Донбас ќе има „многу ограничена самоуправа“
17 септември 2014Одредбите за специјалниот статус беа договорени во мировниот план поддржан од ЕУ, а потпишан на 05.09.2014 година со проруските сепаратисти и Москва. Тие вклучуваат широка автономија за регионите Луганск и Доњецк, во кои главно се зборува рускиот јазик. Овие региони заедно се познати како Донбас. Широката автономија е за привремен период од три години. За седумте милиони луѓе, кои живеат во оваа високоиндустријализирана област, тоа значи дека на седми декември ќе бидат одржани локални избори во конкретни општини, рускиот јазик ќе биде дозволен во државните институции и локалните совети ќе смеат да назначат локални судии и обвинители.
Друг закон за амнестија ги штити од кривично гонење „учесниците во настаните во регионите Доњецк и Луганск“ - што се однесува и на бунтовниците и на украинските владини трупи. Дојче веле разговараше со политичкиот аналитичар Аркадиј Мошес за ограничената самоуправа на регионот Донбас.
ДВ: Што точно значи „ограничената самоуправа“?
Аркадиј Мошес: Тоа и не е така едноставно прашање. Луѓето во одредени територии ќе бидат во можност да изберат владини функционери. Но, ова е навистина ограничена самоуправа.
Дали тоа ќе биде доволно за проруските сепаратисти во источна Украина?
Не, апсолутно не. За мене беше изненадувачко да видам дека во мировниот план од петти септември, на кој се обврзаа сите страни, оваа точка беше всушност прифатена од сите страни, бидејќи и самиот наслов на оригиналниот договор е дека тој е за привремен налог за локалната самоуправа во одредени општини во Доњецк и Луганс, а тоа е многу далеку од нивните очекувања и тврдењето дека тие би го изоделе целиот пат до формалната независност. Оттогаш слушнавме бројни изјави од бунтовниците дека тие нема да бидат задоволни со тоа. Затоа мислам дека овој закон, за жал, може да испадне нерелевантен, покрај фактот дека примирјето всушност и не се почитува. Конфликтот продолжува со помал интензитет, па ситуацијата и примирјето се многу кршливи“.
Дали сметате дека ова ќе води кон тоа сепаратистите да се охрабрат повеќе, па дури и да притиснат посилно?
Ситуацијата е експлозивна. Но, не сметам дека тие би можеле да притиснат послино во смисла да постигнат нешто повеќе. Нивните очекувања и нивните барања се квалитативно различни од количината на самоуправата што украинскиот парламент и украинските власти можат да им ги доделат ним, но исто така верувам дека евентуално ќе биде донесена одлука и во Москва, дали ова е прифатливо или не.
Изборите во овие региони се закажани за седми декември. Дали сметате дека ова може да доведе до зголемување на конфликтот меѓу Киев и оној што ќе биде избран на изборите?
Тоа зависи. Прерано е да се каже. Прво треба да видиме каков вид на парламент и каква влада ќе има во Киев по парламентарните избори во Украина на 26 октомври. Би рекол дека се’ уште има надеж дека откако ќе бидат избрани овие луѓе на седми декември ќе биде можно да се воведе барем некаков вид на дијалог меѓу нив и властите во Киев. Но, отсега има три месеци - се’ уште во голема мера се’ е непредвидливо.
Дали специјалниот статус на Донбас е позитивна или негативна работа за Русија?
Руските претставници се согласија со мировниот план од петти септември. Веројатно има конкретна причина зад фактот дека ова би можело да биде прифатливо за Русија. Алтернативата за Русија би била барем да преземе целосна одговорност за отцепената територија - да ја финансира, да испрати хуманитарна помош за луѓето да можат да ја преживеат зимата, наместо да ја дели одговорноста со украинските власти. Појасно кажано, имаше луѓе во Москва кои очекуваа дека ова ќе се случи - тие не можат да очекуваат ни ништо друго.
Зошто од страна на Украина е ставено ограничување од три години во овој закон?
Ова е многу тешко да се одговори. Веројатно од практична гледна точка - ова време изгледа доволно долго за локалните власти да можат да ја испланираат нивната иднина и да можат да работат, а не да обрнуваат внимание на непосредната грижа и да не бидат исплашени дека премногу скоро ќе го загубат самоуправувањето. Но, во исто време Украина веројатно не може да додели некој подолг период, бидејќи тогаш тоа ќе изгледа како договор со де факто непријателите во конфликтот, што веројатно е неприфатливо за која било политичка сила што може да биде во Киев.
Аркадиј Мошес е програмски директот за истражувачката програма на ЕУ за источното соседство и Русија во „Финскиот институт за меѓународни односи“, како и аналитичар за односите меѓу Русија и ЕУ и внатрешната и надворешна политика на Украина и Белорусија.