го замрзне. ЕУ мора да најде одговор за поголема криза, смета Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/1EikC
Фотографија: Reuters/G. Garanich

Претпазливо и скептично и Украина, согласно договорот од Минск, почна да го повлекува тешкото оружје од линијата на фронтот. Но, дури и да опстои кревкото примирје во Донбас, се’ уште не може да се зборува за крај на украинскиот конфликт. Оти, туке не е во прашање само Украина, туку ова многу повеќе е судир меѓу Путиновата Русија и ЕУ околу принципите на политичкиот поредок во Европа.

Горчлив факт е дека засега пропадна убавата идеја за заедничката европска куќа во која и Русија има свое место. Во големи делови на руското општество одамна длабоко навлезе антизападно настроение преку полувистини, лаги и теории на заговор на пропагандата од Кремљ. Но, шовинистичките пароли првенствено служат како централно средство за легитимирање на владеењето на Путин. Се’ едно дали Европејците сакаат да го сфатат тоа или не, но Европа повторно е поделена. А тој процеп, ни со спогодбите од Минск, нема толку бргу да се затвори.

Примирје под условите на Путин

Во Минск навистина германскиот канцелар и францускиот претседател успеаја да се изборат со Путин за примирје. Но, цената за ставање крај на крвопролевањето е висока: Путин за возврат од Меркел, Оланд и Порошенко го доби она, што всушност му беше цел од почетокот на кризата во Украина: право на глас за политичката иднина на Украина, признавање на руските интереси во пост-советскиот простор.

Оти, според спогодбите од Минск, Киев мора со уставна реформа да им даде поголема автономија на регионите. Она, што на хартија изгледа како фер и праведно решение, во реалноста во источна Украина ќе создаде региони верни на Москва. Во сепаратистичките подрачја навистина треба да бидат спроведени слободни избори, но тие се тешко замисливи со оглед на воените дејствија, многуте бегалци и широко распространетата недоверба на обете страни. Псевдо-гласањата на сепаратистите минатата година исто така покажаа какви сфаќања за демократијата имаат тие.

Ingo Mannteufel
Инго МантојфелФотографија: DW

Дури и под најповолната претпоставка дека примирјето во Донбас ќе опстои во наредниот период, може да се очекува дека прашањето за локалните избори ќе биде наредната спорна точка за страните во конфликтот. Ако на тој пункт заглави конфликтот во источна Украина, во Донбас ќе настане „замрзнат конфликт“. За руската политика такви „замрзнати конфликти“ се познат терен. Преку заменски (од друг насочувани, н.з.) структури можат во бескрајни дипломатски преговори умешно да се зачуваат руските интереси.

Момент на вистината за Европа и Русија

Погледнато во целост, спогодбите од Минск се стратегиска победа на Путин. Но, Минкс 2 е и тактички успех за него: прво, тие и’ ја одземаат динамиката на американско-британската дискусија за испорака на оружје на Киев - барем засега, и второ, Минск 2 веројатно е внесен во игра од дел од Европејците, кои и онака сакаат да ги повлечат санкциите против Русија.

Но, ако примирјето се одржи, Западот не смее да се врати кон нормалното секојдневие, како по руско-грузиската војна. Целосно е преурането за олабавување на притисокот од санкциите врз Русија. Ни од далеку не е исклучена можноста конфликтот во Украина напролет повторно насилно да се распламти. Оттука германскиот и францускиот министер за надворешни работи со право неодамна ги предупредија сепаратистите поддржувани од Русија во однос на евентуален напад врз украинскиот пристанишен град Мариупол.

Русија е на пат во криза

Уште повеќе: крајот на крвопролевањето во Донбас мора да го искористи ЕУ за конечно да креира некоја интелигентна и сеопфатна стратегија за односите со Путинова Русија. Наспроти руската пропаганда и неколку западни проценки, Русија не е напат назад кон руска империја со статус на светска сила. Руската надворешна политика несомнено има силни конфронтативни и агресивни црти. Но, поради чувството на опколеност, целта на Кремљ не е експанзија, туку зачаурување и обезбедување на статус кво.

Прекинатата модернизација на земјата во полза на одржувањето на Путин на власт ја води Русија директно во економска, социјална и потоа и во политичка криза. Тоа, пак, уште повеќе ќе ја засили непредвидливоста на руската надворешна политика. За започнатото „време на вируси“ на евроазискиот континент Западот мора да најде обмислен одговор, ако не сака да трча по настаните.